Регион
Италијанскaта премиерка во Белград: Италија ќе биде со Србија на патот кон Европа
Италија ќе продолжи да биде меѓу првите земји кои се залагаат за проширување на Европската Унија и ќе ја поддржува Србија на нејзиниот пат кон Европа, изјави во Белград италијанската премиерка, Џорџа Мелони.
Претседателката на италијанската влада денеска пристигна во прва официјална посета на Србија откако е на функцијата, а српскиот претседател Александар Вучиќ ја пречека со највисоки државни почести.
„За Италија е важно Западен Балкан да се приклучи на европското семејство“, рече Мелони на заедничката прес-конференција по разговорот со Вучиќ, додавајќи дека „Италија ќе биде со Србија на патот кон Европа“.
„Она што треба да го направат европските институции е сериозен и брз процес за да се гарантира обединување на цела Европа“, оцени Мелони.
Италија се залага за проширување на ЕУ и повторно обединување на Европа, додаде италијанската премиерка, нагласувајќи ја важноста на односите меѓу Италија и Србија, кои, убедена е, можат дополнително да се развиваат, бидејќи Србија има стратешко значење за нејзината земја.
„Претседателот Вучиќ знае дека може да смета на нашата поддршка за да се забрза процесот на приближување кон Европската унија“, рече Мелони.
Таа укажа на успешниот меѓувладин дијалог меѓу Рим и Белград и значајната трговска размена, тврдејќи дека заедничката иднина на Србија и Италија е ветувачка.
Мелони, нагласувајќи дека Италија се бори против илегалната миграција, му се заблагодари на Белград за сите напори што ги прави на тоа поле.
Оценката на Вучиќ е дека Италија објективно и суштински пристапува кон решавање на проблемите во регионот и дека двете земји имаат добри политички и економски односи, со трговска размена од 4,6 милијарди евра.
Тој и се заблагодари на италијанската премиерка бидејќи секогаш сакала да го слушне мислењето на официјален Белград, додека немала едностран пристап кон проблемите во регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)
Регион
Бомба фрлена врз куќата на Здравко Чолиќ во Белград
Доцна синоќа беше фрлена бомба врз куќата на пејачот Здравко Чолиќ во белградската населба Дедиње.
Полицијата и дежурниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград се на местото на настанот, а истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Деталите, според написите, засега не се познати, но според извештаите никој не е повреден во експлозијата, но е причинета голема материјална штета, пишува „Телеграф“.
Пејачот бил во куќата
Полицијата веднаш ги блокирала приодите кон куќата по приемот на пријавата.
Припадници на Министерството за внатрешни работи спроведуваат истрага, а форензички експерти собираат докази и ги прегледуваат снимките од безбедносните камери за да го идентификуваат сторителот, пишува медиумот.
Во моментот кога била фрлена бомбата, Чолиќ, неговата сопруга и помладата ќерка Лара биле во вилата.
Според Телеграф, тие спиеле во моментот на експлозијата, а звукот ги разбудил.
Фото: ЕПА
Регион
Фалсификуваните пари за Балканот и ЕУ најчесто доаѓаат од Романија
Најголемите количини фалсификувани пари што пристигнуваат на Балканот и во земјите на Европската Унија потекнуваат од илегални фабрики во Романија.
Криминалните групи ги набавуваат фалсификатите по цена од околу 20 отсто од вредноста на оригиналниот новац, што значи дека за еден милион евра лажни пари се плаќаат околу 200.000 евра.
Според наводите, во Романија се фалсификуваат евра, кувајтски динари и американски долари, додека британската фунта се смета за најтешка за фалсификување.
Членовите на овие групи често се претставуваат како Италијанци, Арапи, Грци или Чеси, а меѓу нив има и криминалци од просторот на поранешна Југославија. Тие преку огласи бараат недвижности, луксузни автомобили, јахти, скап накит, уметнички дела и други вредни предмети.
Средбите најчесто се организираат во градови на северот на Италија, а како алтернативи се користат и градови во Франција, земјите на Бенелукс или Шпанија. Криминалните групи дејствуваат во поголем состав, со цел да ѝ го отежнат работењето на полицијата, пренесе Танјуг.

