Регион
Дури 700 лекари во БиХ на боледување, се плашат од коронавирусот
Дури 700 лекари и други медицински работници во Босна и Херцеговина се на боледување во пикот на епидемијата на Ковид-19, од кој до вчера беа заразени 1.000 луѓе, а починале 39 заразени, пренесува „Хина“.
Вкупниот број потврдени случаи на Ковид-19 е 1.018, а жариштата се во Бања Лука (257), Читлук (81), Мостар (55) и Широки Бријег (48).
Во Сараево инфекцијата е потврдена кај 35 луѓе. Сепак, загрижува фактот дека во екот на епидемијата во Сараево на боледување се дури 700 медицински лица, а постои сомнеж дека повеќето од нив на тој начин сакале да го избегнат ризикот од зараза на работното место.
Директорката на Клиничкиот центар во Сараево, Себија Изетбеговиќ, предупредува дека станува збор за сериозен проблем кој се заканува да го собори здравствениот систем.
„Отсекогаш имаме проблем со лажни боледувања и тврдам дека во моментот две третини од медицинските работници неоправдано изостануваат од работа. Ги среќавам своите вработени како се шетаат низ град, а некои од нив самите на себе си издале боледување. Ја следиме таа аномалија која во екот на неизвесната борба против Ковид-19 се коси со Хипократовата заклетва и дојдовме до сознанија дека главно станува збор за исти лица“, вели таа.
Директорот на Домот за здравје, Мухамед Ахмиќ, најави санкции за неоправданите боледувања.
„Им наложив на лекарите да се заострат критериумите за одобрување боледување и секое некритичко отворање ќе биде казнето“, истакна тој.
Во меѓувреме, српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, најави дека покрај платата, на сите здравствени работници, возачи и помошен персонал, кои работат во здравствените установи во Република Српска, ќе им биде исплатена еднократна помош во износ од 1.000 конвертибилни марки.
„Пари ќе добијат само оние што работеа од појавата на Ковид-19 во РС, а никако на оние што користат боледување и слично“, нагласи Додик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Србија прогласи вонредна состојба поради снегот: Илјадници домаќинства без електрична енергија
Србија утрово се разбуди под снег и мраз, а поради лошите временски услови, вонредна состојба е во сила во дури 11 општини и градови. Најголеми проблеми се прекините на електричната енергија, поради што повеќе од 6.000 домаќинства останаа без струја, пишува Н1 Србија.
Илјадници домаќинства без струја
Милорад Спасојевиќ од Секторот за вонредни ситуации потврди за РТС дека најголемиот проблем е прекинот на електричната енергија. „Околу 6.450 потрошувачи се без струја. Најлошо е во златиборската, колубараската, моравичката и мачванската област“, рече Спасојевиќ.
Цела Србија се разбуди со температури во минус. Најстудено беше на Копаоник, каде што беа измерени -17 степени, додека најниските температури меѓу градовите беа забележани во Кикинда и Сјеница, со -10 степени.
Според податоците од Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) од 6:09 часот наутро, во Белград, Ниш и Крагуевац се измерени -5 степени, а во Нови Сад -8 степени. На Црни Врх, каде што е регистрирана и снежна бура, температурата била -13 степени, а на Златибор -11 степени. По многу студеното утро, се очекува температурата да се зголеми на некои места во текот на денот.
Поради опасни временски феномени, утрово е во сила портокалова временска тревога за Белград, Бачка, Банат, Срем, Западна Србија, и Југозападна Србија.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)

