Регион
Вучиќ: Следат големи притисоци поради Косово, ни треба силна влада
Српскиот претседател, Александар Вучиќ, изјави дека очекува големи притисоци по прашањето за решавање на косовскиот проблем и дека е важно Србија по изборите да добие силна влада, пренесува „Вечерње новости“.
Тој посочи дека притоа сигурно нема да ѝ биде лесно на државата, но нагласи дека ќе мора и Србија да се прашува во процесот.
„Сите имаат свои решенија, а нас уште никој ништо не нè прашал, како да не станува збор за наша земја и за нешто за што сме заинтересирани и ние и Албанците. Богами, ќе мора да нè прашате и нас што сме оттука и што живееме тука“, истакна тој.
Вучиќ рече дека не може и да се постапува неодговорно и да се вели „многу сме јаки и сите ќе ги згазиме“.
„Ние ли ќе згазиме и ќе победиме кога нешто ќе ви речат заедно Германија, Русија, САД. Дајте луѓе, запрете. Мора да се обидеме низ иглени уши да протнеме дел од нашите барања и да видиме што можеме да добиеме и да се бориме да ги зачуваме мирот и иднината“, рече тој.
Вучиќ додаде дека Србите на Косово го разбираат тоа и не велат дека луѓето на власт се предавници, туку дека тоа го кажуваат од кафеаните зашто тоа е многу полесно, а одговорност нема.
„Прашањето е премногу сериозно и тешко, и во следните шест месеци и во наредните години ќе биде клучно политичко прашање“, посочи тој.
Вучиќ повтори дека Белград е секогаш подготвен за разговори, но дека Косово мора прво да ги укине таксите. Според него, Белград може да ја прекине кампањата за повлекување на признавањето на Косово, но само ако Приштина ја прекине кампањата за влез во меѓународните организации.
„Тоа им го нудев изминатите години за да немаме зла крв, за да ги заштитам луѓето и таа зла крв да не се одмазди никаде. Секогаш се трудев да добиеме што повеќе на мирен начин, но унилатерално не можеме ништо“, додаде тој.
Вучиќ потсети дека најмоќните земји од ЕУ ја признале косовската независност и дека ни Франција, ни Германија, ни Италија како ни САД нема да го сменат ставот по тоа прашање, така што нема смисла да ги лаже граѓаните дека такво нешто ќе се случи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Дијана Хрка го прекина штрајкот со глад
Дијана Хрка, мајката на Стефан Хрка, кој почина при падот на натстрешницата во Нови Сад, денес изјави дека го прекинува штрајкот со глад, кој го почна на 2 ноември.
Во изјава за новинарите, таа рече дека ќе остане пред српскиот парламент, како и дека ќе ги повика студентите од блокадата на разговор, со цел да се договорат за понатамошните чекори.
Таа изјави дека добила благослов од свештеникот и покана од медицинските работници да го прекине штрајкот со глад и додаде дека на сите им треба повеќе жива и затоа донела таква одлука, пренесе „Политика“.
Во своето обраќање до медиумите, Дијана Хрка објасни зошто не ја сака опозицијата.
„И ќе кажам зошто не ја сакам опозицијата. Кога Ѓилас беше на власт, сопругот на сестра ми беше убиен. Фрлија крвав ранец пред нејзините нозе и и’ рекоа: “Имаш деца’. Мислам дека доволно кажав за опозицијата.“
„И нека ме поправи некој и каже дека лажам, ќе дојдам и ќе им дадам докази. Во тоа време, сестрата имаше три мали деца, дури и едно од нив не одеше ни на училиште. Треба да ја сакам опозицијата, позицијата, никого. Не сакам никого. Не сметајте дека никакво обележје околу мене е мое“, додаде.
Регион
Германија: Полицијата пукала во 12-годишно девојче од Србија во домот на мајка ѝ која го загубила старателството
Девојчето (12), кое има српско државјанство и кое беше рането во Германија кога полицаец пукаше во неа, се наоѓа во тешка, но стабилна состојба. Девојчето беше застрелано ноќта меѓу неделата и понеделникот во градот Бохум, во станот на неговата мајка.
