Регион
„Косата ми се запали, мамо, не знам како успеав да се извлечам“, и’ рекол млад Грк на мајка си која го дочекала по несреќата
По железничката несреќата околу 200 преживеани со пет автобуси се пренесени во Солун, а повеќето од нив во шок и плачат и ги гушкаат своите најблиски, пишуваат грчките медиуми раскажувајќи ги нивните приказни.
„Косата ми се запали, мамо, не знам како успеав да се извлечам“, и’ рекол млад човек на мајка си која го дочекала по несреќата.
„Мислев дека ќе умрам“, вели младиот човек кој се возел зад предните вагони кои биле зафатени од пламен.
Уште еден млад човек имаше невидена среќа. Тој го преживеал сударот благодарение на тоа што купил билет за второто купе, но ги помешал бројките и седнал во петтиот вагон кој успеал да остане на шините по судирот. Да седел каде што требало, веројатно ќе бил мртов.
Трет преживеан во железничката несреќа во Грција раскажа дека мислел оти нема да излезе жив од вагонот кој бил зафатен од пожар.
„Го видов пламенот, вагонот беше исполнет со чад, не можев да видам ништо околу мене и наеднаш здогледав светлина од скршен прозорец. Им алармирав на другите да излезат. Не знаевме како и каде ќе застане вагонот“, вели младиот човек, кој се лекува во болницата АХЕПА.
Со лузните на лицето, кои сведочат низ што поминал, шокиран од трагедијата, вели дека е чудо што останал жив.
„Пожарот избувна покрај скршеното стакло. Гореа каблите и излегуваше црн чад. Кога излегов, скокнав врз урнатините. Ги газев и сè уште беа топли од ударот. Првата слика што ја видов беше човек паднат пред мене. Не знаевме што се случи, дали возот се судри, дали удривме животно“, раскажува тој.
Стергиос го изгубил мобилниот телефон за време на трагичната несреќа и откога излегол жив, вели дека барал начин како да ги извести родителите.
28-годишникот е по потекло од Волос, но работи во Солун и многу ретко патува со воз, пренесуваат грчките медиуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ: Ова ќе биде клучна и една од најтешките години во светот
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека утре ќе бидат потпишани 10 договори за соработка меѓу Србија и Казахстан и истакна дека ова е создавање темел врз кој ќе се изгради голема куќа на пријателство што е од интерес за двете земји.
– Разговаравме за геополитичката ситуација. Имаме речиси 100% согласност во оценките. Можам да зборувам за моите предвидувања. Можaм да прoмашам за неколку дена, но во суштина не. Очекувам наскоро да започне голем конфликт, сите знаете на кој мислам, и очекувам конфликтот во Украина да не заврши, мислам дека ќе продолжи долго време. Би сакал да грешам, би бил повеќе од среќен да излезам и да кажам дека моите проценки беа погрешни, но се плашам дека ќе бидам во право. Полека, сите влегуваат во ќорсокак, а кога сте во ќорсокак, се движите само кон потешки решенија и поголеми проблеми. Ова ќе биде клучна година и една од најтешките години во светот. Не би ја исклучил можноста за употреба на неконвенционално оружје во текот на оваа година – изјави Вучиќ, пренесуваат медиумите во регионот.
Регион
Вучевиќ: Верувам во силата на Дачиќ да се избори, и во нашите лекари
Лидерот на СНС и советник на претседателот на Србија, Милош Вучевиќ, денес изјави дека е неблагодарно да се зборува за идната здравствена состојба на претседателот на СПС и министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, и дека тој верува во неговата сила да се избори.
„Неблагодарно е да се зборува. Не можам да кажам ништо друго освен она што го кажаа лекарите, семејството, а ми се чини од разговорот со колегите од СПС, дека е за нијанса подобро од синоќа, но сепак е предизвикувачко“, рече Вучевиќ во гостувањето во емисијата „Фокус“ на Б92.
Тој додаде дека верува во силата на Дачиќ да се бори, во нивните лекари и дека се моли на Бога да му даде на Дачиќ доволно сила да се извлече од сето ова.
Вучевиќ истакна дека настинките не треба да се потценуваат и дека секој треба да слуша што велат луѓето кои се експерти за тоа.
„Ивица Дачиќ има уште едно прашање, тоа е прашањето за дијабетесот, стресот, политиката, сè што ни се случува. Невозможно е да нема последици. Имавме многу предизвици. Минатата година имавме предизвици со Дарко Глишиќ. Овој повик беше направен со голем притисок“, рече Вучевиќ.
Дачиќ беше примен на Клиниката за пулмологија вчера попладне со пневмонија.
Регион
„Следната земја-членка на ЕУ“ – Црна Гора брендираше авион со европската амбиција за членство до 2028 година
Црногорската влада, која планира до крајот на годината да ги затвори сите преговарачки поглавја со Европската унија, претстави авион на националниот превозник „Ер Монтенегро“ со слоганот „28by28 – The next EU member“. (следна земја-членка на ЕУ).
Од Министерството за европски прашања соопштија дека целта на кампањата е да се испрати порака до меѓународната јавност дека Црна Гора до 2028 година ќе стане 28-ма членка на ЕУ.
Премиерот Милојко Спајиќ при претставувањето на авионот во Подгорица изјави дека пораката претставува „стратешка изјава на државата“, додавајќи дека Црна Гора нуди стабилност и нова енергија за Европа.
Министерката за европски прашања Маида Горчевиќ оцени дека членството во ЕУ е амбициозна, но остварлива цел и повика сите институции и општествени чинители да ја пренесат пораката „28 до 2028“.
Властите претходно најавија дека имаат намера до крајот на годината да ги затворат сите преговарачки поглавја, со цел членство до 2028 година.

