Регион
ЕУ ќе даде дополнителни две милијарди за Западен Балкан
Европската Унија, по иницијатива на Германија, се подготвува да инвестира дополнителни две милијарди евра во земјите од Западен Балкан со цел да се поттикне нивната меѓусебна соработка, стабилизација на регионот и забрзување на евроинтеграцијата.
„По состанокот на Советот на министри на ЕУ и Советот на Европа, каде што посебно се зборуваше за ситуацијата на Балканот, имавме многу детални дискусии во канцелариите на претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, и комесарот за проширување Јоханес Хан. Ни беше кажано дека ЕУ ќе мора да најде дополнителни средства за да се стабилизира и да се подобри ситуацијата на Балканот. Од нас беше побарано да ги преиспитаме сметките планирани за оваа година и да најдеме начини како да пренасочиме пари од буџетот во проекти на Балканот “, известил неименуван извор од Европската инвестициска банка.
Ваквата иницијатива дојде од Берлин бидејќи Германија смета дека е потребен нов посилен ангажман за да се стабилизираат и интегрираат БиХ, Србија, Црна Гора, Македонија, Косово и Албанија.
Новата германска иницијатива, наводно, ќе биде во висина од две милијарди евра дополнителни средства, покрај оние кои претходно беа најавени преку процесот „Берлин плус”, кој почна во 2014 година.Опција која се разгледува е средствата наменети за други региони и земји да се пренасочуваат кон Западен Балкан.Со куси ракави може да остане Турција, која ќе биде оставена без финансиска поддршка од ЕУ поради контроверзните политички потези на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Се споменуваат проекти, како што е автопатот кој ќе ги поврзува Србија и Албанија преку Косово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Вучиќ утрово го посети Дачиќ: Неговата состојба е нешто подобра
Српскиот претседател Александар Вучиќ утрово, на пат кон Казахстан, објави дека го посетил министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ и дека неговата здравствена состојба е малку подобра. Вучиќ го објави ова од авионот, пренесува РТС.
„Го посетив Ивица утрово. Лекарите велат дека неговата состојба е малку подобра. Верувам во него, а сега на пат кон Казахстан за одлични резултати за нашата Србија“, напиша Вучиќ на својот профил на Инстаграм.
Тој додаде дека закрепнувањето на Дачиќ е во тек, но дека претпазливоста е сè уште неопходна.
„Секако, претпазливоста е сè уште неопходна и ништо не е сигурно, но е подобро, на радост на неговото семејство и на сите луѓе што го сакаат“, рече Вучиќ.
Регион
„Следните 72 часа се клучни“: Се огласи доктор од клиниката каде што се лекува Дачиќ
Српскиот вицепремиер и претседател на Социјалистичката партија на Србија, Ивица Дачиќ, вчера беше хоспитализиран на Клиниката за пулмологија на Клиничкиот центар на Србија поради тешка пневмонија.
Заменик-директорот за пулмологија, Спасоје Попевиќ, вчера вечер за Танјуг изјави дека ситуацијата е многу тешка и дека министерот Дачиќ има тешка пневмонија и дека следните 72 часа ќе бидат клучни.
– Тој моментално е на механичка вентилација – респиратор, прима сè што му е потребно, сите лекови, терапија, со тој респиратор, што е метод на лекување, купуваме време потребно тие лекови да дејствуваат и се бориме за неговиот живот. Тешка пневмонија и борба за неговиот живот – рече д-р Попевиќ.
Докторот прецизираше дека министерот Дачиќ е хоспитализиран во 16:30 часот на Клиниката за пулмологија.
Попевиќ додаде дека засега не може да даде никаква прогноза.
– Прерано е, но се обидуваме и мислам дека успеваме до одреден степен да ја стабилизираме неговата состојба. Следните неколку дена ќе ни дадат одговори како да продолжиме. Постојано сме околу него и тоа е сè што можам да кажам во овој момент – рече Попевиќ.
Дачиќ вчера беше посетен и од српскиот претседател Александар Вучиќ и членови на владата.
Регион
(Видео) Вучиќ за состојбата на министерот Ивица Дачиќ: Се молиме за него
Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ е примен на полуинтензивна нега во Клиничкиот центар на Србија и е во сериозна состојба.
Дачиќ моментално е на апарати и е во критична состојба. Дијагностициран му е билатерална пневмонија.
Српскиот претседател Александар Вучиќ даде изјава пред Клиничкиот центар на Србија:
„Вицепремиерот на Србија и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е во тешка ситуација“, кажа претседателот на Србија пред Клиниката за пулмологија во Клиничкиот центар на Србија, каде што го посети со членови на владата.
„Ги посетивме сите заедно вицепремиерот и претседателот на Социјалистичката партија на Србија, тоа е тешка ситуација, но веруваме во лекарите и веруваме во него и се молиме за него“, рече Вучиќ.
Според лекарот што го лекува министерот Дачиќ, ситуацијата е многу тешка, Дачиќ има тешка пневмонија.
„Тој моментално е на механичка вентилација, односно респиратор, прима сè што му е потребно, ја прима најдобрата антибиотска терапија, со тој респиратор купуваме време потребно за тие лекови да дејствуваат и се бориме за неговиот живот. Тој беше примен на Клиниката за пулмологија околу 16:30 часот. Следните неколку дена ќе ни дадат повеќе одговори, се надеваме на најдоброто“, рече д-р Попевиќ, кој го лекува Дачиќ.

