Регион
Лајчак: Ескалацијата на Косово е апсолутно непотребна и нелогична
Специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, оцени денеска дека настаните на северот од Косово се апсолутно непотребна и нелогична ескалација нагласувајќи дека е можно само политичко решение преку постојниот дијалог.
На прашањето колку сегашната ситуација е удар врз напорите за воспоставување мир меѓу двете страни, Лајчак во интервју за „Дојче веле“ истакна дека по многу месеци преговори, постигнати се два важни договора – договорот за патот до нормализација на односите во февруари, а потоа и анексот за имплементација во март во Охрид.
„Тоа значи дека имаме пат кон нормализација, имаме програма, која јасно се занимава со сите отворени прашања. Почнавме да го спроведуваме тој документ и потоа се случи ова, што е сосема непотребно, но, за жал, предизвикува многу сериозни проблеми“, рече Лајчак.
Лајчак посочи дека не може да има нормализација и ескалација во исто време и нагласи дека е неопходно ситуацијата да деескалира и сите да работат на нормализацијата, на имплементација на документот.
„Да го немавме документот, ќе сфатев дека луѓето веруваат оти таквите дејства ќе успеат. Но, имаме договор, што никогаш порано не беше случај, така што навистина треба да се вратиме на имплементација на тој договор и на нормализација“, објаснува тој.
На прашањето дали распоредувањето дополнителни сили на НАТО во регионот ќе помогне за деескалација на конфликтот, Лајчак рече дека тој може да се реши само политички, што значи преку постојниот дијалог.
Според него, НАТО одиграл многу важна улога, пред сè, во одржувањето на мирот на терен, но и во сегашната вжештена ситуација, во која единиците на КФОР ги раздвојувале Србите и косовската полиција.
„Со зајакнувањето на НАТО, се зајакнуваат и гаранциите дека ќе се спречи понатамошна ескалација, но очигледно е дека НАТО не може да го реши ова – со сета моја почит кон НАТО. Не треба НАТО да го решава ова, ни треба политичко решение и очигледно е дека двете страни треба да го завршат својот дел“, нагласи Лајчак.
Тој смета дека причина за ескалацијата на северот на Косово е длабоката недоверба меѓу Србите и Албанците.
Лајчак потсети дека на изборите во четирите општини со мнозинско српско население на северот од Косово одѕивот бил 3,4 отсто и дека новоизбраните градоначалници ги исполнувале законските критериуми, но дека, кога зборуваме за легитимност или репрезентативност, постои голем прашалник.
На прашањето што значи за односите на Србија со ЕУ тоа што Русија и Кина ја поддржаа позицијата на Белград, Лајчак вели дека тие изјави немаат вистинско значење за ситуацијата на терен.
„Ситуацијата на терен е дека имаме дијалог што го води ЕУ, кој е силно поддржан од сите 27 земји членки на Унијата, а многу силно го поддржуваат и САД. Двете страни се дел од овој дијалог“, рече Лајчак и повтори дека она што навистина е потребно е враќање на преговарачка маса.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

