Регион
Косово побара од Романија да го признае

Косово го отфрли предлогот на романскиот претседател Клаус Јоханис да се вклучи во преговорите помеѓу Косово и Србија и ѝ порача на Романија да ја признае косовската независност, пишува „Газета експрес“.
Властите во Приштина ја отфрлија, но ја поздравија подготвеноста на романската страна да се вклучи во пронаоѓањето решение за Косово. Тие му порачаа на Букурешт прво да ја признае независноста на Косово, потенцирајќи дека Романија е една од петте земји членки на Европската Унија која уште не го сторила тоа. Од кабинетот на косовскиот претседател Хашим Тачи искоментираа дека ЕУ е посредник во разговорите, па Косово нема потреба да им бара замена на европските посредници.
„Европската Унија е и ќе остане официјален посредник во овој процес“, изјавиле од кабинетот.
Претседателот на Романија, Клаус Јоханис, изјави дека е подготвен да се вклучи кон потрага по решение за спорните прашања меѓу Косово и Србија. Тој изрази мислење дека конечната одлука не може да се наметне однадвор и дека не може да биде задоволителна и за Србија. Приштинските власти, сепак, го отфрлија неговиот предлог.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Мал авион се урна врз колиба во Словенија, пилотот се уште не е пронајден

Мал авион утрово по полетувањето од Загреб удрил во колиба лоцирана во областа Велика Планина во Словенија.
Авионот Mooney Ovation M20R изгубил контакт со контролата на летот околу 9:30 часот, по што почнал да се спушта во спирала од височина од 2.500 метри.
Околу 12:30 часот спасувачите пронашле делови од леталото кое удрило во кабина сопственост на Машинскиот факултет во Љубљана. Доцна попладнето пожарникарите соопштија дека целото летало се наоѓало во кабината, што полицијата се уште не го потврдува. Потрагата се уште трае, а пилотот се уште не е пронајден.
Пожарникарите од Противпожарната служба Камнишка Бистрица на Фејсбук објавија дека леталото ја „преполовило кабината“, а еден од нивните тимови ги пронашол крилото и тркалото на авионот во кабината. Откако ја прегледале околината, не нашле остатоци, па потрагата повторно ја насочиле кон кабината.
„Откривме и топол предмет со термална камера за кој претпоставувавме дека е моторот на авионот. Откако полицијата ја презеде координацијата на настанот, бидејќи нашата помош повеќе не беше потребна, пожарникарите на Противпожарната единица Камнишка Бистрица се вратија во седиштето, а потоа по договор со раководителот на интервенција го напуштивме местото за интервенција“, напишаа на Фејсбук.
Регион
Мал авион кој полетал од Загреб исчезна над Словенија

Податоците на „Флајтрадар“ покажуваат дека мал авион „муни овејшн М20Р“, кој полетал од Загреб, исчезнал нешто по 8 часот наутро во областа Велика Планина во Словенија.
„24.ур“ пишува дека се работи за американски авион, кој почнал спирално спуштање од височина од 2,5 километра.
Љубљанската полиција изјавила дека, најверојатно, се работи за авионска несреќа поради што во реонот се трага. Подоцна, полицијата соопшти дека била известена оти комуникацијата на малото летало со контролата на летање била прекината, пренесе „Индекс.хр“.
„Контактот со леталото е изгубен од засега непозната причина во областа Велика Планина, каде што полицијата и спасувачките служби моментно вршат активности. Потрагата е отежната поради екстремно лошите временски услови и слабата видливост, што исто така го отежнува летањето на спасувачките хеликоптери“, додаваат тие.
Според првичните информации, во авионот имало едно лице, јавува порталот „Камник инфо“. Покрај полицијата и пожарникарите, во потрагата учествуваат и планински спасувачи од Камник и Целје.
Регион
Вучиќ: Во моменти кога безбедносната ситуација на Балканот е сериозно разнишана, Србија се стреми да ги зачува мирот и стабилноста

Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, на покана на премиерот на Србија, Милош Вучиќ, присуствуваше на седницата на владата на Република Србија.
По седницата на Владата, тој се огласи на својот официјален инстаграм-профил.
„На состанокот на владата разменивме информации за актуелната безбедносна состојба во земјата и регионот, особено се фокусиравме на безбедносните предизвици на Косово, како и во Босна и Херцеговина.
Разговаравме и за севкупните аспекти на најавениот протест на 15 март. Во моменти кога безбедносната ситуација на Балканот е сериозно разнишана, Србија се стреми да ги зачува мирот и стабилноста, како и безбедноста на сите граѓани.
Ги разгледавме и состојбата на економијата во пресрет на тековните протести, како и штетите предизвикани од овие настани, кои се рефлектираат во намалувањето на инвестициите и други предизвици за економијата. Се согласивме дека е од суштинско значење да се преземат итни мерки за ублажување на последиците и поддршка на економските сектори погодени од овие околности.
Ја истакнав потребата од соработка на сите институции и релевантни актери за да се обезбеди стабилност и да се обезбеди поддршка на граѓаните и бизнисите“, беше наведено на официјалниот инстаграм-профил на претседателот на Србија.