Регион
Дачиќ: Талибанците три пати беа во Белград, но тоа беше тајна
Претседателот на Собранието на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека мировните преговори меѓу властите на Авганистан и талибанците биле организирани во Белград пред неколку години.
Тој посочи дека тоа било во времето кога тој бил министер за надворешни работи на Србија, а разговорите биле организирани со дозвола на претседателот Александар Вучиќ. Дачиќ објасни дека ова е првпат јавно да се зборува за тоа, бидејќи таков бил договорот.
„Тие дојдоа трипати, јас бев нивни домаќин, сегашниот претседател на Авганистан беше на видеоврска. Имаше претставници на Авганистанскиот мировен совет и некои претставници на талибанците, односно нивните фракции. Тие разговараа овде трипати, но подоцна беа преземени од големите сили кога видоа дека ние го правиме тоа – рекоа ‘ќе го сториме тоа во Доха, во Катар’. Резултатот се гледа“, рече Дачиќ за ТВ Пинк.
Тој нагласи дека Србија не се меша во тие преговори.
„Атмосферата беше исправна и заедничка проценка беше дека во тоа време е постигнат напредок, прогласено е примирје“, додаде тој.
Србија како домаќин на тие мировни преговори, според Дачиќ, направила добра приказна за себе со Авганистан, во смисла дека двете страни им се благодарни.
„ До денес никогаш не сум зборувал за тоа никаде, бидејќи се договоривме дека тоа треба да биде тајна, односно да не се објавува за да не се расипат преговорите“, рече Дачиќ.
Тој нагласи дека под американска доминација, „марионетскиот режим“ во Кабул бил меѓу првите што го призна Косово како независно, бидејќи тоа било нивна домашна задача и прашањето е дали друг режим таму ќе го стори тоа.
„ Западната хемисфера доби шлаканица во Авганистан, тие не очекуваа дека ќе се случи сето ова, она што го гледаме“, рече Дачиќ.
Тој, исто така, рече дека во Авганистан, во присуство на силите на НАТО, производството на хероин е стократно зголемено, наведувајќи дека, меѓу другото, така се финансира и движењето на талибанците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

