Регион
Загадувањето на воздухот во Србија алармантно
Воздухот во повеќе градови во Србија во изминатите денови е енормно загаден и покрај топлото време, пренесуваат српските медиуми. Лекарите апелираат луѓето со распираторни и кардиоваскуларни проблеми да не излегуваат од дома од 8 до 18 часот.
Имајќи предвид дека грејната сезона сè уште не е почната и дека домаќинствата и топланите се едни од најголемите загадувачи во Србија, се поставува прашањето каков воздух ќе дишат граѓаните кога зимата навистина ќе почне, пишува српскиот весник „Блиц“.
Во Ваљево, кој е еден од најзагадените српски градови, без оглед на топлите денови, веќе сега тешко се дише, а мерењето на квалитетот на воздухот во изминатите седум дена покажало дека воздухот е загаден на ниво од 4. категорија.
„Ова ги загрозува пациентите со распираторни и кардиваскуларни болести. Кога во текот на зимата загадувањето ќе биде уште повисоко, ќе бидат загрозени и останатите ранливи категории, како што се децата и трудниците. Поради тоа, во периодот кога загадувањето е на највисоко ниво, а тоа е од 8 до 18 часот, загрозените треба да избегнуваат да излегуваат надвор, да ја намалат физичката активност и да поминуваат повеќе време во домашни услови“, рекол онкологот Зоран Живковиќ, претседател на врањскиот Совет за здравје за „Блиц“.
Тој потсетил дека во Србија поради загадувањето на воздухот годишно прерано умираат 5.400 луѓе.
Живковиќ појаснил дека при вдишувањето на ПМ10-честичките, кои го скратуваат здивот, срцето се напрега за да го компензира намаленото внесување на кислород и притоа се исцрпува. На тој начин, покрај болести на белите дробови, честичките доведуваат и до срцев и мозочен удар и може да се сметаат за причинители на изненадна смрт од срцев удар.
Во средата е регистрирано рекордно загадување во Србија – 223 ПМ10-честички на метар кубен измерени на мерната станица во Панчево во три часот наутро. Во 7 часот, пак, во Нов Белград, биле измерени 167 ПМ10-честички на метар кубен.
На веб-страницата Air visual, која се занимава со мерење на загадувањето во цел свет, Белград пред два дена бил означен како четврти град со најзагаден воздух во светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Непалските работници во Хрватска штрајкуваат поради ниски плати и лоши услови
Неколку часа траеше прекинот на работата во складиштето за овошје на логистичко-дистрибутивниот центар на „Плодине“ кај Кукуљаново, откако непалските работници изразија незадоволство од условите, јави „Индекс“
Синдикатот NSRH информира дека странските работници, најмногу од Непал, реагирале на ниските плати, прекувремената работа и условите. Во објектот работат околу 100 странци и околу 70 домашни работници.
Синдикатот предупреди и на случајот со седуммина непалски работници кои по зачленување во синдикат биле изложени на притисоци и закани со губење на работен и престојувачки статус.
Штрајкот е прекинат откако им било ветено дека во понеделник ќе имаат средба со лице од повисоко раководно ниво.
Регион
Европската комисија повторно бара истрага за можната употреба на звучен топ на протестите во Белград
Европската комисија уште еднаш ги повика српските власти да спроведат брза, транспарентна и веродостојна истрага за наводната употреба на звучен топ за време на антивладиниот протест во Белград на 15 март 2025 година, јави Радио Слободна Европа (РСЕ).
Повикот доаѓа откако европските медиуми повторно го покренаа прашањето, а Политико објави дека српските разузнавачки служби, во соработка со руската ФСБ, тестирале звучни уреди на кучиња во обид да утврдат дали е користено звучно оружје врз демонстрантите.
Во извештајот што српскиот претседател Александар Вучиќ го презентирал, се тврди дека уредите не предизвикале реакции кај животните, па оттука било заклучено дека звучен топ не бил користен на протестот. Руската страна не коментираше за извештајот, пренесе РСЕ.
Во изјавата на Европската комисија се нагласува дека „односите со Русија не можат да продолжат како и досега, особено кога се работи за безбедносни прашања“, и се потсетува дека властите имаат обврска да ги заштитат демонстрантите од повреди и насилство.
Српските власти подоцна признаа дека полицијата поседува звучни уреди, но тврдат дека „никогаш не биле употребени“.
Демонстрантите сведочеле за силни и необични звуци, вибрации и здравствени тегоби по протестот – како вртоглавици, несвестица, покачен притисок и нарушувања на слухот.
Настанот го истражува и Европскиот суд за човекови права.
Фото: ЕПА
Регион
Научник од Ровињ: Сите примероци од Јадранското Море што ги обработив имаа микропластика
Бројот на микропластични честички во Јадранското Море драматично се зголемува, понекогаш надминувајќи половина милион на квадратен километар. Научниците велат дека опасните хемикалии можат да влезат и во синџирот на исхрана преку него, објавува Dnevnik.hr.
Просечната концентрација на микропластика во Јадранското Море е околу 250.000 честички на км². Според мерењата на водите во Ровињ, бројот понекогаш достигнува 600.000.
„Досега, сите примероци што ги обработив имаа микропластика. Нема примерок што го обработив досега, а кој немал микропластика“, рече Виктор Стинга Перуско од Центарот за морски истражувања на IRB во Ровињ.
„Бројот постојано расте бидејќи имаме нов влез, додека се произведува пластика, можеме да бидеме сигурни дека оваа пластика ќе заврши во морето во одреден момент“, додаде тој.
Голем дел од влакната што се невидливи за окото доаѓаат и од домаќинствата. И со секое перење на машината за перење, додаваме уште малку. Влегува во организмите на рибите, а потоа и во нашите тела преку храната.
Влијанието врз здравјето, велат научниците, сè уште не е доволно истражено.
фото/Depositphotos

