Регион
Грција ја проширува обврската за тестирање на целиот туристички сектор

Грција денеска соопшти дека сите вработени во рестораните и туристичкиот сектор низ целата земја мора да бидат подложени на редовни тестови за Ковид-19, со што се проширува обврската која претходно се применуваше само на некои острови популарни меѓу туристите, откако бројот на заразени и натаму е во пораст.
По катастрофалната 2020 година за туризмот, Грција ги укина повеќето ограничувања, надевајќи се на барем делумно заживување на клучната туристичка индустрија во текот на летото, објави „Ројтерс“.
Но, по повторното зголемување на бројот на заразени од коронавирус во последните неколку недели, поради брзото ширење на позаразната делта-варијанта, Грција минатата седмица нареди двапати неделно да се тестираат работниците кои не биле вакцинирани, а работат во рестораните и туристичките компании на некои од главните острови во земјата.
Истото правило сега ќе важи и за работниците во овие сектори низ цела Грција, рече заменик-министерот за цивилна заштита, Никос Хардалијас на прес-конференција.
„Нашата цел е земјата да продолжи да испраќа порака дека била и ќе остане безбедна туристичка дестинација“, посочи тој.
И покрај неодамнешните ограничувања, случаите на островот Миконос брзо се раширија, принудувајќи ги властите минатата недела да воведат ноќен полициски час и забрана за музика од 26 јули.
Хардалијас рече дека ситуацијата на Миконос е малку подобрена и дека властите ќе одлучат за продолжување или откажување на мерките во наредните денови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Петгодишниот брат ја застрелал малолетната сестра со пушка: децата си играле во семејната куќа во БиХ

Викендов се случил инцидент во БиХ кога петгодишен брат ја застрелал својата малолетна сестра (4) за време на игра.
Обвинителството потврди за Hercegovina.info дека дежурниот обвинител, Јосип Аничиќ, бил информиран за инцидентот и наредил да се спроведе истрага на местото на инцидентот.
– Според моментално достапните информации, братот (5) и сестрата (4) си играле во семејната куќа кога дошло до пукање од воздушна пушка – изјави портпаролката на обвинителството, Петруњела Матијевиќ, за Hercegovina.info, пренесува Srpskainfo.
Таа додаде дека полицајците, по наредба на обвинителот, се во фаза на испрашување на сведоците, со цел да утврдат како пушката се нашла на дофат на децата и кој ја оставил таму.
Според информации на медиумите во регионот, девојчето е добро и стабилно и без сериозни последици.
Фото: Принтскрин
Регион
Поранешниот хрватски премиер, Иво Санадер, излезе од затвор

Иво Санадер, поранешен лидер на ХДЗ и премиер на Хрватска, е ослободен од затвор пред да ја отслужи целата казна. Санадер беше условно ослободен од затворот Липовица откако отслужи две третини од казната, објавија хрватските медиуми.
Како што објасни адвокатот Драган Црнковиќ, исполнети се сите законски услови за поранешниот премиер да биде ослободен. Тој рече дека покрај неговата возраст, една од причините наведени во барањето за ослободување е неговата здравствена состојба, но тоа не се главните причини, забележува тој, туку и фактот дека тој го почитува член 59 од Кривичниот законик. Тој истакнува дека на 15 август 2023 година отслужил половина од казната.
Ќе биде должен да се јавува во полиција секој месец и нема да му биде дозволено да го менува местото на живеење и привременото живеалиште.
На прашањето на новинарите дали тоа значи дека ќе има ограничено движење, тој одговори негативно.
„Не знам, може да го запали автомобилот, да оди во Сплит. Само ако има намера трајно да го промени местото на живеење и живеалиштето, мора да добие дозвола“, објасни адвокатот Црнковиќ.
Фото: ЕПА
Регион
Пленковиќ: Хрватска не тргува со оружје и воена опрема со Израел

Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, денеска негираше дека Хрватска тргува со оружје со Израел, одговарајќи на барањето на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ до владата да престане да тргува со оружје и воена опрема со таа земја.
Кога беше замолен да ја коментира изјавата на Милановиќ, Пленковиќ рече дека „нема трговија со оружје и воена опрема со Израел“, пренесува ХИНА.
Хрватското Министерство за одбрана во саботата објави дека официјален Загреб во моментов не набавува оружје за хрватската армија од Израел.