Регион
Кај хотел во центарот на Белград пронајдена сомнителна торба, полицијата е на терен

Во близина на хотелот „Москва“ во центарот на Белград, на клупа, пред влезот во паркот „Теразиска тераса“, пронајдена е сомнителна торба. Според неофицијални информации до кои дојде „Данас“, полицијата добила лажна дојава за бомба.
Силни полициски сили се на терен. Припадниците на српското МВР го регулирале сообраќајот во тој дел на Белград и не им дозволувале на минувачите да се приближат до платото пред хотелот, како и до блискиот парк, пренесува „Данас“. Сепак, се очекува набргу сообраќајот да се одвива нормално.
Некои припадници на српското МВР беа во заштитни костими, други беа вооружени со долги цевки, а на терен имаше и полициско куче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Русин и Германец снимале голи деца со мобилни телефони во камп на Истра

Полицијата на Истра во саботата уапси двајца мажи, еден Русин и еден Германец, кои тајно снимале голи деца во туристички камп. Двајцата беа однесени во полициската единица за притвор под сомнение за кривично дело експлоатација на деца за порнографија и беа обвинети за кривично дело.
Како што соопшти полицијата денес, во саботата, околу 12.45 часот, обезбедувач во туристички објект во областа Ровињ пронашол 56-годишен руски државјанин како тајно снима голи деца со својот мобилен телефон и го притворил додека не пристигнала полицијата.
Истиот ден околу 14.40 часот обезбедувач во истиот камп пронашол и 52-годишен германски државјанин како тајно снима голи деца со својот мобилен телефон и исто така го притворил додека не пристигнала полицијата.
Врз основа на налог од надлежниот суд полицијата ги претресе сместувачките единици, мобилните телефони со придружните мемориски картички што ги користеле осомничените и пронајде инкриминирачки материјал. Осомничените беа предадени на полициската единица за притвор во Истра вчера попладне со кривични пријави.
Регион
Вучиќ: Србија нема да воведе санкции против Русија

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека Србија нема да воведува санкции кон Русија и дека ќе се држи до својата сегашна политика, и покрај различните најави од владата.
Вучиќ рече дека граѓаните на Србија поддржуваат таков правец бидејќи тоа е „политика на независна и суверена држава“.
„Ќе продолжиме со нашата политика, која беше принципиелна и која досега се покажа како точна, која никому не му се допаѓаше, ниту на оние на Запад ниту на оние на Исток“, нагласи Вучиќ.
Реакцијата на Вучиќ следи по интервјуто на министерот за европски интеграции Немања Старовиќ за австриската агенција АПА. Старовиќ навести дека Србија може да размисли за усогласување со санкциите на ЕУ против Русија откако нејзиното членство во Унијата ќе стане неизбежно.
Тој објасни дека одбивањето да се воведат санкции произлегува од економска неопходност, а не од политичка лојалност кон Москва.
„Русија воопшто нема да биде погодена, но српската економија ќе биде погодена во огромна мера“, рече Старовиќ.
Сепак, претседателот Вучиќ ги отфрли тие изјави, нарекувајќи ги „невнимателни“.
„Жал ми е што некои од нашите пријатели во руските медиуми едвај чекаат да најдат нешто за кое ќе ја критикуваат Србија. Исто така, жал ми е што имаме многу луѓе на нашата домашна политичка сцена кои би сакале да ги бранат Русите отколку Србија. Морам да ги разочарам, Србија нема да воведе санкции врз Русија“, рече Вучиќ.
Регион
Двегодишно девојче најдено мртво на плажа во Грција

Девојче на околу двегоишна возраст е пронајдено мртво на плажа во атинското предградие Палео Фалиро во неделата наутро, пренесуваат грчките медиуми.
На телото на девојчето наишол маж од Египет, кој веднаш ја известил полицијата со повик на бројот за итни случаи 112. Екипа на Брза помош го пренела телото во Детската болница, каде се очекува да биде извршена обдукција.
Во меѓувреме, полицијата ги проверува списоците на исчезнати лица, но засега идентитетот на жртвата не е утврден.