Регион
Косовската опозиција го обвинува Курти за влошување на односите со западните сојузници
Косовските опозициски партии денеска го обвинија премиерот на Косово, Албин Курти за влошување на односите со западните сојузници поради насилството на северот, во кое беа повредени мировниците на НАТО и побараа изгласување недоверба на владата.
Немирите се интензивираа по изборите во април, кои беа бојкотирани од Србите, а победата во четири градоначалнички области со мнозинско српско население на север ја извојуваа кандидатите од етничките Албанци.
Инсталирањето на победниците минатата недела и покрај одѕивот на гласачите од 3,5 отсто, предизвика критики од Соединетите Држави, кои ја поддржуваат независноста на Косово од 2008 година. Како резултат на тоа, Вашингтон го откажа учеството на Приштина во вежбата на НАТО.
Пратеник до Курти: Си играш со оган
Немирите го принудија НАТО да испрати дополнителни сили на Косово. Косовскиот парламент се состана во петокот за да разговара за тензиите на северот.
„Си играш со оган“, му рече на Курти во парламентот Мемли Красниќи од опозициската Демократска партија на Косово.
„Ако цената е да се загрозат односите со најголемите сојузници на Косово откако веќе започнаа санкциите, сакам да те прашам дали вреди“, рече тој.
Поранешниот премиер и лидер на Алијансата за промени, Рамуш Харадинај ги повика претставниците да и изгласаат недоверба на Владата.
„Да ставиме крај на оваа недоверба, понижување, лаги и предавство со разрешување на владата на Курти“, им порача Харадинај на пратениците.
Франција и Германија ги повикаа властите во Косово да организираат нови избори
На вчерашниот самит на европската политичка заедница во Молдавија, Франција и Германија ги повикаа косовските власти да организираат нови избори во поделениот северен регион.
Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, се залагаше за формирање Заедница на српски општини, што беше гарантирано со бриселскиот договор од 2013 година, а што Курти досега одбиваше да го направи.
Курти ги отфрли критиките и ја обвини Србија за финансирање и поддршка на Србите на северот кои не ја признаваат декларацијата за независност во 2008 година и го сметаат Белград за свој главен град.
Курти: Американските санкции се загрижувачки, но фашистичките милиции на север се уште позагрижувачки
„Американските санкции се загрижувачки, но фашистичките милиции на север се уште позагрижувачки“, изјави Курти за косовската КТВ во четвртокот навечер.
Насилството избувна во понеделникот откако косовските власти, поддржани од специјалните полициски единици, поставија градоначалници етнички Албанци во канцелариите во северните општини.
Во судирите беа ранети 30 мировници на НАТО и 52 српски демонстранти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Додик повторно ја поддржа руската агресија врз Украина: „Праведна борба“
Лидерот на владејачката партија во Република Српска, Милорад Додик, денес отворено ја поддржа руската агресија врз Украина, опишувајќи ја како „праведна борба“.
Придружувајќи се на бројните коментари по повод четвртата годишнина од рускиот напад врз Украина, Додик ја бранеше позицијата на Москва и ја оправда агресијата во објава на социјалната мрежа X, користејќи формулации за карактерот на таа војна што доаѓаат од арсеналот на руската пропаганда.
„На денот кога се одбележуваат четири години од почетокот на специјалната воена операција на Руската Федерација, нашата посветеност останува иста: поддршка на праведните цели на Русија и нејзините напори да ги заштити своите интереси и народот во Украина“, напиша Додик, кој во минатото постојано заземаше проруски позиции и ја обвинуваше Украина за војната.
Тој сега додаде дека Русија покажала доволно волја да го реши проблемот „преку дијалог и договор“, а кога тоа не успеало, рече тој, морала да прибегне кон сила за да ги обезбеди своите граници и територија.
Додик, исто така, го пофали рускиот претседател Владимир Путин, пишувајќи дека неговата решителност „го вратила статусот на суперсила на Русија, решена да не дозволи да биде загрозен ниту еден државен или национален интерес“.
Откако администрацијата на Доналд Трамп ги укина санкциите врз него минатата година, Додик почна да се фали со своите одлични односи со Вашингтон и неговата подготвеност да соработува со САД, но нагласи дека сè уште ја гледа Русија како клучен стратешки партнер.
фото/Depositphotos
Регион
Вучиќ за обидот за атентат врз него и неговото семејство: „Тоа се луѓе кои би убивале деца“
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се обрати на медиумите зборувајќи, меѓу другото, и за апсењата за обидот за убиство врз него.
Вучиќ изјави дека не знае кои се луѓето кои го планирале атентатот врз него и неговото семејство, но дека знае за нивната возраст, додавајќи дека од доказите видел дека станува збор за луѓе кои се спремни од тоа да го тепаат, па до тоа да го убијат неговото дете.
Вучиќ, одговарајќи на новинарско прашање за двајцата мажи кои беа уапсени во Краљево под сомнение дека планирале атентат врз него и неговото семејство, рече дека тоа е евидентирано како доказ.
„Она што го добив во материјалот, не знам точно за кои лица станува збор, знам од каде се, ги знам нивните години, па не навлегувам во сè друго. Единственото нешто што успеав да го видам е како треба да го тепаат моето дете до точка на врескање, до точка на колење“, рече Вучиќ.
„Гледам дека има околу 70 луѓе кои се залагаат тие да бидат ослободени. Зборуваме за луѓе кои би колеле нечии деца, тоа го имаме евидентирано како доказ“, рече Вучиќ.
Регион
(Видео) Додик вежбаше во природа, па порача: „Никогаш не сум бил во подобра форма“
Поранешниот претседател на Република Српска, Милорад Додик, објави видео на социјалните мрежи на кое прави чучнувања во природа, што предизвика бројни коментари. Со тоа, тој се придружи на долгата низа политичари кои ги искористија своите физички атрибути и спортски активности за да привлечат внимание од јавноста, пишува N1.
Претседателот на СНСД на платформата Икс објави видео со пораката: „Никогаш во подобра форма“.
Никад у бољој форми. pic.twitter.com/Vh2A3e3E3v
— Милорад Додик (@MiloradDodik) February 22, 2026
Ова ги натера корисниците на социјалните мрежи да се пошегуваат, а се појавија и коментари дека тој се „подготвува за затвор“ или за Олимписките игри. Објавата на Додик е продолжение на трендот што во светот го популаризираше рускиот претседател Владимир Путин, познат по фотографиите на кои ги покажува своите мускули.

