Регион
Вучиќ: Ќе ги преиспитаме сите смртни случаи поврзани со Ковид-19
Српскиот претседател, Александар Вучиќ, денеска објави дека здравствените власти ќе ги разгледаат сите смртни случаи поврзани со коронавирусот коментирајќи ги сомнежите за веродостојноста на податоците за бројот на починати пријавени за време на пандемијата.
„Србија ќе направи целосна ревизија за секој смртен случај, за секој човек, за да видиме како навистина изгледа ситуацијата. Клиничките работници ќе го сторат тоа“, рече Вучиќ за време на посетата на градилиштето на ковид-болница во близина на Белград.
Претседателот ова го кажа како одговор на новинарско прашање за изјавата на епидемиологот Предраг Кон дека од март до јуни имало повеќе смртни случаи отколку што покажал системот.
„Државата не ги криеше податоците за бројот на смртни случаи“, изјави Вучиќ оценувајќи дека не верува оти по контролта, ќе има многу големи разлики.
Епидемиологот Предраг Кон, член на кризниот штаб, претходно рече дека штабот ги доставил сите информации што ги имал, дека ништо не е скриено и дека за разликата во бројот на смртни случаи од оние што се официјално пријавени одговорни се информатичарите што внеле неточни податоци.
Според најновиот пресек од 30 септември во 15 часот, Србија официјално пријави 1.134.239 тестирани, 33.551 регистриран случај на Ковид-19 и 749 смртни случаи, со стапка на смртност од 2,23 процента.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Куче открило дрога во вредност од 1,7 милиони евра
Со помош на кучето-душкач Мезкал на крајбрежната служба на Грција во камион што со траект од Италија пристигнал на пристаништето во грчкиот град Патра, биле откриени над 44 килограми кокаин и 134 килограми канабис во вредност од 1,7 милиони евра, за што уапсени се две лица.
Како што соопштија од крајбрежната служба на Грција, при контрола извршена од припадници на Регионалната единица за борба против дрога на пристаништето во Патра на товарно возило (со полуприколка) управувано од 49-годишен грчки државјанин и „по индикација од службеното куче за детекција на наркотични супстанции на Крајбрежната стража „Мезкал“, во кабината на возачот беа пронајдени внимателно скриени 20 пластични пакувања со кокаин, со вкупна бруто-тежина од 22,693 килограми“.
При понатамошна контрола, во товарниот простор на полуприколката биле пронајдени 163 пластични пакувања со необработен канабис со вкупна бруто-тежина од 133,669 килограми, како и уште 20 пластични пакувања со кокаин, со вкупна бруто-тежина од 21,942 килограми.
За дрогата бил уапсен возачот на камионот, како и уште едно лице, грчки државјанин кој требало да преземе дел од наведените наркотични супстанции.
Регион
Големиот пожар во Нови Пазар локализиран
Локализиран е пожарот што избувна ноќеска околу два часот по полноќ во Нови Пазар и зафати неколку магацини на текстилна компанија и деловни простории, соопшти попладнево МВР на Србија.
Како што наведува МВР на Србија во соопштение, во пожарот нема повредени, а истрагата е во тек.
Во гаснењето на пожарот учествувале 59 пожарникари-спасувачи со 19 противпожарни возила од Нови Пазар, Тутин, Сјеница, Ивањица, Крагуевац, Чачак, Рашка и Краљево, членови на Доброволното противпожарно друштво на Нови Пазар и Јавното комунално претпријатие во овој град, додека полицајците од Нови Пазар го обезбедувале местото на пожарот.
Командантот на противпожарно-спасувачката единица на Нови Пазар изјави дека станува збор за најголемиот пожар што некогаш го погодил Нови Пазар, а дека материјалната штета е огромна.
На граѓаните во Нови Пазар им се препорачува да бидат внимателни, да го избегнуваат подрачјето зафатено од пожарот и да ги следат официјалните информации. Надлежните служби остануваат на терен додека пожарот не биде целосно изгаснат и ситуацијата не биде прогласена за безбедна.
Регион
Крвава ноќ во Калуѓерица, маж по расправија со девојка се прободел со кујнски нож
Д.Г. (40) се повредил со нож во пределот на стомакот по расправија со девојка. Инцидентот се случил во белградската населба Калуѓерица, по што повредениот бил пренесен во Ургентниот центар.
По жестока расправија со девојка, во белградската населба Калуѓерица се случил инцидент кога Д.Г. (40) си забодел кујнски нож во стомакот. Повредениот маж веднаш бил пренесен со возило на брза помош во Ургентниот центар, каде што добил итна медицинска помош.
Инцидентот се случил пред две ноќи, а припадници на полицијата веднаш излегле на местото на настанот и ги испрашале момчето и девојчето кои биле присутни во куќата во моментот на инцидентот кога мажот се самоизбодел.
Девојката потврдила за полицијата дека имале жестока расправија, по што Д.Г. го зел сечилото и го забодел во стомакот. Откако лекарите во Ургентниот центар ја санирале раната, Д.Г. бил пуштен на домашно лекување. Случајот е окарактеризиран како несреќен настан по семеен разговор, а понатамошната истрага ќе ги утврди сите релевантни факти.

