Регион
Докторката им кажала на децата да се поврзат со духовите на починатите другари, вели татко на убиено девојче во Белград
Слободан Негиќ, таткото на девојче што беше убиено во ОУ „Владислав Рибникар“ во Белград, во емисијата „Впечаток од неделата“ на Нова.рс откри што според неговите тврдења неодамна се случило во училиштето.
Според Негиќ, докторката која по трагедијата била испратена во училиштето „Рибникар“ да им помогне на децата и родителите, ги однела децата во нејзината канцеларија им пуштила народна музика, велејќи им да се поврзат со духовите и душите на нивните починати другари.
„Во вакви ситуации вообичаено е да се бара виновник, нема да навлегувам во психијатриско вештачење на сторителот на тоа кривично дело, но морам да го спомнам инцидентот.
Денеска присуствував на состанок на родителите на жртвите и претставници на сите надлежни институции на Република Србија.
Добивме пријава од државниот правобранител, од кривичниот обвинител и од секретарот на Министерството за здравство, но кога поставив прашање за докторката никој од присутните не знаеше за кого се работи“, ја започна својата приказна Негиќ.
Тој објасни дека докторката била вработена на невропсихијатриското одделение на КБЦ и дека Министерството за здравство ја испратило како личност која треба да им помогне на децата и родителите во таа ситуација.
Изјави дека јавно ги изнесува овие информации со целосна морална одговорност и дека е подготвен да ги брани на суд. Тој добил согласност и од мајката на едно дете која учествувала во, како што вели, мрачната психотерапија предводена од докторката.
„Нема никој на кој му е јасно како се случи ова. Јас лично, како граѓанин на оваа земја, ќе направам се што е во моја законска моќ, оваа докторка никогаш повеќе да не ја работи оваа работа. Тоа беше без знаење на родителите, девојчето што дојде дома плачеше и не е ни чудо што плачеше во таа траума од денот кога се случи тоа“, вели Негиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Словенечкиот премиер најави построги безбедносни мерки по убиството
Словенечкиот премиер Роберт Голоб најави засилување на безбедносните мерки и измени во казнената политика по смртта на 48-годишен маж во Ново Место, кој почина по напад, пренесе „Индекс“.
Во телевизиско обраќање, Голоб рече дека државата ќе направи сè за да ја заштити безбедноста на граѓаните, но предупреди дека „репресивните мерки нема да бидат популарни“.
Тој најави двојно зголемено полициско присуство во југоисточниот дел на земјата и рече дека сите институции – полицијата, обвинителството и судството – ќе добијат поголеми овластувања.
„Овој сторител не стана таков преку ноќ. Тој е производ на систем што не функционирал. За да го смениме тоа, ќе биде потребна цела генерација“, изјави Голоб.
Премиерот ги повика сите политички лидери да покажат одговорност и да не ја користат трагедијата за собирање политички поени.
Регион
Курти не успеа да формира влада
Лидерот на Движењето „Самоопределување“, Албин Курти, соопшти дека актуелната влада ќе продолжи да функционира до одржување на нови парламентарни избори, откако денеска во косовското Собрание не доби доволен број гласови за формирање нов кабинет, пренесе „Фонет“.
„Им благодарам на сите пратеници кои го поддржаа предлогот за новата влада и на граѓаните за поддршката. Бидејќи 56 гласа беа за, 52 против, а четворица воздржани, новиот мандат не може да започне. Во меѓувреме, како актуелна влада продолжуваме кон новите парламентарни избори“, напиша Курти на „Фејсбук“, пренесе „Косев“.
По гласањето, претседателот на Собранието, Димал Баџа, изјави дека одговорноста сега преминува на претседателката Вјоса Османи, која најави консултации со сите партии. Доколку не биде формирана влада, Османи ќе распише нови избори во рок од 40 дена.
Опозициските партии веќе порачаа дека нема да се обидат да формираат влада, бидејќи немаат мнозинство.
Регион
„Ројтерс“: Нафтата за Србија заглави во Хрватска, американските санкции го блокираа танкерот на НИС
Американските санкции воведени против Нафтната индустрија на Србија (НИС), која е во мнозинска руска сопственост, ја спречиле клучната испорака на сурова нафта, што може да доведе до запирање на единствената рафинерија во земјата доколку не се обезбедат нови залихи, пренесе „Ројтерс“, цитира „Индекс“.
Според неименувани извори запознаени со ситуацијата, Србија има само уште неколку дена пред рафинеријата на НИС во Панчево да мора да го прекине процесот на преработка на сурова нафта. Од компанијата не дале коментар.
Претседателот Александар Вучиќ уште на 9 октомври предупреди дека рафинеријата, која снабдува голем дел од пазарот со горива, вклучувајќи бензин и авио-гориво, ќе има тешкотии по 1 ноември. Сепак, Вучиќ порача дека складиштата се полни и дека постојните резерви ќе бидат доволни до крајот на годината.
„Нема да има недостиг од сурова нафта, нејзини деривати ниту енергетска криза“, изјави тој минатата недела.
Испораката запрена во Хрватска
Како што наведува „Ројтерс“, танкерот Maran Helios, кој превезувал околу еден милион барели казахстанска сурова нафта (KEBCO) за НИС, пристигнал во хрватското пристаниште Омишал на 9 октомври — токму на денот кога стапиле во сила санкциите. Меѓутоа, товарот никогаш не стигнал до Србија.
Хрватскиот оператор „Јанаф“ соопштил дека до 8 октомври ја испорачал целата нафта што се наоѓала во неговиот систем и била во сопственост на НИС, и дека по тој датум немало нови испораки за Србија.
Ова, според агенцијата, укажува дека казахстанската нафта купена од НИС воопшто не била примена во системот. „Ројтерс“ не успеал да потврди дали товарот, кој бил истоварен во вторникот по две недели чекање пред пристаништето, е складиран во Омишал или препродаден на друг купувач.
Можна енергетска криза во Србија
Блокираната пратка на сурова нафта би била доволна за работа на рафинеријата во Панчево околу десет дена. Иако моменталните резерви се речиси целосни, нивното намалување ќе ја направи Србија сè позависна од увоз.
Русија и Србија, како што наведува „Ројтерс“, се обидуваат да најдат решение со кое би се укинале американските санкции што стапија на сила по истекот на последното изземање.
„За мене тоа не е прашање. Рафинеријата мора да работи, а бензинските пумпи мора да останат оперативни“, изјавила за „Ројтерс“ Надежда Кокотовиќ, поранешна раководителка на канцеларијата на НИС за односи со Европската унија.