По девојчето, кое има и државјанство на Србија, претходно трагала полицијата откако исчезнало од дом во којшто било сместено бидејќи мајката му била лишена од старателството.
Бидејќи тоа не бил првпат девојчето да го напушти домот, полицијата се посомневала дека отишло кај мајката си во Бохум, па таму била испратена патрола. Полицијата пристигнала на адресата околу 00:30 часот и наводно повеќепати ѕвонела и тропала на врата на мајката, која е глува, исто како и нејзината ќерка.
По еден час обиди да ја алармираат мајката, довеле домар за да ја отвори вратата. Меѓутоа, мајката тогаш отклучила и полицајците го виделе девојчето како трча низ ходникот во правец кон собата.
Тогаш, според тврдењата на полицијата, девојчето зело ножеви и ги нападнало.
„Во понеделник, 17 ноември, 12-годишно девојче кое беше исчезнато ги нападна полициските службеници со два ножа, што резултираше со употреба на огнено оружје. Девојчето задоби тешки повреди и беше пренесено во болница. Полицијата од Есен, под надзор на јавниот обвинител од Бохум, ја презеде истрагата“, наведуваат од полицијата.
Германските медиуми претходно објавија дека застреланото девојче е глуво и дека е дијабетичар – зависно од инсулин. Полицијата не потврди дека боледува од дијабетес, но во соопштението истакна дека било зависно од лекови кои можеби не ги земало подолго време, и наведе дека претходно било пријавено нејзиното исчезнување.
„Девојчето последен пат било видено претходниот ден и било пријавено исчезнато. Нејзината мајка претходно го загубила старателството и правото да го одредува местото на престој на 12-годишното девојче, кое е болно и глуво“, истакнаа од полицијата.
Тие додадоа дека полицајците кои отишле до станот на мајката слушнале шум внатре, но никој не им ја отворил вратата.
„Пред да пристигне браварската екипа, мајката околу 01:30 часот ја отвори вратата на полицајците. Додека ја проверуваа ситуацијата и го пребаруваа станот, полицајците наидоа на 12-годишното девојче кое им се приближуваше со два ножа во рацете. Според првичните наоди, полицајците истовремено употребиле и електрошокер и огнено оружје за да се одбранат од потенцијален напад со нож. Полицајците укажале прва помош додека не пристигнале итната помош и лекарите. Итниот лекар го превезол девојчето во блиската болница, каде што моментално се наоѓа на интензивна нега. Истата ноќ, одделот за убиства на полицијата од Есен ја презеде истрагата под надзор на јавниот обвинител од Бохум“, наведоа од полицијата.
(stern.de)
Регион
Албанија со торта во Брисел го прослави отворањето на последниот преговарачки кластер со ЕУ
Албанија со торта во Брисел го прослави отворањето на последниот од вкупно шест преговарачки кластери со ЕУ.
„Го отворивме последното кластер-поглавје од преговорите со Европската унија, поставувајќи апсолутен рекорд во процесите на европската интеграција со отворање на сите поглавја за само 14 месеци. Сега следува завршување на преговорите до 2027 година, согласно Заедничкиот план со Европската комисија“, соопшти премиерот на Албанија, Еди Рама.
Албанија е земјата што најбрзо напредува во пристапните преговори. Според новата методологија на пристапните преговори, 35 преговарачки поглавја се поделени во шест тематски единици, шест кластери. Преговорите повеќе не се отвораат во поединечни поглавја, туку во кластери, што не е случај со затворањето, каде што секое поединечно поглавје сè уште се затвора одделно.
По отворањето на сите кластери за преговори, следниот чекор е да се исполнат привремените критериуми во основниот кластер, кој ги опфаќа правдата и внатрешните работи, што е услов за затворање на другите поглавја од преговорите. Албанската влада си постави цел да ги заврши пристапните преговори до крајот на 2027 година.

