Регион
Клинтон: Косово е пример за демократија и заслужува членство во ЕУ и во НАТО
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2019/06/64544945_1210791315711947_5519754061714292736_n.jpg)
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон вчера во Приштина изјави дека се чувствува почитуван, дека Косово е пример за демократија и заслужува членство во ЕУ и во НАТО.
„Мислам дека целиот свет може да го земе Косово како пример за тоа како растеше и како живее во мир со своите соседи. Косово заслужува да биде во ЕУ и НАТО. Секогаш ќе бидам горд што бев претседател на САД кога ви беше потребен некој кој ќе стане и ќе каже: нема повеќе етничко чистење, нема повеќе напуштање на татковината и убивање невини цивили, мора да постои подобар начин“, рече Клинтон.
Тој е во Косово по повод 20-годишнината од влегувањето на меѓународните мировни сили во покраината.
Клинтон вчера се сретна со косовскиот претседател Хашим Тачи и со премиерот Рамуш Харадинај.
Тачи го одликува поранешниот претседател на САД со Орден на слободата и рече дека Клинтон е симбол на довербата, оптимизмот и надеж за граѓаните на Косово.
Тој рече дека Клинтон го обединил светот против неправдата и дека тој бил најупорниот политичар за обезбедување на слободата на Косово.
„Со длабока почит се поклонуваме пред вас за слободата на Косово. Им се заблагодаруваме на САД кои ја водеа кампањата за запирање на етничкото чистење и враќање на косовските граѓани во нивните домови, кампања за изградба на нов живот и мир за сите“, рече Тачи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Регион
(Видео) Возач со џип се залета во средношколци кои биле на блокада во Србија
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/234.jpg)
Возач со џип денеска се залета во средношколци кои организирале блокада на крстосница во градот Бечеј, во Војводина. Ова се случило за време на 15-минутниот молк за 15-те жртви во новосадската трагедија, пишува локалниот портал „Автономија инфо“.
Инцидент бил спречен бидејќи во близина имало полицајци, по што возачот се вратил во автомобилот и заминал од местото, пишува порталот.
Учениците од гимназијата во Бечеј кои се во блокада и кои поминаа две ноќи во училиштето, денеска соопштија дека се разочарани од одлуката на Училишниот одбор наставата да продолжи за учениците кои сакаат да ја посетуваат.
Протестите на студентите се со цел да им дадат поддршка на колегите од Нови Сад по повод три месеци од трагедијата на Железничката станица во која загинаа 15 лица.
Регион
Дел од товарен воз кој сообраќал од Гевгелија за Солун излетал од шините, линијата може да остане затворена два месеци
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/6-8.jpg)
Товарен воз излета од шините вчера доцна навечер во областа Кукуш во северна Грција додека се движеше на релација Гевгелија-Солун, која ја поврзува Грција со Македонија, пренесува „Катимерини“.
Нема информации за повредени меѓу персоналот на возот или случајни минувачи.
Ударот на инцидентот предизвика значителна штета на пругата во должина од приближно 4 километри. Засегнатиот дел се очекува да остане затворен околу два месеци поради поправки.
За тоа време прекуграничните рути ќе бидат пренасочени преку Бугарија.
Hellenic Train приватниот оператор на грчкиот железнички систем е под зголемен правен и политички притисок по трагичниот судир на возот во Темпи во февруари 2023 година, едно од најтемните поглавја во историјата на компанијата, што резултираше со 57 жртви и голем број повредени.
Hellenic Train беше купен од италијанската Ferrovie dello Stato Italiane во 2017 година.
Регион
Константинос Тасулас избран за претседател на Грција
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/1739360064-7233110-750x500.jpg)
Поранешниот претседател на грчкиот парламент, Константинос Тасулас, денеска е избран за нов шеф на државата, а ќе ја наследи Катерина Сакеларопулу, чиј петгодишен мандат истекува во март, објави порталот „Катимерини“.
Шеесет и шестгодишниот Тасулас, адвокат и татко на две деца, е пратеник од 2000 година, а претходно раководеше со Министерството за култура и ја извршуваше функцијата заменик-министер за одбрана.
За Тасулас гласаа 160 пратеници во 300-члениот парламент.
Тасулас беше номиниран за шеф на државата од премиерот Киријакос Мицотакис наведувајќи дека тоа го направил врз основа на политичкото искуство на Тасулас, неговиот обединувачки дух и фактот дека е широко прифатен.
Политичките аналитичари ја сметаат номинацијата на Тасулас како обид на Мицотакис да ја зацврсти својата позиција на власт, објави „Ројтерс“ потсетувајќи дека конзервативната партија на Мицотакис, Нова демократија, има тесно парламентарно мнозинство со 156 места и е под зголемен притисок.
Тасулас ќе положи заклетва на 13 март, кога и официјално ѝ завршува мандатот на актуелната претседателка Катерина Сакеларопулу.