Регион
Дачиќ: Засега нема одговор од КФОР во врска со враќањето на српските сили на Косово
Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ вели дека е тешко да се разговара за трајно решение за Косово додека се апсат Срби и секој ден треба да се надминуваат разни проблеми.
Дачиќ денеска, во пресрет на 11. Конгрес на СПС во Белград, на прашањето дали Белград добил одговор од КФОР во врска со враќањето на српските сили на Косово, рече дека „до овој момент не е запознат дали имаат добиено одговор“.
Коментирајќи ја ситуацијата на Косово, тој оценува дека се наоѓаат во виртуелен процес проникнат со разни непромислени постапки на премиерот на привремените институции во Приштина, Албин Курти, кој, како што вели, очигледно е најголемата пречка на дијалогот.
„Не можете да имате сериозен дијалог за некои големи, важни прашања бидејќи секој ден и секоја недела се занимавате со деескалација и надминување на различни проблеми. Додека луѓето се на барикадите, додека Србите се апсат, тешко дека можете да разговарате за трајно решение за проблемот со Косово“, изјави Дачиќ за Танјуг.
Тој посочи дека во овој момент првично прашање е деескалација на проблемот за „да можеме да се свртиме кон дијалог“.
Подготвени сме за дијалог, имаме црвени линии, принципи, ќе му дадеме целосна поддршка на претседателот Александар Вучиќ како партија и коалиција во одбрана на нашите национални интереси“, рече Дачиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Тепачка во Белград: опозицијата се судри со полицијата
Полицијата повторно ги блокира пратениците од опозицијата, кои се обидуваа да влезат во зградата на парламентот во Белград, па пред зградата избувна стампедо и физичка пресметка.
Пратениците од опозицијата се обидоа да поминат низ таканаречениот чациленд, шаторска населба пред влезот, повикувајќи се на вчерашното ветување на претседателката на парламентот Ана Брнабиќ дека ќе им биде дозволено да го сторат тоа, објавува „Нова.рс“.
Ćacilend upravo pic.twitter.com/XyAbgYkNsn
— Stranka slobode i pravde (@SlobodaIPravda) November 26, 2025
Ескалацијата се случи кога претставниците на Националното движење на Србија, Ѓорѓе Станковиќ, и на Зелено-левичарскиот фронт, Богдан Радовановиќ, се обидоа да го отстранат шаторот поставен на самите скали пред парламентот по што беа нападнати од луѓе од протестниот камп и полицијата.
Ова е втор ден по ред како има инциденти на влезот во парламентот. Вчера, полицијата се судри со претставници на партијата Србија центар (Срце), предводена од Здравко Понош, кои исто така се обидоа да влезат на главниот влез преку т.н. чациленд.
View this post on Instagram
Токму по овој инцидент, пратениците од опозицијата, на средба со претседателката на парламентот, Ана Брнабиќ, побараа оградата околу шаторската населба да се помести за да имаат непречен пристап до своите работни места.
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера на прес-конференција изјави дека ќе има иницијатива во врска со шаторите. Иако не разјасни за што станува збор, неговата изјава сугерира дека кампот набргу би можел да биде отстранет.
фото: принтскрин Икс
Регион
Сијарто: Унгарија ќе ѝ помогне на Србија во снабдувањето со енергенси и ја поддржува нејзината интеграција во ЕУ
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто во Белград изјави дека Унгарија нема да ја остави Србија без енергенти и дека денес ќе бидат утврдени техничките детали за помошта во снабдувањето. Тој нагласи дека Србија секогаш можела да смета на Унгарија во енергетската соработка.
Сијарто оцени дека и Србија и Унгарија ја плаќаат цената на војната во Украина иако немаат одговорност за конфликтот и повтори дека војната не може да се реши на бојното поле. Тој рече дека двете земји силно се залагаат за усвојување на мировниот план предложен од претседателот на САД, Доналд Трамп.
Унгарскиот министер изјави дека интерес на Европската Унија е Србија што побргу да стане членка и дека одредени земји го блокираат овој процес, а, како што рече, истовремено ја туркаат Украина кон членство.
Тој додаде дека Унгарија ќе ѝ помогне на Србија и економски и енергетски предупредувајќи дека намалувањето на снабдувањето преку гасоводи може да доведе земји во ранлива позиција.
Регион
Хрватска нема да ја купи српската нафтена компанија НИС
Хрватска нема намера да стекнува средства на српската нафтена компанија НИС, изјави вчера за новинарите претседателот на земјата, Зоран Милановиќ.
„Хрватска има поитни проблеми поврзани со енергетската компанија ИНА, а кој и да ја купи НИС… сигурно нема да биде Хрватска“, ја цитира неговата изјава хрватската телевизија ХРТ.
Претходно, хрватскиот министер за економија Анте Шушњар изјави дека Загреб е подготвен да влезе во сопственичката структура на компанијата НИС доколку тоа ги реши нејзините проблеми. Според него, тоа би било во интерес и на Хрватска и на Србија.
Претходно во вторникoт, српскиот претседател Александар Вучиќ објави дека српската рафинерија за нафта НИС (дел од „Газпром нефт“) се префрлила на режим на намалена циркулација поради недостиг на нафта како резултат на санкциите на САД.
Како што е објавено, НИС, која е подружница на „Газпром нефт“, беше вклучена на списокот со санкции на САД на почетокот на 2025 година. Во врска со ова, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека САД бараат целосно повлекување на рускиот капитал од таму.
Тој потсети дека во 2008 година српската влада ја префрлила контролата врз НИС на „Газпром нефт“ и дека во последните години компанијата придонела за добивање значителни приходи во српскиот буџет, како и за развој на многу проекти.
Моментно, главни косопственици на НИС се „Газпром нефт“ (44,85 %) и властите на Србија (29,87 %).

