Регион
Заев, Вучиќ и Рама ја повикаа Европската Унија да ја поддржи иницијативата „Отворен Балкан“

Македонскиот премиер Зоран Заев, претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Албанија Еди Рама ја повикаа Европската Унија да ја поддржи иницијативата „Отворен Балкан“ и изразија надеж дека новата германска влада ќе ја поддржи истата како придонес за Берлинскиот процес.
„Нашата иницијатива ‘Отворен Балкан’ е голем чекор кон членството во ЕУ. ЕУ треба да ја поддржи“, напишаа Заев, Вучиќ и Рама во заедничката статија за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
Во написот се оценува дека Европа е континент, но и визија и дека граѓаните на Западен Балкан, како важен дел од тој континент и таа визија, предолго се оставени да стојат пред вратата на ЕУ.
„Желбата на нашиот народ да биде примен постојано се поништува поради внатрешните политики на земјите членки, неисполнувањето на ветувањата и стравот од иднината, што доведе до разочарување, нестабилност, иселување. Ние како политички одговорни, можеме да се жалиме или да направиме нешто против тоа. Се одлучивме за второто“, изјавија Вучиќ, Рама и Заев.
Тие напишаа дека нивната визија е да ги надминат социјалните, економските и трговските бариери кои го попречуваат економскиот раст на регионот, преку имплементација на четири европски слободи во нивните земји.
Тоа се, како што се објаснува, слободното движење на луѓе, стоки, капитал и услуги, што може да ја поттикне соработката, трговијата и растот и да му го олесни животот на секој поединец во нашето соседство.
„Иако иницијативата ‘Отворен Балкан’ моментално ги вклучува само Србија, Албанија и Северна Македонија, таа е отворена за сите земји од Западен Балкан. Ја користиме оваа пригода уште еднаш да ги поканиме сите наши соседи да се придружат и да им ги понудат на своите жители поволностите што ги нудиме на нашите луѓе“, напишаа Заев, Вучиќ и Рама.
Авторите на написот изјавија дека како одговорни политичари не можат да дозволат регионот, кој многумина го критикуваат дека е како буре барут на Европа, да се врати во кошмарите од минатото, во време кога ЕУ не може да направи повеќе за своето проширување.
„Има разлики меѓу нас, не се согласуваме за некои политички прашања, но се согласуваме дека економијата и четирите европски слободи се патот кој носи надеж и траен мир во регионот“, напишаа Вучиќ, Рама и Заев.
Тие изразија надеж дека новата германска влада ќе ја прифати и поддржи иницијативата „Отворен Балкан“ како придонес за целосно спроведување на Берлинскиот процес и заклучија дека сега целата ЕУ треба да се приклучи на целосната поддршка за таа иницијатива.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Девојки скокнале од воз во движење бидејќи ја пропуштиле својата станица, едната е во критична состојба: хорор во Бугарија

Две девојки, на возраст од 20 и 21 година, биле итно префрлени во болница во Пловдив откако скокнале од патнички воз на линијата Софија-Бургас во близина на железничката станица „Клисура“, потврди вчера прес-центарот на Одделот за внатрешни работи во Пловдив. 20-годишната девојка се здобила со тешки повреди и е во критична состојба, објавува порталот 24chasa.bg.
Инцидентот бил пријавен во службите за итни случаи во вторник околу 13:30 часот. Според првичните информации, девојките скокнале од прозорецот додека возот се движел, објавува БНТ.
Се наведува дека тие скокнале од возот во движење бидејќи ја пропуштиле станицата од каде што требало да слезат.
Наводно, не успеале да ја отворат вратата од вагонот на време. Кога конечно успеале да го сторат тоа, решиле да скокнат, но возот веќе добивал брзина.
Покрената е прелиминарна истрага и е известено Окружното обвинителство.
Поради инцидентот, сообраќајот помеѓу станиците „Клисура“ и „Стрјама“ е привремено прекинат.
Според Антонија Иванова од прес-центарот на Универзитетската болница за активен третман „Свети Георги“ во Пловдив, состојбата на 20-годишното девојче е исклучително лоша, објавува 24chasa.bg.
„Во моментов не можам да дадам никакви дополнителни информации. Другото девојче, кое има 21 година, е хоспитализирано во клиника во здравствена установа во стабилна состојба“, рече таа.
фото: принтскрин
Регион
Дете остана без рака при експлозија на плажа кај Будва

Страшна несреќа се случи на плажа во близина на Будва, каде што вчера експлодираше боца за нуркање. Во таа прилика, едно дете беше тешко повредено.
Црногорската полиција го уапси М. Б. (45), граѓанин на Белград, кој е обвинет за предизвикување јавна опасност и нелегални активности. Според официјалните информации, осомничениот управувал со опрема за нуркање без потребната регистрација или одобрение, што, како што е наведено, ги загрозило животите на присутните.
Детонацијата се случила во непосредна близина на плажата, кога експлодирала боцата за нуркање. Делови од неа одлетале на поголемо растојание и го погодиле детето, странски државјанин, во раката, што довело до ампутирање на неговата рака. Повреденото дете веднаш било пренесено во болница.
До него, уште две лица се здобиле со полесни повреди од експлозијата и побарале медицинска помош.
На местото на настанот дошол обвинителот на Основното државно обвинителство во Котор, заедно со експерти од машинската струка, каде што била спроведена истрагата. По спроведените мерки и дејствија, М.Б. бил уапсен и приведен од надлежните органи.
Несреќата предизвика голема вознемиреност кај туристите и локалните жители, додека истрагата треба да ги утврди сите околности и одговорноста на осомничениот, пренесуваат медиумите во соседството.
Фото: принтскрин
Регион
(Видео) Вучиќ рече „ќе ги намалиме потрошувачките кредити“, а потоа замолче и ја смени темата

Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера од Палатата на Србија презентираше нов пакет економски мерки за подобрување на животниот стандард на граѓаните. Мерките, кои тој ги нарече „чудесни“, вклучуваат ограничување на маржите на најголемите малопродажни синџири за 3.000 производи и намалување на каматните стапки на готовинските и потрошувачките кредити.
„Дали знаете што се потрошувачки кредити? Кога ви треба кредит за огревно дрво, за зима итн. Малкумина користат потрошувачки кредити. Но, ние ќе ги намалиме потрошувачките кредити…“, рече Вучиќ, по што замолчи седум секунди.
„Прво ќе зборувам за готовинските кредити бидејќи се подобри и поважни“, рече тој потоа, прекинувајќи ја тишината и менувајќи ја темата.
Ovo ko kad je Lune Šćekić polagao poslednji ispit🤡 pic.twitter.com/mueYmtkNJu
— Суки (@doktorzakrave) August 24, 2025
Вучиќ двапати ги опомена новинарите кои се смееја за време на конференцијата.
„Немам ништо против вас од медиумите ако најдете нешто смешно, но ве молам да покажете основно почитување кон местото каде што се наоѓате“, рече тој.
Дополнително, тој им покажа на камерите корпи со разни производи чии цени треба да бидат пониски. „Ова се силни и значајни мерки што ќе ја зголемат вкупната потрошувачка и ќе им користат на обичните, посиромашни луѓе“, нагласи тој.
фото: принтскрин