Регион
ЕУ потврди дека се укинуваат ограничувањата за извоз на медицинска опрема во Западен Балкан
Високите претставници на Европската Унија испратија заедничко писмо до министрите за надворешни работи на Западен Балкан, со кое се потврдува укинувањето на ограничувањата за извоз на медицинска опрема од ЕУ во Западен Балкан.
Во заедничкото писмо на високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност и потпретседател на Европската комисија, Џозеп Борел, европскиот комесар за трговија, Фил Хоган, и европскиот комесар за соседска политика и проширување, Оливер Варели, се наведува дека ЕУ е целосно посветена на меѓународната соработка и продолжува да им помага на најранливите земји во светот, особено во Западен Балкан, како најблиски партнери.
Во писмото се наведува дека надлежните органи на Европската комисија внимателно го набљудувале спроведувањето на тековните мерки и ги анализирале пречките што настанале како резултат на процесот на поднесување барање за добивање дозвола за извоз за одредени производи, што довело до нарушувања на трговските текови.
Комисијата, посочуваат од таму, доставила предлог за изменување и дополнување на постапката за добивање дозвола за извоз во согласност со потребите на земјите од Западен Балкан бидејќи го намалува опсегот на производи за кои е потребна лиценца, истовремено ослободувајќи го Западен Балкан од постапката.
Наведувајќи дека ова се времиња на голем предизвик и дека пандемијата предизвика состојба во која се многу земји во светот, вклучително и ЕУ, презедоа мерки за да спречат недостиг на заштитна медицинска опрема за лекување пациенти и да спречат понатамошно ширење на болеста, тие се согласуваат дека борбата против пандемијата бара колективно дејствување.
Тие изјавуваат дека, покрај финансиската помош дадена како одговор на кризата, ЕУ веќе презела чекори за да им помогне на земјите од Западен Балкан да го зголемат сопственото производство на заштитна и медицинска опрема.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ од Абу Даби: Пандорината кутија е отворена; ќе дадам сѐ за да го зачуваме мирот и нашата земја
Претседателот на Србија Александар Вучиќ им се обрати на граѓаните од Абу Даби, каде што присуствуваше на отворањето на Неделата на одржливост 2026 и се сретна со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед.
Вучиќ изјави дека државата мора сериозно да се насочи кон развојот на вештачката интелигенција, нагласувајќи дека светот влегува во нова ера на големи промени.
„Големи промени се случувале и порано – од 15 век, кога Европа воспоставила доминација благодарение на научните откритија и освојувањето територии. Денес сите гледаат дека доаѓа ново време кое го носи вештачката интелигенција. Ние сме на 39. место во светот според индексите, што е подобро отколку што очекувавме“, рече Вучиќ, пренесе „Б92“.
Тој додаде дека тоа не е доволно и предупреди дека за шест месеци неработење Србија може да падне и на 70. место, нагласувајќи дека мора постојано да се работи и учи.
„Се соочуваме со две работи – огромен напредок и стравот кај луѓето дека ќе ги загубат работните места“, изјави Вучиќ.
Тој истакна дека државата мора да создаде рамка која ќе го поттикне развојот на вештачката интелигенција, но и ќе гарантира дека граѓаните нема да останат без работа. Посочи дека три проценти од енергијата во Европа се трошат на суперкомпјутери и дека ќе биде неопходно зголемување на енергетските капацитети.
„Важно е да го подготвиме теренот за децата што доаѓаат по нас, за да можат рамноправно да се натпреваруваат со другите во светот“, додаде тој.
Вучиќ информираше дека имал кратка средба со шеикот Мохамед бин Зајед и изрази благодарност за гостопримството, додавајќи дека наскоро се надева на добри вести поврзани со НИС.
„Мораме да ги зголемиме капацитетите на ЕПС, но и да склучуваме договори со други за да ги обезбедиме нашите потреби“, изјави српскиот претседател.
Осврнувајќи се на меѓународната ситуација, Вучиќ зборуваше за Гренланд и Иран, оценувајќи дека светот влегува во период на голема неизвесност.
„Не се радувам на ништо од тоа што се случува. Се плашам од времето во кое влегуваме. Пандорината кутија е отворена и повеќе никој не може да ја контролира“, рече Вучиќ, додавајќи дека ќе вложи целосна енергија за да ги зачува мирот и државата.
Тој нагласи дека граѓаните на Србија не треба да се грижат и дека државата внимателно ја следи ситуацијата. Потврди и дека утре ќе има билатерална средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати.
„Станува збор за двајца лични пријатели. Разговараме како да ја унапредиме соработката. Не заборавајте дека дел од дроновите ги набавуваме од тука“, изјави Вучиќ.
На крајот, тој се осврна и на критиките од дел од медиумите, нагласувајќи дека Србија успеала да издржи и во најтешките моменти, дури и кога 94 дена немало испорака на нафта, без граѓаните да го почувствуваат тоа.
Регион
Снег падна и на Крит и островите во Егејот, дел од училиштата затворени
Снег падна во Грција, на полуостровот Халкидики и на островите во северниот Егеј – Лимнос, Лезбос, Хиос и Споради, како и на планините околу Атина, но и на Евија и Крит.
На Крит сообраќајот на места беше во прекин поради силен град.
Поради временските услови, работата на повеќе училишта е прекината, а наставата се одвива онлајн таму каде што е можно.
Иако температурите се над нулата, снегот и понатаму се задржува.
Фото: pexels
Регион
Србија прогласи вонредна состојба поради снегот: Илјадници домаќинства без електрична енергија
Србија утрово се разбуди под снег и мраз, а поради лошите временски услови, вонредна состојба е во сила во дури 11 општини и градови. Најголеми проблеми се прекините на електричната енергија, поради што повеќе од 6.000 домаќинства останаа без струја, пишува Н1 Србија.
Илјадници домаќинства без струја
Милорад Спасојевиќ од Секторот за вонредни ситуации потврди за РТС дека најголемиот проблем е прекинот на електричната енергија. „Околу 6.450 потрошувачи се без струја. Најлошо е во златиборската, колубараската, моравичката и мачванската област“, рече Спасојевиќ.
Цела Србија се разбуди со температури во минус. Најстудено беше на Копаоник, каде што беа измерени -17 степени, додека најниските температури меѓу градовите беа забележани во Кикинда и Сјеница, со -10 степени.
Според податоците од Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) од 6:09 часот наутро, во Белград, Ниш и Крагуевац се измерени -5 степени, а во Нови Сад -8 степени. На Црни Врх, каде што е регистрирана и снежна бура, температурата била -13 степени, а на Златибор -11 степени. По многу студеното утро, се очекува температурата да се зголеми на некои места во текот на денот.
Поради опасни временски феномени, утрово е во сила портокалова временска тревога за Белград, Бачка, Банат, Срем, Западна Србија, и Југозападна Србија.

