Регион
Германски новинар: Западен Балкан-буре барут во вечната чекална на Европа
„Буре барут во вечната чекална на Европа“, е насловот на текстот во магазинот „Цицеро“ за војната во Украина и за состојбата на Западен Балкан. Авторот не мисли дека е можна нова војна на Балканот, но покажува недостаток на европска и каква било перспектива, пренесува Дојче Веле.
Томас Розер својата статија за германското списание „Цицеро“ ја започнува со сцена од Белград: постери со слика на Владимир Путин, графити и протести за поддршка на Русија во Белград. Самата војна, забележува германскиот автор, дојде во регионот на бизарен начин: кога беспилотно летало тешко шест тони, лансирано некаде во Украина, се урна во Загреб на почетокот на март, на само неколку стотини метри од станбена зона.
Земјите од поранешна Југославија во никој случај не се прв избор на бегалците од Украина, но таму има многу Руси и Украинци. Од друга страна, како што анализира, агентите за недвижности во Србија бележат невиден прилив на клиенти од исток.
Германскиот новинар потсетува дека во Србија е жив споменот на НАТО бомбардирањето во војната на Косово.
Сцените од Харков или Мариупол ги потсетуваат луѓето во БиХ на сопствените искуства, пишува магазинот. „Залудни беа сите наши протести за мир“, вели еден постар сараевчанец. Војната дојде. И ние бевме без храна, вода, нешто повеќе од 1.400 дена“. Тој додава: „На Украина и се заканува истата судбина како нас“.
Психологот и политички аналитичар Срѓан Пухало изјавил дека многумина во БиХ се потсетуваат на она што го доживеале пред три децении, но и дека владата е поделена: „Повеќето Срби се на страната на Русите. Хрватите и Бошњаците се повеќе на страната на Украинците“, истакнал Пухало.
Германскиот магазин предупредува дека цела Југоисточна Европа ги чувствува економските последици од војната, без разлика дали тоа се должи на помалку туристи, повисоки цени на енергијата или инфлација. Но, најтешко се погодени земјите од регионот кои најмногу се трудат да се приклучат на Европската Унија: „Јазот во просперитетот помеѓу исцрпената чекална на ЕУ и нејзините соседи од ЕУ се заканува да стане уште поголем во оваа војна. Албанија и петте држави од поранешна Југославија станаа осакатени редовни гости во чекалната на ЕУ, измачени од авторитарни тенденции, емиграција и стареење на населението, но пред се недостаток на перспектива“, пишува медиумот.
„Наместо перспектива, политиката за проширување на ЕУ стана енергично прислушување, украсено со флоскули, слатки зборови, ветувања кои се повторуваат како мантри и мавтање со паричник“, пишува автоерот. Тој го цитира Душан Рељиќ од бриселската канцеларија на Берлинската фондација за наука и политика, кој вели дека чекањето за членство стана константна состојба на работите, додека тие земји се претворија во евтини производствени погони и снабдувачи на работна сила за ЕУ и Германија.
Ако се се собере, Релиќ смета дека „земјите од Западен Балкан плаќаат повеќе отколку што добиваат од ЕУ“, пренесува медиумот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

