Регион
Експлозии во фабрика за оружје во Бугарија, тројца загинати

Две силни експлозии ја потресоа фабриката за оружје „Арсенал“ во Казанлак, јавија бугарските медиуми наведувајќи дека сè уште не е позната причината за несреќата. Во експлозиите загинаа најмалку три лица, а неколку други се повредени.
На местото на експлозијата веднаш биле испратени спасувачки екипи и брза помош.
Фабриката за оружје „Арсенал“ пред неколку месеци беше спомената во жестоката размена на обвинувања меѓу властите и опозицијата, која тврдеше дека автоматски пушки и муниција од Казанлак тајно се транспортираат во Украина.
Тогашната бугарска влада ги отфрли овие тврдења како неосновани.
Опозицијата го наведе Казанлак како една од точките каде што оружјето се товари на камиони, од каде што преку Полска се доставува до украинските вооружени сили.
Околу 5.000 луѓе се вработени во фабриката, која произведува бугарски верзии на „калашникови“, фрлачи на гранати, минофрлачи, противвоздушни пушки и разни видови муниција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) Тепачка, димни бомби: бурен почеток на седницата во собранието во Србија

Хаос избувна денеска на седница на српскиот парламент кога се степаа пратениците на власта и опозицијата, пишуваат српските медиуми.
Пратениците фрлаат димни бомби. Салата е полна со чад. Претседателката на парламентот, Ана Брнабиќ, која реагира на чадот во салата, рече дека седницата мора да се прекине.
Пратениците меѓусебно се туркаа, удираа, фрлаа вода, а подигнат беше и транспарент на кој пишува „Србија се крева за да падне режимот“.
Во Собранието пристигна министерот за полиција, Ивица Дачиќ.
Според најавите, треба да биде констатирана и оставката на премиерот Милош Вучевиќ, која ја поднесе на 28 јануари.
Пратеникот на СНС, Миленко Јованов, предложи точката за разрешување на претседателката на собранието, Ана Брнабиќ, да се симне од дневен ред. И покрај негодувањето на опозицијата, владините пратеници го усвоија овој предлог.
„Почитувани пратеници, ова собрание ќе продолжи да работи. Барам пратениците од мнозинството да се вратат во своите фотелји, треба да донесеме закони. Имаме работа, Србија никогаш нема да застане. Седнете и ајде да работиме. Ваква Србија никогаш нема да победи“, рече претседателката на собранието, која, поради димот, се закашла и не можеше да зборува.
Регион
Вучевиќ: Професорите што не предавале утре нема да го добијат првиот дел од февруарската плата

Милош Вучевиќ, премиерот на Србија во заминување, утрово изјави дека професорите и наставниците што не предавале нема да ги добијат февруарските плати. Премиерот ја истакна и изјавата на претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ, дека студентите треба да се вратат на универзитетите најдоцна до 17 март за да не се изгуби академската година.
„Се плашам дека е уште потешко за училиштата, не сум сигурен како е можно да се постигне тоа. Професорите и наставниците, кои не држеле настава во училиштата, утре нема да го добијат првиот дел од февруарската плата. Тој што не работи, нема да земе плата“, изјави утрово Вучевиќ за „Прва телевизија“.
Како што рече, „тоа апсолутно не е фер кон оние што работеле“.
„Оние што работат и во минимален работен процес немаат проблем да добијат плата. Тоа е процес кој е правен и нешто што државата може да го препознае. Дозволивте нашите училишта да се затворат, а сепак велите дека се борите за подобра Србија. Конкретно, не може да се легализира тоа што лукаво го направија, родителите да одлучуваат во групите на ‘Вибер’ дали ќе одат децата или не на училиште. Која безбедност е загрозена во училиштата? Каква врска има ова со паѓањето на натстрешникот? Апсолутно никаква“, рече, меѓу другото, Вучевиќ.
Регион
Украле 202 парфема во вредност од 17.640 евра: необична кражба во Загреб

Полицијата во Загреб пријавила 24-годишник, 20-годишник и 19-годишник, кои се осомничени дека од средината на март 2024 година до 24 февруари годинава од парфимерии во поширокото подрачје на Загреб украле 202 парфема во вредност од 17.640 евра.
Полицијата прецизира дека тројката изминатава година посетувала парфимерии на повеќе места, каде што во неколку наврати заедно, понекогаш во парови, а понекогаш сами, ги користеле условите кога вработените биле зафатени и извршиле кражба 19 пати.
По завршувањето на кривичната истрага, 24-годишниот и 20-годишникот се предадени на надзорникот на притворот, а полицијата сè уште трага по 19-годишникот. Сите тројца се пријавени во загребското општинско кривично државно обвинителство.