Регион
Вучиќ: На седницата на Советот за безбедност на ОН ќе им одговорам на оние што ги обвинуваат Србите дека се геноциден народ
Српскиот претседател Александар Вучиќ нема да учествува на самитот на лидерите на Западен Балкан и Европската Унија во Котор, Црна Гора, бидејќи ќе присуствува на седницата на Советот за безбедност на ОН за, како што рече, „да им одговори на оние што би ги обвинилe Србите дека се геноцидна нација“.
Пред заминувањето за Њујорк, Вучиќ во Белград се сретна со рускиот амбасадор Александар Боцан-Карченко, откога во понеделникот беше домаќин на шефот на дипломатијата на Украина, Дмитро Кулеба, кој беше во Србија во исто време со Олена Зеленска, сопругата на п0ретседателот на Украина.
Србија постојано ја осудува руската инвазија на Украина во Обединетите нации и други меѓународни форуми, но одбива да се приклучи на меѓународните санкции против Кремљ, пишува „Н1“.
На денешната средба со рускиот амбасадор, Вучиќ рече дека одржувањето на стабилноста во регионот е од витален интерес за Србија, но дека произволните потези и иницијативи на Приштина, како што е резолуцијата на Генералното собрание на ОН за Сребреница, не придонесуваат за процесот на помирување, градење доверба и соработката во регионот.
Во посета на Србија е и европскиот комесар за соседство и проширување, Оливер Вархељ, кој во понеделникот на заедничката прес-конференција со српскиот претседател, зборувајќи за резолуцијата за Сребреница, рече дека не се согласува со колективното казнување еден народ.
„Не се согласувам со ставот за колективна вина, не мислам дека стигматизирањето на српскиот народ и колективната вина е одржлив избор ниту, пак, ќе придонесе за надминување на ужасите од балканските војни“, рече Вархељ.
Резолуцијата со која се потсетува на геноцидот врз Бошњаците од Сребреница треба да биде претставена на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации во мај, а Вучиќ и претседателот на Република Српска, Милорад Додик, постојано укажуваа дека споменатата резолуција е обид за наметнуваат колективна вина на српскиот народ, а тие инсистираат на тоа дека немало геноцид во Сребреница, иако тоа беше потврдено со пресудите на Хашкиот трибунал.
Резолуцијата повикува да се воспостави 11 јули како меѓународен ден на сеќавање на жртвите на геноцидот во Сребреница, уште еднаш се осудуваат сите дејства со кои се величат сторителите на воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцидот, утврдени со пресудите на меѓународните судови. Ја нагласува важноста од завршување на потрагата по останките на преостанатите жртви, кои досега не се пронајдени, и повикува на продолжување на гонењето на сторителите на геноцидот, кои сѐ уште се на слобода.
Македонија е коспонзор на Резолуцијата за Сребреница. Претходно денес, претседателот на партијата Македонци во Србија, Горан Илијевски, испрати писмо до новата претседателка на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, да се огради од непромислената одлука на министерот за надворешни работи Бујар Османи и со тоа да ја поништи одлука за прогласување геноцид во Сребреница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
E-пошта со безбедносни закани во училиштата во Словенија: учениците итно евакуирани
Неколку основни и средни училишта низ Словенија денес добија е-пошта со безбедносни закани, а некои беа евакуирани како мерка на претпазливост, објави полицијата.
Главната полициска управа на Љубљана изјави дека реагирала веднаш по приемот на заканувачки пораки, собрала информации и ги спровела сите потребни мерки за да ја осигура безбедноста на учениците и персоналот, објави СТА.
Досега собраните податоци укажуваат дека станува збор за генерички закани, без конкретна оперативна опасност.
Полицијата процени дека ситуацијата носи мал ризик и дека нема потреба од дополнителен аларм.
Министерот за образование беше информиран за инцидентот, пишуваат медиумите.
Фото: депозитфотос
Регион
Германските медиуми: Без Србија, нема стабилност на Балканот; Брисел сè прави погрешно
Германските медиуми пишуваа за одлуката на српскиот претседател Александар Вучиќ дека нема да оди на самитот на ЕУ оваа година за да ги заштити интересите на својата земја.
„Берлинер Цајтунг“ истакна дека целосно ја разбира последната порака што Вучиќ ја испрати до ЕУ со тоа што не присуствува на самитот.
Сепак, како што се оценува во написот на германскиот весник, „Брисел ја игнорира клучната геополитичка реалност“.
„Западен Балкан не може да се стабилизира без Србија, а секако не против Србија. Никаков одржлив мировен поредок и никаква економска интеграција не се замисливи на Балканот без конструктивно учество на Белград. Со постојано фрустрирање на најважната земја во регионот, ЕУго прави токму спротивното од она што тврди дека го постигнува“, пишува „Берлинер Цајтунг“.
На крајот, овој германски медиум го презентира заклучокот:
„Наместо да извезува стабилност, неодлучноста на Брисел сее недоверба и создава опасен вакуум во моќта. Актери како Кина намерно ја експлоатираат оваа европска слабост. Празното столче на Србија на самитот во Брисел е повеќе од протест од една земја. Тоа е знак за неуспех на политиката што ризикува да го изгуби сопствениот двор од геополитичките ривали.“
Фото: депозитфотос
Регион
(Видео) Хаос и туркање во албанскиот парламент: драматични сцени во Тирана
Во албанскиот парламент денес избувна хаос кога пратениците од опозицијата запалија факели и фрлаа вода за време на седницата, а сето тоа поради спор околу корупцијата во владата, објави The Telegraph.
Драматични сцени од Тирана покажуваат како чад се шири низ салата додека пратениците се туркаат, а безбедносните сили се обидуваат да воспостават ред. Инцидентот е кулминација на неколкунеделните тензии во кои опозицијата ја обвини владата дека ги игнорира барањата за истрага за корупциските скандали што ја потресоа земјата.
🚨🇦🇱🔥‼️ BREAKING | FLARES IN PARLIAMENT: ALBANIA’S DEMOCRACY COLLAPSES LIVE ON CAMERA 🚨
What you are seeing is not a protest.
It is not “political theatre.”
It is a full institutional breakdown.Inside the Albanian Parliament, opposition MPs ignited flares, physically blocked… pic.twitter.com/OQvVXgGP1d
— Slavic Networks (@SlavicNetworks) December 18, 2025
Корупцијата е клучно политичко и социјално прашање во Албанија со години, а меѓународните институции и организации редовно предупредуваат за проблеми во судството, јавната администрација и системот за јавни набавки. И покрај реформите што официјално се започнати, особено во судството со поддршка на Европската Унија и САД, перцепцијата за широко распространета корупција останува силна кај јавноста.
Случаите во кои се вклучени високи државни функционери, градоначалници и луѓе блиски до владејачките структури привлекоа особено внимание, дополнително поткопувајќи ја довербата на граѓаните во институциите и политичкиот систем.

