Регион
Експерт открива три можни сценарија за иднината на 13-годишниот Коста кој уби десет лица во Србија
Коста К.(13) кој на 3 мај уби девет деца и обезбедувањето во основното училиште во Врачар, се уште е на Клиниката за неврологија и психијатрија во Белград.
Драган Вулевиќ, специјалист по социјално право и поранешен раководител на Секторот за надзорни работи од областа на семејно-правната заштита во Министерството за труд во Србија, во интервју за весникот Нова открива дека по набљудувањето точно ќе се знае каква дополнителна форма на заштита препорачуваат лекарите, а посочува дека постојат три можности.
Како помлад од 14 години, К.К не може да биде изведен пред суд, ниту да му биде изречена кривична санкција, па затоа прашањето за неговиот правен статус и соочувањето со размерите на кривичното дело што го направи ја преокупира јавноста. Вулевиќ во интервју за весникот наведува дека лекарите писмено ќе се изјаснат дали момчето претставува опасност за него и за околината, како и дали предлагаат затворена форма на заштита, отворена форма или враќање во семејството.
„Моментално не го знам неговото ментално здравје, карактеристиките на личноста, така што, што се однесува до принудниот притвор во здравствена установа, лекарскиот извештај мора да биде таков што тој има структурирано растројство на личноста и нарушување во однесувањето кое бара интензивна медицинска интервенција и во тој случај потребна е согласност од неговите родители“, наведува Вулевиќ.
Следствено, на родителите може делумно да им се одземе старателството, во делот на одлучување за третманот на момчето, па дури и целосно, доколку се утврди дека постојат законски основи и дека семејните околности се опасни за малолетникот. Оваа процедура не го одложува лекувањето, односно детето за тоа време ќе остане на Клиниката за детска психијатрија. Според законот, привремен старател може да биде или Центарот за социјална работа или доверлив близок роднина, вели Вулевиќ.
Друга опција би била доколку експертите заклучат дека К.К. нема никакви нарушувања на личноста, центарот ќе оцени дека тој треба да биде сместен во установа за деца со нарушувања во однесувањето, но соговорникот на Нова смета дека оваа мерка, со оглед на извршеното, се чини малку веројатна, бидејќи тие се домови со отворен тип.
„Третата опција би била К.К да се врати на семејството и во тој случај органот за старателство е должен да изготви детален план за поддршка на родителите во воспитувањето на детето. Понатаму се зависи од наодите на лекарот, односно од оние кои ќе ги применуваат и толкуваат законските норми согласно фактите кои се достапни во овој момент“, вели специјалистот по социјално право.
Адвокатката Ирина Боровиќ, бранител на таткото на момчето В.К.(48), кој го застапува и К.К., за Нова вели дека не треба да се шпекулира и случајно да се проценува бидејќи лекарите не ги завршиле дијагностичките процедури.
„Се чека на лекарите од клиниката каде што сега е К.К., да направат се’, по што ќе знаеме каков третман ќе има и во кој правец ќе се одвиваат работите. Кога некој е опасен за себе или за другите, а проценката е дека причината лежи во нешто од медицинска природа, во тој случај болницата има свои процедури што треба да ги следи. К.К е малолетник, неговите родители се свесни за се’ и не прават никакви опструкции, па верувам дека ќе се согласат со се’ што ќе проценат вештаците. Има многу различни опции и не верувам дека некоја од опциите ќе биде онаа што е спротивна на она што ни го кажува вообичаената логика и што дури и лаиците сметаа дека е логично да се случи“, заклучува адвокатот Боровиќ.
Масакрот во училиштето „Владислав Рибникар“ се случи на 3 мај, кога К.К со пиштолот на татко му уби девет лица. Десеттата жртва во понеделникот им подлегна на тешките повреди.
По масакрот во училиштето „Владислав Рибникар“, со лисици на рацете беше врзан и таткото на момчето В.К., кој е обвинет за тежок напад против јавната безбедност. По рочиштето му е одредена мерка притвор до 30 дена.
Учениците од училиштето „Владислав Рибникар“ се вратија на училиште, една недела по масакрот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поранешниот грчки министер Варуфакис обвинет откако во подкаст призна дека пробал екстази во 1989 година
Поранешниот грчки министер Јанис Варуфакис, самопрогласен „недоследен“ марксист, е обвинет за поттикнување злоупотреба на дрога откако јавно призна дека земал апче екстази пред речиси четири децении, соопшти неговата партија.
