Регион
Косовска влада: Војската на Србија тргна од три правци кон Косово
Владата на Косово вечерва соопшти дека внимателно и будно ги следи последните случувања во врска со движењето на воените единици на вооружените сили на Србија во правец на линијата кон Косово.
Во соопштението се додава дека движењата на српската војска биле извршени од три различни правци.
„Единиците на Втората бригада на српските вооружени сили се движеа од правец на Рашка кон северната граница на нашата земја, единиците на Третата бригада на вооружените сили на Србија се движеа од подрачјето на Ниш кон североисточната граница на нашата земја, а единиците на четвртата бригада се движеа од подрачјето на Врање кон источната граница на Република Косово“, се наведува во соопштението на Владата на Косово.
Како што додаваат, воените единици на српските вооружени сили вчера ги распоредиле своите воени и жандармериски капацитети во 48 напредни оперативни бази, кои се наоѓаат долж линијата со Косово, на неколку километри длабоко во територијата на Србија.
Ова распоредување, како што се вели, вклучува и распоредување на противвоздушни системи и тешка артилерија.
„Многу пати изразивме загриженост за постоењето на овие 48 напредни бази на српската војска и жандармерија и го потенциравме веќе докажаниот факт дека овие бази служат како поддршка за можна воена агресија врз Косово. Владата на Косово е во постојан контакт со САД и земјите од ЕУ во врска со оваа сериозна закана од Србија, а реакцијата на САД на ваквиот агресивен пристап на Србија беше итна и директна“, посочуваат од косовската влада.
Тие го повикуваат претседателот Вучиќ и институциите на Србија веднаш да ги повлечат сите воени трупи од граничната линија со Косово и да затворат и демилитаризираат 28 напредни воени бази и 20 бази на жандармеријата кои претставуваат постојана закана.
Во соопштението се нагласува и дека институциите на Косово, во координација со меѓународните партнери, се „порешителни од кога било да го заштитат територијалниот интегритет, да го зачуваат суверенитетот, уставниот поредок, јавниот ред и животот на граѓаните“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

