Македонија
Ковачевски на меѓународниот саем „Винска визија на ‘Отворен Балкан’“ во Белград
Од денеска, па во следните 4 дена, во рамките на самитот „Отворен Балкан“ во Белград, се одржува првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска визија на ‘Отворен Балкан’“, каде што покровители се Република Србија, Република Северна Македонија и Република Албанија.
Саемот ќе го отворат лидерите на „Отворен Балкан“, премиерот на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, премиерот на Албанија, Еди Рама, и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, информираат владините служби.
На саемот ќе учествуваат повеќе од 330 изложувачи од 22 земји, а Македонија ќе ги претстави својата традиција, обичаите, карактеристичната кујна, музиката и фолклорот, како и обележјата и вредностите на сите други заедници што живеат во земјата.
На саемот за вино, храна и туризам, под слоганот „Вкуси го животот“, нашата земја ќе се претстави, пред сѐ, со 42 винарници и 3 дестилерници, кои пред посетителите ќе презентираат повеќе од 300 типа македонски вина и ракии.
Во рамките на саемот „Винска визија на ‘Отворен Балкан’“ ќе има дегустација на вина, а воедно ќе се одржи натпреварот „Трофеј на виното на ‘Отворен Балкан’ 2022 година“. Саемот е одлична можност за поврзување на винските патишта на Балканот и пред високите гости и посетители, како и отворање нови можности за соработка, за обезбедување поголем извоз, откуп и нови пласмани, што позитивно ќе се рефлектира на развојот на домашната економија.
Во рамките на саемот ќе се претстават повеќе од десет производители на храна од Северна Македонија, кои ќе се презентираат автентичните вкусови на македонската кујна. Македонската туристичка понуда на саемот за вино, храна и туризам во Белград ќе биде претставена преку Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Фокусот е ставен на македонскиот ено-гастро туризам (туризам базиран на вино и храна), националните паркови, природните и вештачките езера, заштитените подрачја од УНЕСКО, руралниот туризам и адреналинскиот туризам.
Како дел од промотивните активности на македонските производи, вината, храната и националните богатства интересни за туристите, Ковачевски ќе биде домаќин на Македонската вечер, каде што ќе присуствуваат претставници на бизнис-заедниците и владите од Србија, Албанија и Северна Македонија.
Во рамките на активностите во Белград, ќе се одржи и традиционалниот лидерски политички самит на „Отворен Балкан“, предводен од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, и премиерот на Албанија, Еди Рама.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче да каже зошто со Заев дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и кој и колку профитирал, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Филипче жестоко се обидува да го одбрани својот ментор Заев и поврзаноста на луѓето блиски до СДС во последниот скандал со запленетата марихуана, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче и кланот Заеви, Македонија ја претворија во Балкански „нарко-центар“, каде наместо медицинска се произведувала марихуана за црниот пазар. Запленетите 40 тони марихуана, директно водат до фирми блиски до Заев и Филипче.
Венко Филипче е без кредибилитет. Нема афера и скандал, а тој и Заев да не се вплеткани. Филипче и Заев се синоним за криминал, корупција, импровизации, нетранспарентни одлуки и контроверзи. Филипче е човекот кој го уништи здравствениот систем во државата“.
Македонија во време на владеењето на СДС, додаваат од владејачката партија, Зоран Заев и Венко Филипче, наместо строго контролирано производство на канабис за медицински цели, беше претворена во балкански нарко центар за шверц на марихуана на црниот пазар.
Според нив, факт е дека темелите на бизнисот за марихуана ги постави владата на Зоран Заев во 2020 година, додека Филипче беше министер за здравство.
„Владата на СДС делела лиценци на фирми поврзани со Зоран и Вице Заев, а резултат на тоа, денес се тони дрога и сериозни безбедносни последици за државата.
Факт е и дека околу 70 проценти од запленетата дрога деновиве е на фирма во сопственост на луѓе на Заев.
Медицинската марухуана била параван за организиран криминал во огромни размери“.
Прашуваат, зошто Заев лично се интересирал за случајот со петте тони марихуана запленети во Србија?
„Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале?
Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев, и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија?
Одговорност мора да има“.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.