Професорот по економија, кој ги налути колегите од еврозоната со тоа што постојано ги отфрлаше условите од пакетот за спасување во замена за реформи за време на должничката криза на земјата во 2015 година, рече дека еднаш пробал екстази, или MDMA, во Австралија во 1989 година.
„Беше одлично искуство, до неколку дена подоцна“, рече тој во подкастот „3026: Човечки алгоритам“, додавајќи дека можел да танцува со часови, но потоа страдал од мигрена. Тој, исто така, кажа дека во минатото користел марихуана.
Варуфакис, сега секретар на малата левичарска партија Мера25, треба да се појави на суд во декември. „Ројтерс“ не можеше веднаш да го контактира 64-годишникот за коментар. Неговата партија издаде соопштение во кое ја обвинува конзервативната влада на Грција дека се обидува да го замолчи на суд.
„Идејата да се суди лидерот на политичка партија затоа што зборувал за своите искуства со дрога пред неколку децении не е ниту случајна, ниту невина грешка. Нема да молчиме. Ниту за провокативната манипулација на судството, ниту за огромниот проблем со зависноста“, соопшти партијата Мера25.
фото/Depositphotos
Регион
Тешка пневмонија комплицирана од хроничните болести на Дачиќ: „Шеќерот му беше 20“
Српскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ (60) е во тешка состојба на Клиниката за пулмологија при Клиничкиот центар на Србија, каде што е на респиратор поради тешка билатерална пневмонија. Неговата состојба е дополнително комплицирана од хронични заболувања, вклучувајќи дијабетес и срцеви проблеми, кои се опасни по живот, пишува Блиц.рс.
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера изјави дека состојбата на министерот Дачиќ е малку подобра, но предупреди дека е неблагодарно да се даваат прогнози.
„Параметрите се малку подобри, но е неблагодарно да се даваат прогнози. При движење, неговата сатурација на кислород во крвта се намали, но сите важни параметри сега се малку подобри. Можеме само да се надеваме и да веруваме дека ќе биде добро“, рече Вучиќ. Тој додаде дека Дачиќ „има и некои други болести, што ги комплицира работите“.
Помошникот директор на Клиниката за пулмологија, Спасоје Попевиќ, вчера попладне ја потврди сериозноста на ситуацијата.
„Состојбата на Дачиќ останува тешка и сериозна. Медицинскиот тим што се грижи за него вложува огромни напори и ние се бориме првенствено за подобрување“, рече Попевиќ, додавајќи: „Прерано е да се зборува за било што. Третманот продолжува според сите постулати на модерната медицина за интензивна нега“.
Министерот Ивица Дачиќ претходно јавно во неколку наврати зборуваше за сериозните здравствени проблеми со кои се бори со години.
Во март минатата година, тој призна под каков притисок работи и отворено зборуваше за тоа колку е исцрпен и како нивото на шеќер во крвта драстично му се зголемило поради сè. „Знаете, вчера мојот шеќер беше 20. Сето ова може да трае, но не долго. Денес е околу 15, и покрај сите лекови што ги земам. Што можам да правам, не можам да се жалам“, рече Дачиќ тогаш.
Регион
Вучиќ: Ова ќе биде клучна и една од најтешките години во светот
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека утре ќе бидат потпишани 10 договори за соработка меѓу Србија и Казахстан и истакна дека ова е создавање темел врз кој ќе се изгради голема куќа на пријателство што е од интерес за двете земји.
– Разговаравме за геополитичката ситуација. Имаме речиси 100% согласност во оценките. Можам да зборувам за моите предвидувања. Можaм да прoмашам за неколку дена, но во суштина не. Очекувам наскоро да започне голем конфликт, сите знаете на кој мислам, и очекувам конфликтот во Украина да не заврши, мислам дека ќе продолжи долго време. Би сакал да грешам, би бил повеќе од среќен да излезам и да кажам дека моите проценки беа погрешни, но се плашам дека ќе бидам во право. Полека, сите влегуваат во ќорсокак, а кога сте во ќорсокак, се движите само кон потешки решенија и поголеми проблеми. Ова ќе биде клучна година и една од најтешките години во светот. Не би ја исклучил можноста за употреба на неконвенционално оружје во текот на оваа година – изјави Вучиќ, пренесуваат медиумите во регионот.

