Регион
Кинескиот претседател денеска пристигнува во Белград: ќе го чуваат илјадници полицајци

Кинескиот претседател Шји Џјинпинг денеска доаѓа во официјална посета на Белград, а според „Танјуг“, за неговото пристигнување се преземени големи безбедносни мерки, па неговата делегација ќе ја штитат 3.400 полицајци.
Ќе го пречекаат српските ловци „миг-29“, кои ќе го следат неговиот авион од границата, а на аеродромот во Белград во негова чест ќе биде построена стража на војската на Србија.
Покрај автопатот во Белград се поставени кинеското и српското знаме, а пред Палатата „Србија“ ќе биде организиран и свечен пречек на кинеската делегација, броена од 400 луѓе, а планирано е да се потпишат повеќе од 30 договори.
Ќе биде организиран и свечен ручек, кинескиот претседател ќе има можност да дегустира српски јадења и вина, а ќе има и музичка програма на српски и кинески јазик“.
Домаќин на кинескиот претседател ќе биде српскиот претседател Александар Вучиќ.
Шји последен пат беше во Србија во 2016 година, што беше прва посета на претседателот на Кина на Србија по 32 години и по тој повод беше потпишана декларацијата за стратешко партнерство.
Вучиќ се сретна со Шји во октомври минатата година во Пекинг кога беа потпишани 18 договори, меѓу кои и договорот за слободна трговија меѓу Србија и Кина, кој набргу треба да стапи во сила.
Ова е прва посета на претседателот Шји на Европа во последните пет години од избувнувањето на пандемијата на Ковид-19, а за време на оваа европска турнеја тој ќе посети само три европски престолнини – Париз, Белград и Будимпешта.
Петдневната турнеја ја почна со посета на Франција на 5 мај, во Белград доаѓа на 7 мај, а потоа ќе ја посети Будимпешта.
На последната средба меѓу кинескиот и српскиот претседател во октомври минатата година во Пекинг, покрај договорот за слободна трговија, беа потпишани и неколку билатерални документи, како оние за полициска соработка во управувањето со вонредни ситуации, изградбата на патишта, индустриски парк, извоз на јаболка, дигитализација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ: Полицајците не допираат никого, не вознемируваат никого сè додека луѓето не почнат да го кршат законот

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа изјави дека полицијата реагира како последно средство на блокадите во државата, во согласност со законот и со минимална употреба на сила.
„Тие полицајци…не допираат никого, не вознемируваат никого сè додека луѓето не почнат да го кршат законот и да ги напаѓаат со стапови“, изјави Вучиќ.
Вучиќ истакна во интервју за белградски медиуми, дека студентите во блокада на 15 март не дале „зелено светло“ затоа што некои во државата требало да ја завршат својата работа, а на 28 јуни го направиле тоа „преценувајќи се себеси и потценувајќи ги другите“.
Тие луѓе мислат дека е нормално да му се одземе на некого уставно загарантираното право на движење, тие не се заинтересирани за ништо, тие го прогласиле за легално и не им е гајле, рече Вучиќ.
„Загрижен сум за државата, но што се однесува до партиските, посебни интереси – одлично, можеби до Нова Година, можеби ќе ги изненадам, а потоа ќе распишам избори“, додаде Вучиќ.
Регион
Грчкиот остров Закинтос го погоди земјотрес

Во морскиот дел југозападно од грчкиот остров Закинтос беше регистриран земјотрес со јачина од 5 степени според Рихтер, а не се пријавени повредени лица или причинета материјална штета.
Претседателот на Организацијата за антисеизмичко планирање и заштита на Грција Ефтимиос Лекас за државната телевизија ЕРТ истакна дека „не постои причина за загриженост, бидејќи е во подводниот дел“, но и дека има простор и за многу поголеми земјотреси без да се создадат проблеми.
По големиот земјотрес следеа неколку помали меѓу 2,2 и 2,8 степени.
Регион
Мицкоски треба да најде начин да се извини, вели бугарскиот премиер

Наративот и изразувањето на премиерот Христијан Мицкоски ќе им го оставам на оние што го познаваат Езоп. Република Македонија мора да се придржува до консензусот постигнат во 2022 година и да ги исполни обврските што самата ги презела.
Ова го изјави бугарскиот премиер Росен Жељазков во врска со „неприфатливиот и навредлив јазик на Мицкоски кон министерот за надворешни работи, Георги Георгиев“, објави „Бгнес“.
„Колегата Мицкоски мора да најде начин да се извини“, вели Жељазков.
Тој додаде дека политичката зрелост бара да се исполни она што е договорено.
„Довербата во овие времиња е многу кревка“, истакна премиерот.
Жељазков изјави дека Бугарија ќе продолжи да го поддржува европскиот пат на Република Македонија, но непоколебливо врз основа на исполнувањето на обврските од договорот од 2022 година и договорот за добрососедство, според написите во медиумот.