Регион
„Данка има право да биде достоинствено погребана, родителите да знаат каде ѝ е гробот“, вели државниот секретар во српското МВР
Телото на малата Данка Илиќ сè уште не е пронајдено. Таа беше монструозно убиена на 26 март годинава во 13.52 часот во населбата Бањско Поле кај Бор во Србија.
За бруталниот чин се осомничени Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ, вработени во ЈКП „Водовод“ од Бор, Раде Драгијевиќ е обвинет дека помагал при отстранувањето на телото, а братот на осомничениот почина во полициски притвор.
Обдукцијата ќе биде направена денеска.
Полицијата од 26 март годинава деноноќно ги пребарува Бор и околината во потрага по Данка Илиќ.
„Претресите на терен ги насочивме кон оние локации на кои осомничените ни кажаа дека го оставиле телото на Данка Илиќ. Засега вршиме увид на коритото на Злоцка Река. Теренот е многу тежок и непристапен. Лазаревото корито и пештерата се предмет на нашата понатамошна истрага. Ангажирани се многу полицајци од разни специјалности со разна опрема и технички средства, а ние максимално се трудиме надевајќи се и верувајќи дека ќе го најдеме телото на малата Данка“, изјави Жељко Бркиќ, државен секретар во српското МВР за телевизијата „Пинк“.
Однесувањето на осомничените, за кои постојат докази дека извршиле кривично дело тешко убиство, Жељко Бркиќ го опишува како најмонструозна форма на човечко однесување. Додека едниот детаљно опишал како ја убил Данка Илиќ, другиот решил да се одбрани молчејќи.
„Тешко е да се дознаат причините поради кои не сака да соработува. Но, кај нив се гледа толкав недостиг на емпатија и непромисленост, осомничениот и сега кога е соочен со вистината не сака да каже каде го скрил телото на Данка Илиќ. Тоа покажува голем недостиг на емпатија. Тоа дете има право на достоинствен погреб за да може родителите да му посветат гробно место. Тие се лишени од секакво човечко чувство“, вели Бркиќ.
Тој вели дека досега се собрани доволно докази врз основа на кои може да се подигне обвинението и додава дека надлежните органи ќе може да донесат соодветна пресуда.
Бркиќ наведува и дека е тешко ментално да се реконструира ова злосторство и дека се надева дека телото на Данка Илиќ набргу ќе биде пронајдено.
„Се надевам дека телото на Данка ќе биде пронајдено, нема сомнеж дека детето е внесено во возилото од местото на контакт со возилото“, вели Бркиќ.
Државниот секретар во српското МВР, Жељко Бркиќ, вели дека над 1.500 полицајци во соработка со над 1.000 граѓани од разни служби дале свој придонес за пронаоѓање на убиената Данка Илиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Tлото на Балканот се тресе: По Хрватска, земјотреси и во Албанија и Грција
Два земјотреси, во растојание од една минута – во 19.19 и 19.20 часот – вечерва се регистрирани на територијата на Албанија.
Земјотресите се со интензитет од 2,1 степен според Рихеровата скала.
Епицентарот на првиот земјотрес бил на седум километри од Елбасан, додека вториот на 62 километри од Тирана.
Според информациите на ЕМСЦ, неколку минути претходно, земјотрес од 2,5 степени имало и во јужниот дел од Грција, а уште два од 2 и 2,3 степени се регистрирани предмалку на Крит.
Претходно денес, Хрватска ја погоди силен земјотрес од 4,7 степени, а беше почувствуван и во Босна и Херцеговина. По овој потрес, следеа неколку помали.
Регион
Не ги навредив Бугарите, туку ја критикував нашата влада, објасни хрватскиот претседател по изјавата на која реагираше Софија
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ изјави дека со изјавата дека Хрватска е „на дното на ЕУ по повлекувањето на европските пари, а само Бугарија е полоша“, не ги навредил Бугарите, туку ја исмејува хрватската влада која прави „будали и социјални случаи“ од нејзините граѓани.
Милановиќ претходно рече дека „Хрватска е дното на Европската унија и дека само Бугарија е полоша“, па секој ден се молат на Бога, Бугарија да остане последна и ништо да не и се случи, бидејќи во спротивно би била Хрватска“. По изјавата, според хрватските медиуми, Бугарите ја повикале хрватската амбасадорка во Софија, Јасна Огњеновац и изразиле незадоволство, пренесува порталот „Индекс“.
Бугарското Министерство за надворешни работи на хрватскиот амбасадор му пренело „длабоко разочарување од изјавата на претседателот Милановиќ“, каде што истакнале „дека изјавата е неприфатлива за Бугарија и не е во согласност со одличните билатерални односи меѓу Хрватска и Бугарија“.
Тие истакнаа и дека се надеваат дека „хрватската влада ќе се огради од таа изјава“.
„Не ги навредив Бугарите, туку исмевав некои елементи на хрватската влада кои не’ прават будали и социјален случај“, рече шефот на хрватската држава и додаде дека претходно ја критикувал земјата на тема повлекување европски пари.
„Дали можеме да кажеме дека Хрватска се моли Сингапур последен да подигне пари? Дали тоа звучи подобро? Но, Сингапур не е европска земја. Значи некој мора да биде последен. Тоа е Бугарија, а Хрватска е претпоследна“, рече Милановиќ и потсети дека тоа се статистички податоци и дека тоа досега го кажал десет пати.
„Тоа е потсмев, за жал, на сметка на некои во Хрватска кои не прават социјален случај, кои не можат да земат доволно европски средства, па затоа сме претпоследни. Нормално, гледаш кој е последен. Бугарија е последна, секогаш е последна (…) Хрватска е претпоследна“, рече Милановиќ.
„И тоа е факт за кој зборував десет пати. Алелуја (…) Тоа се факти за кои мора да се разговара во политиката бидејќи се многу релевантни податоци. Зошто Хрватска е претпоследна? Зошто не е петата одоздола, или петта одозгора. Зошто не е? Веројатно некој е одговорен за тоа“, додаде тој.
На крајот, како што додаде, никој не се моли Бугарија да пропадне, туку дека неговата изјава е верзија на американската шега за сојузната држава Арканзас, која „се моли на Бога Мисисипи, кој е најсиромашниот, да биде здрав и добро“, бидејќи во спротивно тоа би бил Арканзас.
„За да го знаете тоа, треба да прочитате нешто во животот, а не да се занимавате со селски скандали“, рече Милановиќ.
Регион
Земјотрес со јачина од 4,7 степени во Хрватска, почувствуван и во БиХ
Земјотрес со јачина од 4,7 степени според Рихтеровата скала утрово во 05:38 часот е регистриран во Хрватска, објави Европскиот медитерански сеизмолошки центар (ЕМСЦ).
Според информациите од Европскиот медитерански сеизмолошки центар, земјотресот бил на 92 километри јужно од главниот град Загреб и на 14 километри од границата со Босна и Херцеговина, кај Тржачка Раштела.
Земјотресот бил на длабочина од 10 километри.
Земјотресот најмногу бил почувствуван во централна Хрватска и во дел од Босна и Херцеговина со интензитет од V-VI степени според Европската макросеизмичка скала.
Засега нема извештаи за повредени лица или за предизвикана материјална штета.