Регион
Грција се соочува со високи температури и густи облаци од песок од Сахара
Густи облаци од прашина и песок од Сахара денеска повторно го покри небото над Грција, особено во Атина и Солун, а за денеска на места се предвидува температура од 31 Целзиусов степен.
Песочните облаци, кои веќе се појавија минатата недела во Грција, но и во други европски земји, во Швајцарија и на југот на Франција, на многумина им го отежнаа дишењето.
По жешкиот викенд, попладнево во Атина се очекуваат 26 степени, објави веб-страницата на јавниот телевизиски канал ЕРТ.
Термометрите денеска треба да покажат температура од дури 30 степени, а 31 степен се очекуваат на југот на Пелопонез и на островот Евбеја, во близина на Атина.
Најчувствителните луѓе „треба да избегнуваат вежби на отворено, како и напорна физичка работа“, изјави претседателката на Сојузот на пулмолозите на Грција, Стаматула Цикрикас, за државната телевизија ЕРТ.
Овој феномен се појави минатата недела и Атина беше зафатена од густи облаци од прашина и песок од пустината Сахара и Северна Африка, пренесува „Бет“.
Синдикатот на пулмолозите на Грција минатата недела објасни дека „африканската прашина носи честички, кои може да се интегрираат со полен, бактерии и габи создавајќи многу токсична и опасна мешавина за човечкото тело, особено за респираторниот систем“.
Професорот по пулмологија, Тодорис Василакопулос, рече дека секој што страда од астма, алергии или други респираторни проблеми треба да биде внимателен.
Тој препорача најранливите категории население да носат маски и очила за сонце.
И во Солун маглата предизвика доцнење на неколку авиони, јавуваат локалните медиуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)
Регион
Бомба фрлена врз куќата на Здравко Чолиќ во Белград
Доцна синоќа беше фрлена бомба врз куќата на пејачот Здравко Чолиќ во белградската населба Дедиње.
Полицијата и дежурниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград се на местото на настанот, а истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Деталите, според написите, засега не се познати, но според извештаите никој не е повреден во експлозијата, но е причинета голема материјална штета, пишува „Телеграф“.
Пејачот бил во куќата
Полицијата веднаш ги блокирала приодите кон куќата по приемот на пријавата.
Припадници на Министерството за внатрешни работи спроведуваат истрага, а форензички експерти собираат докази и ги прегледуваат снимките од безбедносните камери за да го идентификуваат сторителот, пишува медиумот.
Во моментот кога била фрлена бомбата, Чолиќ, неговата сопруга и помладата ќерка Лара биле во вилата.
Според Телеграф, тие спиеле во моментот на експлозијата, а звукот ги разбудил.
Фото: ЕПА
Регион
Фалсификуваните пари за Балканот и ЕУ најчесто доаѓаат од Романија
Најголемите количини фалсификувани пари што пристигнуваат на Балканот и во земјите на Европската Унија потекнуваат од илегални фабрики во Романија.
Криминалните групи ги набавуваат фалсификатите по цена од околу 20 отсто од вредноста на оригиналниот новац, што значи дека за еден милион евра лажни пари се плаќаат околу 200.000 евра.
Според наводите, во Романија се фалсификуваат евра, кувајтски динари и американски долари, додека британската фунта се смета за најтешка за фалсификување.
Членовите на овие групи често се претставуваат како Италијанци, Арапи, Грци или Чеси, а меѓу нив има и криминалци од просторот на поранешна Југославија. Тие преку огласи бараат недвижности, луксузни автомобили, јахти, скап накит, уметнички дела и други вредни предмети.
Средбите најчесто се организираат во градови на северот на Италија, а како алтернативи се користат и градови во Франција, земјите на Бенелукс или Шпанија. Криминалните групи дејствуваат во поголем состав, со цел да ѝ го отежнат работењето на полицијата, пренесе Танјуг.

