Регион
Деветгодишно момче во Хрватска нарачало сок од јаболко во ресторан и завршило во болница во тешка состојба
Деветгодишно момче од Крапина во Хрватска завршило во болница во Детската болница во Загреб откога седнало со својот татко во ресторан и испило сок од јаболко. Полицијата и Обвинителството истражуваат индиции дека во шишето со сок имало опасна течност.
Сè се случило кога, според мајката на момчето, сопругот и синот отишле на технички преглед на автомобилот. Додека чекале, седнале во ресторан до станицата да се напијат нешто.
„Синот нарачал сок од јаболко. Оној во стаклено шише. Келнерката го донела од фрижидерот, мажот го видел, го отворил, го донел на масата, детето го испило и по првата голтка, почнало да вика кисело, кисело. Мојот сопруг веднаш го пробал сокот и добил реакција“, вели мајката на момчето, пренесува „Данас.хр“.
„Првин мислевме дека сокот е расипан“.
Момчето еден и пол ден се жалело на болки во стомакот, а потоа добило треска. Го однеле во болница, каде што ги дочекал нов шок – констатирано е дека момчето испило опасна течност.
„Дете со дијагноза ерозивен гастритис по неколку дена е отпуштено на домашна нега со обврска за следење за да се избегнат доцните последици од оваа состојба“, изјави Горан Роиќ од Детската болница.
Адвокатот на семејството, Јована Пухало, смета дека тоа никој не го направил намерно, но доколку се потврди дека го направил, тоа е кривично дело од небрежност.
„Во шише со сок му послужија средство за одмастување – алкохол со pH 13 поради што претрпе оштетување на слузницата, хранопроводникот и на усната шуплина. Се надеваме дека надлежните органи за овој случај, полициската станица во Крапина и надлежното Државно обвинителство, во најкраток можен рок ќе ги преземат сите потребни дејства за да се утврди одговорност“, вели адвокатот.
Од крапинско-загорската полиција потврдија дека спроведуваат истрага, а од дотичниот ресторан испратија само кусо соопштение дека не сакаат да ја коментираат истрагата.
При увидот, како што пишуваат хрватските медиуми, биле одземени сите мостри од сок од ресторанот и не било констатирано ништо непристојно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Изгласана новата влада на Хрватска: Пленковиќ по трет пат стана премиер
Пратениците во хрватскиот Сабор вечерва гласаа за доверба на новата влада на премиерот Андреј Пленковиќ. За доверба на Владата гласаа 79 пратеници, против беа 61 пратеник, а еден беше воздржан.
Претседателот и членовите на Владата потоа дадоа заклетва пред пратениците, со што Андреј Пленковиќ го започна третиот последователен мандат како премиер.
Во Собранието денеска беше претставена четиригодишната програма на новата Влада, која се заснова на „успешна, витална, праведна, одржлива и суверена Хрватска“.
Во новиот мандат, владата на Пленковиќ најавува просечна нето плата од 1.600 евра, минимална бруто плата од 1.250 евра, како и отворање на 125.000 нови работни места.
До крајот на мандатот на новата влада, пензиите треба да се зголемат за најмалку 30 отсто, со што просечната пензија би изнесувала најмалку 750 евра.
Новата влада наместо досегашните 16 ќе има 18 министерства и седум потпретседатели.
Регион
Дачиќ и Весиќ: Човечки фактор е причина за судирот на возовите
Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека причина за судирот на возовите во тунелот, во кој нема жртви, е човечки фактор, а министерот за транспорт Горан Весиќ изјави дека се повредени 13 патници, од кои четворица се однесена во ургентен центар.
– Возот помина низ безбедносното светло и удри во товарен воз кој чекаше дозвола да оди до станицата Овча – изјави Весиќ.
Дачиќ за новинарите изјави дека често има жртви во несреќи како оваа и дека е вистинска среќа што во денешниот судир нема жртви и што сите патници излегле од возот.
„Најважно е да нема жртви“, изјави Дачиќ за новинарите.
Началникот на Секторот за вонредни состојби на МВР, Лука Чаушиќ, кој излезе на местото на настанот заедно со министрите Дачиќ, Весиќ и директорката на претпријатието „Инфраструктура железнице Србија“ Јелена Танасковиќ, изјави дека во 18 часот и 42 минути добиена е дојава за судирот, по што на терен излегле вкупно 25 пожарникари.
– Пристигнувајќи на местото на настанот во 18 часот и 48 минути, констатирано е дека возот за итни случаи се судрил со патнички воз во тунелот на длабочина од 400 метри од влезот – изјави Чаушиќ.
Тој додаде дека четири лица биле извлечени низ тунелот за евакуација. Дачиќ рече дека најважна улога имаат пожарникарите, бидејќи лекарите од итната помош не можеле да дојдат до патниците.
Министерот за транспорт Горан Весиќ изјави дека деталите за несреќата ќе се знаат кога Комисијата „Железничка инфраструктура на Србија“ ќе објави официјален извештај, кој се очекува во текот на утрешниот ден.
Регион
Дачиќ: Припадниците на полицијата евакуираа девет лица од возовите
Веднаш по добиената дојава дека во тунел дошло до судир меѓу патнички и товарен воз, на местото на настанот пристигнале бројни полициски сили и 25 пожарникари-спасувачи со седум возила, со оглед дека екипите на итната медицинска помош нене можеле да се приближат до местото на судирот, изјави вечерва министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ.
Пожарникарите-спасувачи успеале, како што додаде, да стигнат до местото и евакуирале девет повредени лица и ги предале на екипите на итната помош за понатамошно лекување.
„Припадниците на српската полиција се уште се на терен и ги преземаат сите мерки и дејствија од нивна надлежност“, изјави Дачиќ.