Регион
„Како е можно дете да направи таков план“ – половина година од масакрот во Врачар
Пред точно шест месеци, Коста К.(14), ученик во седмо одделение, вооружен со два пиштоли на татко му, уби девет ученици и обезбедувањето во ОУ „Владислав Рибникар“ во Врачар.
По невиденото злосторство на овие простори, Коста К. сам повикал полиција, го ставил оружјето на земја и чекал да го уапсат, а потоа кога полицијата го прашала зошто го направил тоа, тој само рекол: „Јас сум психопат“, пишува српскиот весник „Информер“.
Коста во времето кога го изврши масакрот имаше само 13 години, а според српскиот кривичен законик, на таа возраст, тој не одговара за делото што го направил. Веднаш по апсењето беше однесен на Клиниката за неврологија и невропсихијатрија за деца и младинци, каде најверојатно ќе остане до полнолетство, а потоа ќе биде префрлен во друга затворена установа, бидејќи според тврдењата на сите вештаци, тој е опасност за општеството и никогаш нема да биде слободен.
Од тој 3 мај се’ се смени, а шокантни беа деталите кои протекоа во јавноста за подготовката на момчето убиец за злосторството, неговото правење список на пријатели што треба да ги убие.
Како е можно детето да направи таков план?!Прашање на кое веројатно никогаш јавноста нема да добие одговор.
Второто прашање што се поставува во српската јавност е: „Што направија неговите родители?!“ Таткото и мајката на најмладиот масовен убиец во светот се инаку успешни и професионално остварени луѓе.
Таткото Владимир, кој веднаш по злосторството беше уапсен бидејќи е сопственик на оружјето со кое Коста ги изврши убиствата, е почитуван лекар, додека мајката Миљана е универзитетски професор. Богати родители кои можеле да му дозволат на своето дете речиси се, но дали е тоа навистина така?
„Информер“ се присетува дека најчудно е што татко му го однел Коста на стрелиште и го научил да пука, дури ангажирал и инструктор кој го научил да биде добар стрелец и се гордеел со него.
Во меѓувреме, Вишото обвинителство поднесе обвинителен акт против неговиот татко Владимир, бидејќи не го обезбедил соодветно оружјето, но и против Миљана, бидејќи на оружјето беше пронајдена нејзината ДНК. Во обвинението се вклучени и претседателот на стрелачкиот клуб и инструкторот за стрелање кои му овозможиле на Коста да пука од огнено оружје и на тој начин да се подготви за делото што го направил.
Исто така, во Вишиот суд во Белград беа покренати две правни постапки од страна на родителите, браќата и сестрите на жртвите на Коста за надомест на нематеријална штета и душевна болка што ја претрпеле поради овој негов чин.
Во двата случаи се одржаа прелиминарни рочишта, а судењето ќе продолжи во декември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

