Регион
Генчовска: Петков предложи целосна ревизија на Рамковниот став, ние го одбивме
Премиерот Кирил Петков испрати предлог со кој практично целосно се ревидира Рамковниот став донесен од Народното собрание и Владата, но тој беше одбиен од МНР, изјави бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска во оставка, на сослушувањето во Народното собрание кое првично требаше да биде затворено, јави БГНЕС.
„Преговорите напредуваат, но има и прашања кои остануваат отворени за решавање. Еден од нив е формулацијата на таканаречениот македонски јазик во историска и етничка смисла“, рече Генчовска коментирајќи дека новата рамковна проектна позиција не ја вклучувала бугарската позиција за јазикот.
„Уште кога ја презедов функцијата министер за надворешни работи, на првата средба со министерот за надворешни работи на Република Македонија, Бујар Османи, изјавив: Комуницирајте само со мене. За жал, тоа не се случи. Претставниците на РСМ продолжија да бараат контакт надвор од Министерството за надворешни работи за да се отстрани клучното бугарско барање на Механизмот за следење на спроведувањето на Договорот за добрососедство од 2017 година. Во следната фаза од овој процес, на 5 април годинава, советникот за надворешна политика на премиерот го испрати својот нацрт за ажурирање на Рамковниот став. Неговата содржина повеќе сугерира ревизија на националната позиција на Бугарија“, рече Генчовска.
БГНЕС пишува дека претходно, бугарскиот премиер Кирил Петков и официјално го изолирал МНР од процесот, со најавата дека сите одлуки ќе одат преку пратениците.
Сослушувањето на министерката Генчовска е за процесот на пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ и одлуката за одобрување рамката за преговори. Откако пратениците првично одлучија рочиштето на Генчовска да се одржи на затворена седница, половина час подоцна стана јасно дека постапката ќе биде на отворена седница.
„Предлогот беше ова рочиште да се одржи зад затворени врати. Тоа не беше поддржано од Домот. Нека слушнат сите граѓани и луѓе кои се заинтересирани за темата Северна Македонија што има да каже МНР“, рече координаторот на Пратеничката група на Промената продолжува, Андреј Ѓуров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
„Лукоил“ во завршна фаза на продажба на рафинеријата во Бугарија – компанијата предупредува на заштита на сопственичките права
Рускиот нафтен гигант „Лукоил“ соопшти дека е во завршна фаза од продажбата на својата имотна структура во Бугарија, вклучувајќи ја рафинеријата „Лукоил Нефтохим Бургас“ и мрежата бензински станици. Компанијата предупреди дека ќе преземе правни мерки доколку специјалниот управител назначен од бугарската влада ги повреди нејзините сопственички права.
Вашингтон на крајот на октомври воведе санкции за „Лукоил“ и „Роснефт“ со цел да го ограничи руското финансирање на војната во Украина. Рокот за завршување на трансакциите со „Lukoil International“ е продолжен до 13 декември, а за бугарските подружници до 29 април 2026 година.
Бугарската влада минатата недела именуваше специјален управител со овластувања да го продолжи работењето и, доколку е потребно, да продава удели во рафинеријата. „Лукоил“ соопшти дека очекува неговото назначување да не го попречи процесот на продажба.
Компанијата истакна дека работи со неколку потенцијални купувачи. Меѓу заинтересираните се турскиот „Cengiz Holding“, азербејџанската државна нафтена компанија SOCAR, како и казахстанскиот „Казмунајгаз“, меѓународната трговска куќа Vitol, турскиот фонд Oyak и унгарската компанија MOL. Унгарскиот премиер Виктор Орбан претходно потврди дека MOL доставил понуда.
„Лукоил“ најави дека компанијата ќе ги заштити своите легитимни интереси доколку бидат прекршени, потсетувајќи дека во Бугарија има инвестирано над 4,5 милијарди долари во последните 25 години.
Регион
Грција се соочува со тешка демографска криза, младите остануваат дома до 30 година
Грција се соочува со сериозна демографска криза, покажува студија на статистичката агенција Елстат. Младите најчесто остануваат да живеат со родителите сè до својата 30-та година, бидејќи ниските плати не им дозволуваат самостоен живот и основање семејство. Ова, според психолозите, има негативно влијание и врз социјалниот живот и врз желбата за создавање нови семејства.
Според податоците на Евростат, Грција е прва во Европа по бројот на млади кои доцна го напуштаат родителскиот дом. Во Бугарија, на пример, младите заминуваат во просек на 28 години, пренесува БНР.
Кризата со домувањето дополнително ја влошува ситуацијата, а иако владата покрива една месечна кирија годишно за младите семејства, ниските примања и несигурноста ја намалуваат желбата за деца. Во последните 13 години, во земјата се родени четвртина милион деца помалку во однос на пред две децении.
Опозициската СИРИЗА предупредува дека демографската криза не може да се реши без сеопфатна стратегија.
Регион
Обилни дождови поплавија патишта и продавници во делови од Грција
Обилните дождови во Грција ги поплавија патиштата и продавниците. Полицијата ги повикува возачите да возат внимателно.
Јужниот дел од земјата беше најмногу погоден, особено планинските региони Загори и Џумерка, каде што патиштата беа непроодни. Пожарникарите мораа да спасуваат патници од поплавените автомобили. Беше спроведена спасувачка операција за спасување на двајца земјоделци и нивните стада.
Полицијата затвори еден од патиштата до пристаништето Игуменица. Сè е во вода, соопштија пристанишните власти.
Островот Крф е силно погоден од поројни дождови. Патиштата се како реки, што го оневозможува движењето, се жалат жителите на островот.
Многу куќи на приземје, ресторани и продавници се поплавени.
За денес, прогнозите се дека лошото време ќе продолжи, опфаќајќи го поголемиот дел од земјата и егејските острови.
Властите издадоа предупредување за внимателност при возење во областите Солун, Патра и Крит.

