Регион
Загинаа двајцата пилоти од воениот авион што се урна во Србија

Српското Министерството за одбрана потврди дека загинале двајцата пилоти при уривањето на авионот „миг-21“ за време на воена вежба.
Надлежните го посетија местото на трагедијата и разговараа со очевидци. Од Министерството соопштија дека авионот бил прегледан во согласност со сите процедури, а по увидот, утврдено е дека е исправен и подготвен за лет.
Началникот на Генералштабот формира комисија за итни истраги и експертска комисија за утврдување на причините за падот на авионот.
Телеграми на сочувство до семејствата на загинатите пилоти испратија претседателот на Србија, Александар Вучиќ, министерот за одбрана, Александар Вулин, и началникот на Генералштабот, генерал Милан Мојсиловиќ.
Жителка на областа каде што се урнал авионот изјавила дека била дома кога слушнала силен звук поради што ја напуштила куќата и го видела авионот како лета многу ниско.
„Нешто одекна, излегов од куќата, авионот леташе толку ниско што за малку ќе ги потфатеше куќите и шумата“, објаснила таа.
Aвионот на српската војска се урна утрово во околината на Лозница. Првичните информации беа дека еден пилот загинал, а по другиот, кој се катапултирал, сè уште се трага. Сепак, попладнево пристигнала информација дека и другиот пилот починал во несреќата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Силен земјотрес во близина на Крит: ги вознемири жителите на островот

Силен земјотрес денес го погоди подрачјето во близина на брегот на Крит.
Епицентарот на земјотресот се наоѓа 31 километар источно-североисточно од Закрос на овој остров, објавува грчкиот „Прототема“.
Земјотресот се случил во 20:46 часот по грчко време, а сеизмичкиот потрес имал јачина од 5 степени според Рихтеровата скала, според Геодинамичкиот институт.
Длабочината на која се наоѓал епицентарот на земјотресот била 7,8 километри, објавуваат медиумите.
Регион
(Видео) Невреме во Србија: превртен камион, откорнати дрвја, поплавени улици

Силно невреме, проследено со јак ветер и дожд, денес зафати делови од Србија.
Само во Белград, ветерот собори дрвја и гранки на повеќе од 50 локации.
На социјалните мрежи беа објавени бројни видеа од паднати дрвја и скршени гранки.
Силниот ветер што дуваше во Нови Сад собори дрво.
Силен ветер дуваше и во Белград, а повремено имаше врнежи проследени со грмотевици.
Силна бура го погоди и Зрењанин.
Ветрот кршеше гранки од дрвјата, а поради дождот, водата остана на патиштата.
Налети на ветер превртеа камион кај Зрењанин, според написите во медиумите од регионот.
Регион
(Видео) Големо невреме во Загреб, ветерот крши ролетни, урива дрвја

Голема промена на времето пристигна во Хрватска. Бура го погоди Загреб околу 10 часот наутро. Како што известуваат хрватските медиуми, ветерот дува силно и ги кине ролетните на куќите. Грми, врне и дува силно во целиот град.
Портокалова тревога е во сила за регионите Славонија, Истра, Кварнер и во Далмација, а жолта тревога е во сила за остатокот од Хрватска.
Температурите во делови од земјата ќе паднат за повеќе од 10 степени во споредба со вчера.