Македонија
Спречен обид за шверцување брендирана облека и обувки вредни 1,6 милион денари
Спречен обид за шверцување брендирана облека и обувки вредни 1,6 милион денари од познати модни марки, меѓу кои „Долче и Габана“, „Версаче“ „Мајкл Корс“ „Ралф Лoрен“ и „Најки“ во два посебни случаја на контроли на влез во државата на граничниот премин Табановце. Брендираната стока за која требало да се платат царински давачки во вкупен износ од 457.546 денари е одземена, а против возачите ќе биде поднесена кривична пријава, соопшти Царинската управа.
Облеката и обувките од познатите модни имиња, меѓу кои и „Долче и Габана“ и „Версаче“, во вредност од речиси 700 илјади денари, биле откриени од страна на царинските службеници, и тоа во багажот на возач на автобус што сообраќал на редовна линија Дортмунд – Тетово.
Кога царинските службеници ги прашале патниците и возачот дали имаат нешто да пријават за царинска контрола, тие одговориле дека немаат. При контрола на автобусот и багажот возачот рекол дека има две торби со стара гардероба, кои ги зел како пратка, при чиј преглед се пронајдени брендираните производи со прикачени цени.
Брендираните парчиња облека и обувки од марката „Најки“ во вредност од 921.341 денар се откриени од страна на мобилните тимови при Секторот за контрола и истраги при контрола на товарно моторно возило. Возилото е скенирано со мобилен скенер, при што со детаљна контрола во кабината на возачот на горниот и на долниот кревет, како и во просторот до возачот, се пронајдени непријавените брендирани производи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЕУ: Очекуваме соработка со претседателката на Македонија, парламентот и владата за да работиме на европскиот пат
Европската унија и честита на Гордана Силјановска Давкова за нејзината победа на претседателските избори во Македонија и со нетрпение очекува да работи со првата жена лидер во земјата, изјавија високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жозеп Борел и европскиот комесар за проширување и соседска политика Оливер Вархељи
Борел и Вархеи, во заедничката изјава објавена по повод вториот круг од претседателските и редовните парламентарни избори во Северна Македонија, ги охрабрија „релевантните политички актери да работат на формирање парламент и стабилна влада“.
„Двете институции треба да работат заедно на подобрување на европскиот пат на Северна Македонија, кој вклучува имплементација на клучните реформи, особено во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата, во интерес на сите нејзини граѓани“, се вели во заедничката изјава на Борел и Вархеи.
Македонија
Боки-13 за операцијата „Бумеранг“: поднесе кривични против Заев, Спасовски, Русковска
Бојан Јовановски-Боки 13 поднел кривични пријави против поранешниот премиер Зоран Заев, ексминистерот за внатрешни, Оливер Спасовски, и двајцата генерални секретари на СДСМ, поранешниот Александар Кирацовски и актуелниот Миле Зачевиќ, како и против поранешната шефица на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.
Тој дошол во Обвинителството на покана на актуелниот шеф на оваа институција, Ислам Абази.
Најави дела кривично-правната операција е наречена „Бумеранг“.
„Сите мои наводи и описот на настаните ќе бидат материјализирани со докази што потекнуваат од мојот телефонски уред, кој ми беше одземен при моето апсење во предметот ‘Рекет’. Се работи за кривични дела што се однесуваат на злоупотреба на службената положба и овластувањето, за изборни измани, незаконско финансирање политичка партија, злоупотреба на јавните набавки“, додаде тој.
Најави и продолжение на предавање докази во писмена форма.
„Поднесена е кривична пријава и против Вилма Русковска за злоупотреба на службената положба, примање поткуп, примена на тортура. Зоран Заев е речиси во секоја пријава“, рече Јовановски.
Македонија
Мицкоски на средба со коалицијата: доби поддршка за почнување преговори за состав на идната влада
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска оствари средба со претседателите на партиите во состав на коалицијата „Твоја Македонија“.
Беше констатирано дека коалицијата оствари успешен и историски резултат, кој создава и одговорност за реализирање на очекувањата.
Мицкоски доби поддршка од претседателите на коалициските партии за почнување преговори за состав на идната влада.
Според заклучокот на состанокот, разговорите треба да се водат врз основа на постулати за забрзан економски развој на Македонија, силна борба против криминалот и корупцијата и европските интеграции врз база на принципи и вредности, соопштија од партијата.