Регион
Ердоган во дводневна посета на Србија
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска ќе пристигне во дводневна официјална посета на Србија, чиј домаќин ќе биде српскиот претседател Александар Вучиќ.
Како што беше најавено, свечениот пречек ќе се одржи во 12:30 часот пред Палатата на Србија.
Двајцата претседатели ќе ја посетат изложбата „Србија и Турција во документите на османлискиот архив и архивите на Србија“, а потоа ќе водат сесија на Високиот совет за соработка меѓу Србија и Турција и ќе се обратат до медиумите.
Потоа, Ердоган и Вучиќ ќе присутвуваат на српско-турскиот бизнис-форум и ќе разговараат за економската соработка на двете земји и плановите за нејзино подобрување.
Вториот ден од посетата ќе биде проследен со трилатерален самит на Србија, Турција и Босна и Херцеговина, на кој ќе присуствуваат и тројцата членови на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, Милорад Додик и Шефик Џаферовиќ.
Утре попладне свечено ќе биде означен почетокот на градежните работи на автопатот Белград – Сараево.
Со Ердоган, во Србија ќе пристигнат повеќе од 100 турски бизнисмени од различни области.
Покрај капиталниот инфраструктурен проект, автопатот меѓу главните градови на Србија и БиХ, во тек се значајни проекти со Турција, како што е реконструкција на патот Нови Пазар – Тутин. Исто така, најавено е дека за време на посетата, Ердоган ќе отвори пет турски компании и ќе постави камен темелник за изградба на една фабрика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Бугарија ја продолжи забраната за извоз на клучни лекови
Бугарија ја продолжи забраната за извоз на инсулини, инсулински аналози и група антибиотици до 23 јануари наредната година, според налог на министерот за здравство Силвио Кирилов. Министерството соопшти дека забраната повторно се продолжува поради проблеми со снабдувањето, пријавени недостатоци и одбивања од веледрогерии.
Како причини се наведуваат неправилности и доцнења во испораките, како и намалени количини нарачани лекови. Забраната ги опфаќа инсулините и нивните аналози, SGLT2-инхибиторите и лековите на база семаглутид, како и антибиотиците на база азитромицин. Забранет е и извозот на месалазин.
Забраната за извоз на инсулини првпат беше воведена во ноември 2023, а потоа повеќепати продолжувана.
Регион
Загрепскиот Вјесник ќе се руши поради нестабилна конструкција по пожарот
Потпретседателот на Владата и министер за простор, градителство и државeн имот, Бранко Башиќ со претставници на Град Загреб и стручњаци од Хрватскиот центар за сеизмичко инженерство соопшти дека култниот загрепски небодер Вјесник ќе се руши поради небезбедна конструкција.
Башиќ изјави дека извештајот на стручњаците укажува на сериозни статички оштетувања и опасност од урнување поради што ќе се изработи проект за уривање, а потоа ќе следи јавна набавка и самиот процес на рушење. Славонска авенија и подвозникот остануваат затворени до отстранување на објектот.
Стручњакот Марио Урош од Центарот за сеизмичко инженерство предупреди дека конструкцијата е делумно нестабилна поради оштетувањата од пожар, пукнатини и отпаѓање на елементи. Според него, потребно е итно уривање бидејќи опасноста со текот на времето расте.
Владата најави дека ќе се утврдат роковите за рушење и дека потоа ќе се уредува просторот на поранешниот Вјесник, со можен архитектонски конкурс. Стручните служби и полицијата ќе извршат увид, но екипите нема да престојуваат подолго во објектот поради ризикот.
Регион
(Видео) Синиша Каран нов претседател на Република Српска, Додик запеа на прославата
Синиша Каран од Сојузот на независни социјалдемократи (СНДС) е избран за нов претседател на Република Српска. Опозицијата објави дека ќе поднесе приговори поради нерегуларности и ќе побара повторување на изборите во Зворник, Добој и Лакташи, објави „Дневни аваз“.
Овие избори се карактеризираа со ниска излезност од 35,72 проценти, што е дури 18 проценти пониско од изборите во 2022 година.
„По којзнае кој пат, кога беше најтешко, победи српскиот народ“, рече Каран, откако партијата прогласи негова победа.
„Благодарност до сите што го препознаа овој момент и благодарност до претседателот Додик, и до сите што не се членови на нашата партија, но го препознаа овој момент. Српскиот народ даде решителен одговор на странскиот окупатор“, рече тој.
„Убеден сум дека администрацијата на Трамп ќе остане доследна и нема да се занимава со други земји, како што е Босна и Херцеговина. Тие сакаа да се ослободат од Додик, а сега добија двајца Додикови“, рече Каран.
Прославата во СНСД траеше до доцна во ноќта, а Додик го зграпчи микрофонот и запеа.
Милорад Додик никад веселији, издајник Вукановић никад тужнији! pic.twitter.com/XhlxnswOxx
— Саша Шарчевић (@saarcevic2901) November 23, 2025
Според прелиминарните податоци, Каран победи со три проценти повеќе гласови од неговиот главен противник, Бранко Блануша од Српската демократска партија (СДС).

