Регион
Драма на Халкидик: осумгодишно момче спасено од давење, пресудни биле реакциите на присутните
Драмата на осумгодишното момче кое за малку ќе го загубеше животот во морето кај Фурка на Халкидик имаше среќен крај.
Алармот се вклучил во понеделникот вечерта кога таткото на детето го видел осумгодишното како плови со лицето надолу во морето, пишува „Прототема“.
Преплашен, го извлекол на брегот и сфатил дека е во несвест. Но, лекар, кој бил во близина, веднаш почнал со реанимација.
Во исто време била известена и итната помош, а на местото за пет минути пристигнал волонтер-инструкторот Темели Јерисиотис (член на грчкиот спасувачки тим), опремен со кислород и автоматски мобилен дефибрилатор.
За првите критични моменти за Thesstoday.gr зборуваше искусниот спасувач.
„Бев на работа во Фурка кога граѓаните во паника ме известија дека дете се дави. Притрчав кон плажата и го најдов детето на песокот, а докторот веќе му даваше прва помош. Голтнал многу вода. Во неколку минути му дадов медицински кислород, а набргу пристигна и брзата помош кога се освести“, раскажува тој.
Претседателот на непрофитната организација Kids Save Lives, Анастасис Стефанакис, ја истакна важноста од итно активирање на синџирот на преживување:
„Од суштинско значење е во секој итен случај во близина да има здравствени работници и обучени граѓани што знаат да даваат прва помош, како и достапност до надворешен дефибрилатор. Времето е нашиот најголем непријател. Не можеме и не смееме да чекаме итна помош со скрстени раце“, заклучи тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)
Регион
Бомба фрлена врз куќата на Здравко Чолиќ во Белград
Доцна синоќа беше фрлена бомба врз куќата на пејачот Здравко Чолиќ во белградската населба Дедиње.
Полицијата и дежурниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград се на местото на настанот, а истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Деталите, според написите, засега не се познати, но според извештаите никој не е повреден во експлозијата, но е причинета голема материјална штета, пишува „Телеграф“.
Пејачот бил во куќата
Полицијата веднаш ги блокирала приодите кон куќата по приемот на пријавата.
Припадници на Министерството за внатрешни работи спроведуваат истрага, а форензички експерти собираат докази и ги прегледуваат снимките од безбедносните камери за да го идентификуваат сторителот, пишува медиумот.
Во моментот кога била фрлена бомбата, Чолиќ, неговата сопруга и помладата ќерка Лара биле во вилата.
Според Телеграф, тие спиеле во моментот на експлозијата, а звукот ги разбудил.
Фото: ЕПА
Регион
Фалсификуваните пари за Балканот и ЕУ најчесто доаѓаат од Романија
Најголемите количини фалсификувани пари што пристигнуваат на Балканот и во земјите на Европската Унија потекнуваат од илегални фабрики во Романија.
Криминалните групи ги набавуваат фалсификатите по цена од околу 20 отсто од вредноста на оригиналниот новац, што значи дека за еден милион евра лажни пари се плаќаат околу 200.000 евра.
Според наводите, во Романија се фалсификуваат евра, кувајтски динари и американски долари, додека британската фунта се смета за најтешка за фалсификување.
Членовите на овие групи често се претставуваат како Италијанци, Арапи, Грци или Чеси, а меѓу нив има и криминалци од просторот на поранешна Југославија. Тие преку огласи бараат недвижности, луксузни автомобили, јахти, скап накит, уметнички дела и други вредни предмети.
Средбите најчесто се организираат во градови на северот на Италија, а како алтернативи се користат и градови во Франција, земјите на Бенелукс или Шпанија. Криминалните групи дејствуваат во поголем состав, со цел да ѝ го отежнат работењето на полицијата, пренесе Танјуг.

