Регион
Ден на жалост во Србија и тридневна жалост во Нови Сад по загинувањето на 14 лица
Денеска е прогласен Ден на жалост во Србија, поради загинувањето на 14 лица врз кои се урна кровната конструкција на Железничката станица во Нови Сад.
Меѓу загинатите е и еден македонски државјанин, идентификуван како Васко Саздовски – возраста не е позната, јавуваат српските медиуми.
Бетонската конструкција на станицата се урна вчера пред пладне, усмртувајќи 14 лица и тешко повредувајќи уште тројца.
Одлуката за прогласување Ден на жалост во цела Србија ја потпиша премиерот Милош Вучевиќ.
Градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ, прогласи тридневна жалост во градот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Путин му изрази сочувство на Вучиќ за несреќата на железничката станица во Нови Сад
Претседателот на Русија, Владимир Путин, му изрази сочувство на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по повод трагедијата што се случи на железничката станица во Нови Сад.
Во падот на челичната настрешница загинаа 14 лица.
„Почитуван господине претседателе, ве молиме примете го моето длабоко сочувство за трагичните настани во Нови Сад“, се вели во пораката на Путин, додавајќи дека „граѓаните на Русија ја споделуваат тагата на братскиот српски народ“.
Меѓу загинатите на Железничката станица е и Васко Саздовски од Македонија – 45-годишен научник којшто работел во Институтот „Биосенс“ во Нови Сад, каде што се истражуваат и развиваат информатички технологии за земјоделството.
Во Србија е прогласен ден на жалост.
Регион
(Видео) За влакно ја избегна смртта во трагедијата во Нови Сад: „Може да го прослави својот втор роденден“
Бројот на жртвите во трагедијата што денеска околу 11 часот и 50 минути го погоди Нови Сад се искачи на 14, а десетици луѓе се повредени. Три лица се во животна опасност откако беа извлечени од урнатините откако се урна настрешницата на железничката станица.
Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ вечерва изјави дека е извлечено 14-то тело од несреќата што се случи во Нови Сад и додаде дека не очекуваат да се најдат повеќе жртви.
„Кога имавме осум жртви, знаевме дека под урнатините има уште за кои не можевме да утврдиме дали се живи или мртви“.
На социјалните мрежи се шири снимка од надзорна камера на само неколку секунди пред трагедијата во Нови Сад. Маж за влакно ја избегна трагедијата, само неколку секунди пред падот на настрешницата станал од клупата на која седел, пишуваат српските медиуми.
Многу од корисниците на социјалните мрежи пишуваат дека мажот може да го прослави својот втор роденден. Настрешницата, според написите, буквално се срушила за една секунда и го зафатила целиот простор.
Регион
Македонец меѓу жртвите во Нови Сад: Вучиќ бара политичка и кривична одговорност
„Како претседател барам од обвинителството во Нови Сад, Владата на Србија, одговорните за тоа што се случи да бидат кривично гонети и строго казнети. Кога ја споменав Владата, барам и политичка и кривична одговорност“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ по несреќата во Нови Сад.
„Знам само дека 60 години не ја реновиравме таа настрешница, кога реновиравме сè, не ја реновиравме само, зошто – не знам, претпоставувам некој ќе ги даде одговорите“, додаде Вучиќ.
Тој рече и дека особено виновни се оние кои ја дизајнирале и извеле.
„Одговорни се оние чија должност била инфраструктурата, железницата, сообраќајната инфраструктура“, рече претседателот на Србија.
Вучиќ изјави дека настрешницата се срушила врз луѓето кои биле во близина и дека последните информации се дека загинале 14 лица.
„Сè уште немаме идентификувано пет од нив, осум се државјани на Србија, едно лице е од Северна Македонија. Во името на сите граѓани на Србија сакам да изразам сочувство до семејствата и вечерва е тешко да се зборува, тешко е да се каже нешто рационално. И во такви моменти мораме да најдеме сила да се обединиме, да им помогнеме на семејствата на жртвите и да направиме се што е во наша моќ да ја минимизираме штетата што е можно повеќе и да им помогнеме на луѓето“, рече тој.
Претседателот на Србија ги пофали спасувачите и рече дека успеале да ги покажат срцето и душата на луѓето во трагедијата.
„Цела Србија занеме во еден момент кога спасувачите успеале да извлечат млада жена, а лекарите веќе биле подготвени да и ја отсечат раката бидејќи била закопана со бетон, па успеале да ја извлечат со машини, кај спасувачите видов солзи радосници и тоа покажува колку беа големи“, истакна тој.
Медиумите потсетуваат дека четиринаесет лица загинаа при уривање на настрешница на железничката станица во Нови Сад.
Зоран Круљ, портпарол на итната помош во Нови Сад, изјави дека на еден млад човек му била ампутирана ногата.
„Во денешната трагедија на железничката станица во Нови Сад тешко се повредени 18-годишно момче и девојки на возраст од 21 и 23 години, а нивните животи се во опасност. На 18-годишен маж му е ампутирана ногата“, изјави Круљ.
Градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ изјави дека се повредени повеќе од 30 лица.
Инаку, под настрешницата имало клупи и на нив во моментот на падот имало голем број граѓани. Во сабота во цела Србија е прогласен ден на жалост, а во Нови Сад три дена.