Регион
Два авиони со бегалци од Авганистан слетаа во Албанија

Уште два авиони со Авганистанци слетаа во Албанија, со што вкупниот број на евакуирани лица во Албанија се искачи на 457.
Албанското министерство за надворешни работи соопшти дека двата авиони слетале утрово, едниот со 154, а другиот со 28 Авганистанци. Повеќето ќе добијат привремено сместување во студентски кампус во близина на главниот град Тирана, додека другите ќе бидат испратени директно во хотели.
Властите соопштија дека Албанија има намера да обезбеди засолниште за сите евакуирани во хотели наместо во кампови за да добијат чувство за нормален живот.
Албанија е меѓу првите земји што им понуди сместување на Авганистанците кои соработуваа со силите на САД и НАТО и други кои се плашат од одмазда по преземањето на власта од страна на Талибанците.
Авганистанците во Албанија потекнуваат од различни индустрии, вклучувајќи активисти и универзитетски персонал како и деца.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ: Пресудата на Додик е срамна

Претседателот на Србија Александар Вучиќ и претседателот на Република Српска, Милорад Додик се обратија во Бања Лука по одржаниот состанок кој следеше откако судот во Босна и Херцеговина го осуди Додик на една година затвор и шестгодишна забрана за функцијата претседател на РС поради, како што се наведува, непочитување на одлуките на високиот претставник Кристијан Шмит.
“Ме советуваа дека не е најдобро време, да чекам и потоа да одам во Бања Лука, но јас бев тука кога бевме среќни, штета би било да не бидам тука кога е тешко. Знам колку му е тешко на Миле. Пред да признае, му видов солза во окото. Знам колку боли неправдата”, вели Вучиќ.
„Знам колку неправдата боли и угнетува, но ова е денот кој откри многу повеќе. Ова е денот кога беше нападната РС, за да можат да му судат на целиот српски народ без суд. Секогаш сум за рационални одлуки, за да бидеме мирни“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека „каква и да е одлуката, Србија и тој ќе бидат со РС“.
Претходно, пред да полета, Вучиќ објави порака на социјалните мрежи.
„Одам во Бања Лука по срамната пресуда против Милорад Додик, незаконска, антидемократска, насочена кон уништување на РС и уривање на положбата на српскиот народ. Затоа вечерва одиме во Бања Лука да дадеме поддршка кога на нашиот народ му е најтешко, да се обидеме да влијаеме на одлуките што на крајот се носат за да се смират состојбите и тензиите.
Не се сомневам дека како народ ќе го зачуваме нашиот животен простор, дека РС и нејзиниот претседател ќе се бранат и дека Србија ќе може да оди напред“, рече Вучиќ.
Регион
Градоначалникот на Брчко: Загрижен сум што никој не забележал што се случува со децата

Градоначалникот на Брчко, Синиша Милиќ одржа прес-конференција откако во тој град беа пронајдени 31 дете затворени во куќа, јавува Дневник.хр. Тој за новинарите изјави дека куќата во која биле пронајдени ја открил социјален работник кој додека работел на терен пронашол девојче (12) кое побегнало оттаму.
Тој додаде дека постоењето на куќа во која се скриени 31 дете е само по себе крајно страшно, особено ако се потврдат сомнежите за мотивот што обвинителството и локалната полиција го истражуваат. Милиќ на прес-конференцијата рече дека за пронаоѓањето на децата синоќа дознал од вработен во социјалната служба, по што за тоа го известил и обвинителството.
„Полицијата и обвинителството веднаш се вклучија во истрагата и децата веднаш беа преместени на друга локација, каде што исто така им беше укажана лекарска помош. Понатамошната истрага ќе покаже која е вистинската позадина и мотив на овој случај“, истакна тој. Според написите, се смета дека децата се жртви на кривичното дело трговија со луѓе.
„Во рамки на досегашните активности, приведени се три лица поради основано сомнение дека сториле кривични дела трговија со луѓе, трговија со деца и запоставување или злоупотреба на деца. Истрагата за наведениот настан е во тек“, соопшти претходно денеска полицијата.
Милиќ истакна дека полицијата многу сериозно пристапува кон истрагата и излегува во јавноста само кога информацијата е проверена, а со тоа ги штити правата на децата.
„Она што загрижува е прашањето колку време ова се случуваше во нашето маало без никој да обрати внимание“, рече градоначалникот.
Регион
Москва: Обвинението против Додик ќе има катастрофални последици за целиот Балкан

Министерството за надворешни работи на Русија денеска оцени дека осудата на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, ќе има катастрофални последици за Босна и Херцеговина, но и за целиот Балкан.
Министерството истакна дека обвиненијата против Додик се засноваат на „одредбите на псевдозаконот што самоволно и беше наметнат на суверена Босна и Херцеговина од самопрогласениот „висок претставник Кристијан Шмит“ и тие се надвор од законската рамка.
„Година и пол долгото „судење“ од самиот почеток не беше ништо друго освен пародија на судството и отворено исмејување на основите на владеењето на правото. Прогонот на Милорад Додик има чисто политички карактер, тој беше инспириран од Западот, кој со рацете на своите марионети во правосудните органи на Босна и Херцеговина се надеваат на елиминација на политичките сили на Република Српска од политичката сцена, оние кои даваат отпор на евроатлантскиот неоколонијализам“, се наведува во соопштението, пренесува Спутник.
Министерството за надворешни работи на Русија повика да не се предизвикува зголемување на тензиите во Босна и Херцеговина, што би било удар за стабилноста на Балканот.
„Одговорноста за ваквиот развој на настаните ќе ја сносат оние кои фабрикуваа неуставен и антидејтонски случај против Република Српска и, спротивно на сета правна логика и здрав разум, го поддржуваа до денес, доведувајќи го процесот на меѓународно помирување во ќорсокак. Москва очекува дека сите гореспоменатите околности ќе бидат земени предвид, се наведува во соопштението за медиумите на руското министерство, пренесува Танјуг.