Регион
Дрвја и кал во БиХ, местата зафатени од поплавите се непрепознатливи

По поплавите што вчера ја зафатија БиХ, најтешка е состојбата во општина Јабланица, каде што најголем број урнати згради и објекти се под вода, а истото е и во Трусина и Бутуровиќ Поље, јави телевизијата БХТ1.
Новинарка на телевизијата, која известува од терен, изјави дека овие места се непрепознатливи.
-Можеме да видиме само дрвја и вода, кал, се’ лебди на површината на водата, можеме да видиме загрижени жители, изјави таа и додаде дека веќе се започнати хуманитарни акции за помош на загрозените.
Според последните неофицијални податоци само на територијата на Јабланица како исчезнати се водат 48 лица, додека официјалните податоци велат дека по поројните поплави и свлечиштата кај Јабланица, Кониќ, Крешево и Кисељак, потврдена е смртта на 19 лица, а дека по многу други уште се трага.
Населението во погодените подрачја има потреба од итна помош, а најитни се конзервираната храна и вода во шишиња.
Патната комуникација е отежната, а на места и целосно прекината.
Во страшните поплави кои зафатија делови од Босна и Херцеговина, една од жртвите е и 29-годишна трудница од Јабланица. Брачна двојка е пронајдена гушната во одроните во Доња Јабланица, а според првичните информации почина и уште еден брачен пар од овој крај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Пукањето во Белград на само 300 метри од куќата на Мирослав Илиќ, пејачот се огласи: „Боже господе, што се случува“

Во пукањето во Вишњичка бања се повредени пет лица, меѓу нив и една жена за чијшто живот се борат лекарите.
Според неофицијални информации, на пукањето му претходела тепачка, а сè се случило на нешто повеќе од 300 метри од куќата на познатиот пејач на народна музика, Мирослав Илиќ, пишува „Блиц“.
Илиќ по повод настанот се огласи за домашните медиуми.
„Живеам во мирна улица, во мирен крај. Чувај Боже што се случува. Не сум гледал вести и не сакам да знам“, изјави Мирослав за Телеграф.
Иако првичните информации укажуваа дека една жена починала, докторите во Ургентниот центар успеале да ја оживеат.
Неофицијално, повеќе вооружени лица излегле од бело комбе и почнале да пукаат. Овие информации засега не се официјално потврдени, а во тек е полициска потера по напаѓачите.
Очевидци опишале дека од белото комбе излегле неколку лица и почнале да пукаат насекаде.
Регион
(Видео) Полицијата се’ уште трага по напаѓачите по пукањето во кафулето во Белград

Пет лица беа ранети во пукање во кафуле во белградската населба Вишњичка бања, а едно лице е во животна опасност. Напаѓачите, кои пристигнале со бело комбе, влегле во локалот и отвориле оган по гостите.
Повредените – две жени и три мажи – се пренесени во Ургентниот центар. Полицијата покрена акција и сè уште трага по сторителите, јавува „Н1“.
Очевидци раскажаа дека на автобуската станица во близина имало голем број деца кои се разбегале уплашени, а пристигнувањето на итната помош се чекало долго. Жителите потсетуваат дека веќе подолг период имаат проблеми со навивачки групи во оваа населба.
Регион
Детали за пукањето во Белград: Напаѓачите дошле со комбе до кафулето и почнале да пукаат кон гостите

Репортерка на „Н1 Белград“ од Вишњичка бања, каде денеска околу 14:30 часот се случи пукање во кое пет лица беа ранети, јави дека едно комбе дошло по Сланачки пат до локалниот бар и почнало да пука по присутните.
Претходно повеќе медиуми објавија дека починала жена, но според информациите од српската полиција, петмина се повредени. „Еуроњуз“ јави дека жената била донесена во болница без знаци на живот, но спасена е со реанимација. Во моментот се наоѓа во тешка состојба.
На местото на настанот има полиција и форензичари, а полицајците ги замолиле медиумските екипи да се оддалечат бидејќи е во тек увид.
Според жителите, кафулето е познато по тоа што таму се собираат и навивачи, а во него има и простор наменет за деца.
Не е познато дали во моментот на пукањето имало деца во кафулето, но жители и очевидци изјавиле дека на автобуската станица имало голем број деца кои се уплашиле и се разбегале, и додале дека долго се чекало на пристигнувањето на итната помош.
Жителите посочиле дека последните месеци имале големи проблеми со навивачки групи, за што редовно пријавувале во полиција. Полицијата и обвинителството реагирале кога медиумите укажувале на тоа.
„За нив ова е шокантно, но не толку изненадувачко, затоа што навивачките групи одамна прават проблеми,“ јави репортерката на „Н1“.
Засега нема официјални информации за мотивот за пукањето, а српски „Телеграф“ пишува дека станува збор за пресметка меѓу навивачи.