Регион
Гренел: Нема мини шенген без Косово
Ричард Гренел, пратеникот на американскиот претседател, Доналд Трамп, за разговорите меѓу Белград и Приштина, ја поздрави иницијативата за балкански шенген истакнувајќи дека таа иницијатива би можела да биде успешна ако ги вклучи сите од регионот, па и Косово, пренесува „Спутник“.
„Ја поздравуваме иницијативата за мини шенген на Западен Балкан како начин да се придвижи слободното движење на луѓето и стоките. Веруваме дека таа иницијатива, за да биде успешна, мора да ги вклучи сите во регионот вклучувајќи го и Косово. Администацијата на Трамп е насочена кон помош на целиот регион во создавањето економски можности и работни места за младите“, се наведува во соопштението на Амбасадата на САД во Белград.
Во Охрид неодамна се одржа состанок на македонскиот премиер Зоран Заев, албанскиот премиер Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ, на кој беа поканети и претставници на Косово, Црна Гора и на Босна и Херцеговина. Првата средба на споменатата тројка се одржа на 10 октомври во Нови Сад.
Косово го одби учеството на средбата опишувајќи ја иницијативата како обид за ново создавање на Југославија, а Црна Гора беше воздржана. Косовскиот претседател, Хашим Тачи, посочи дека Косово не сака да ја замени евро-атлантската иднина со ниедна регионална иницијатива.
Лидерот на косовското двжиење „Самоопределување“, Албин Курти, кој е кандидат за косовски премиер, изјави дека е направена грешка во чекори во врска со регионалната иницијатива зашто Албанија морала да го почека формирањето нова влада во Косово пред каква било иницијатива.
Албанскиот премиер, Еди Рама, го критикува Косово поради самоизолација нагласувајќи дека иницијативата има цел само слободно движење на луѓето во Западен Балкан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Турција ќе приватизира два клучни моста во Истанбул
Турција ја ангажираше консултантската фирма Ernst & Young LLP да ја води приватизацијата на два клучни моста во Истанбул и серија автопати, според извори запознаени со планот.
Фирмата со седиште во Лондон ќе ја советува турската влада за продажбата на Мостот на мачениците 15 јули и Мостот „Фатих Султан Мехмед“, кои ги поврзуваат европската и азиската страна на Истанбул, како и најмалку девет автопати со наплата на патарина.
Изворите зборуваа под услов на анонимност бидејќи деталите од договорот не се јавни, објави Блумберг. Турција, исто така, ја назначи канадската фирма BTY Group за технички советник и планира да објави формален тендер подоцна оваа година, велат изворите.
Обидот за приватизација од 2012 година, кој вклучуваше и мостови и околу 2.000 километри автопат, привлече добитна понуда од 5,7 милијарди долари. Процесот пропадна откако Реџеп Таип Ердоган, тогашниот премиер, рече дека продажбата за помалку од 7 милијарди долари би била „предавство“. Владата сега очекува понуди што го надминуваат тој износ.
Според турскиот министер за транспорт, околу 430.000 возила секојдневно ги преминуваат двата моста, а стандардната патарина за патничко возило е 59 лири по правец, или околу 1,36 долари по тековни цени.
Ernst & Young претходно работеше како советник за проекти поврзани со мостови, автопати и болници во Турција.
Регион
Четиричлено семејство од Албанија почина во Тоскана од труење со јаглероден моноксид
Четиричлено семејство – родителите и нивните две деца, настрадало во својот дом во италијанската покраина Тоскана, поради труење со јаглероден моноксид, соопштија локалните власти.
Според првичните информации, жртвите се таткото Арти, мајката Јонида (43), синот Хајдар (22) и ќерката Џесика (15). Петтото лице од домаќинството е префрлено во болницата Чизанело во Пиза во тешка состојба, но според достапните податоци не е животно загрозено, пренесе Раи Уно.
На местото на настанот интервенирале припадници на противпожарната служба, карабинерите и екипи на итната медицинска помош, пренесе Итaлпрес.
При прегледот на објектот, тројца карабинери исто така добиле полесни симптоми на труење и им била укажана медицинска помош.
Прелиминарната истрага е насочена кон проверка на исправноста на котелот за централно греење, со цел да се утврди причината за трагедијата. Италијанските медиуми наведуваат дека семејството е со потекло од Албанија.
Регион
Словенија најавува забрана за социјални мрежи за деца под 15 години
Словенечката влада усвои насоки за измени на законот со кои би се ограничило користењето на социјалните мрежи за деца помлади од 15 години, пренесе словенечката агенција СТА.
Вицепремиерот Матеј Арчон изјави дека иницијативата е подготвена од Министерството за образование, а пред усвојување на законските измени ќе треба да се изјасни и Министерството за дигитална трансформација. Тој појасни дека мерките имаат цел да ги спречат негативните влијанија на социјалните мрежи врз децата и адолесцентите, по примерот на други држави.
Владата најавува регулирање и ограничување на користењето на мрежи како ТикТок и Снепчет, при што насоките дополнително ќе бидат доработени од стручната јавност и ќе се подготви соодветна законска рамка.
Ограничувањата се дел од поширок европски и светски тренд, откако Австралија воведе забрана за пристап до социјални мрежи за лица под 16 години, а слични чекори најавија и Франција, Данска, Грција, Шпанија и Португалија. Европскиот парламент претходно побара воведување старосна граница од 16 години, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави можност за воведување вакви ограничувања и на ниво на ЕУ.

