Регион
Десетици повредени во земјотресот во Албанија, граѓаните вознемирени истрчаа на улиците
Најмалку 49 лица се повредени во земјотресот со јачина од 5,8 степени што денеска го стресе западниот дел од Албанија, објавија локаните медиуми.
Земјотресот е регистриран на 13 километри северно од Драч, околу 16 часот.
Портпаролката на Министерството за здравство, Етиола Колја Налбани изјави дека според првичните информации најмалку 30 лица се повредени, од кои дел се здобиле со потешки повреди, пренесе „АП“. Локалните медиуми, сепак известуваат за 49 повредени лица кои биле примени во болница во Тирана.

По вториот земјотрес со јачина од 5,3 степени, луѓето истрчаа на улиците.
„Сите наши соседи истрчаа врескајќи. Му благодариме на Бога што не траеше долго, околу 20 секунди. На десеттиот кат беше ноќен комшмар. Не паметам посилен земјотрес од овој“, изјави за „Ројтерс“, 67-годишен пензионер од Тирана.
Една постара зграда во Тирана е евакуирана бидејќи по потресот се појавиле пукнатини, а делови од фасадата почнале да паѓаат.

Во Драч и Тирана има оштетени куќи, а одредени домаќинства на кратко останале без електрична енергија.
Албанскиот премиер, Еди Рама, поради земјотресот ја откажа посетата за Њујорк, на годишниот состанок на Обединетите Нации.

Ова е најсилниот земјотрес што ја стресол Албанија во последните 30 години, наведе „Ројтерс“.
Земјотресот беше почувствуван и во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Околу 50 маскирани лица дојдоа пред Српскиот културен центар во Загреб
Педесетина маскирани мажи, претежно млади луѓе, пристигнаа пред Српскиот културен центар во Загреб, каде што се одржува изложба.
Таму беа и неколку припадници на интервентната полиција.
Откако пееја „О Хрватска, о Хрватска, независна држава“ и скандираа „За татковината, спремни“, тие го напуштија местото на настанот.
Полицијата не интервенираше веднаш, а групата се оддалечи сама, пренесуваат хрватските медиуми.
Интервентната полиција запрела дел од групата, ги легитимирала, а потоа ги пуштила.
фото: принтскрин
Регион
Во Словенија од денеска границите ќе ги чува и војската
Припадници на словенечката војска од денес ќе учествуваат во чувањето на државната граница заедно со полицијата, откако владата еден ден претходно го активираше членот 37 од Законот за одбрана, што го дозволува ова, јавува словенечката агенција СТА. На овој начин, тие ќе и олеснат на полицијата за да можат да извршуваат задачи поврзани со управувањето со безбедносната состојба, особено во југоисточниот дел на Словенија.
Членот 37 од Законот за одбрана предвидува дека словенечките вооружени сили можат да соработуваат со полицијата во пошироката заштита на државната граница во рамките на националната територија во согласност со плановите и по претходна одлука на владата. Припадниците на словенечките вооружени сили немаат полициски овластувања при извршување на овие задачи.
Владата одлучи да го активира членот на вчерашната седница со оглед на безбедносната состојба во југоисточна Словенија, истакнува СТА. Како што изјави премиерот Роберт Голоб по седницата, полицијата може да ги повика припадниците на словенечките вооружени сили да помогнат во многу ограничен опсег на задачи на границата. На овој начин, армијата ќе им олесни на полициските единици од југоисточна Словенија.
фото: принтскрин
Регион
Хорор во Лесковац: се скарал со соседката, па ја удрил со лопата по главата и стомакот, лекарите се борат за нејзиниот живот
Денеска, во селото Губеревац во близина на Лесковац во Србија се случи обид за убиство. По расправија, 69-годишниот Ц.Ј. ја нападнал својата 61-годишна соседка со лопата, нанесувајќи и повреди опасни по живот. Напаѓачот е уапсен, а Вишото јавно обвинителство во Лесковац му одредило притвор поради сомнение за обид за убиство, објавува српски Блиц.
Според првичните информации, вербалниот конфликт меѓу соседите ескалирал во физички напад. Се сомнева дека Ц.Ј. во еден момент зграпчил лопата и ја удрил жената по главата и стомакот со металниот дел. Жената е итно пренесена во Клиничкиот болнички центар во Ниш, каде што лекарите се борат за нејзиниот живот.
„Жената се здобила со повреди во форма на фрактура на темпорална коска и хематом во пределот на абдоменот, поради што е примена на лекување во Клиничкиот болнички центар во Ниш. Истрагата ја спроведе јавниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Лесковац“, изјавил извор за Блиц.

