Регион
Македонски државјани соработувале со „Коза Ностра“ – 17 лица уапсени во Италија
Италијанската полиција уапси 17 лица во операција за нелегална трговија со мигранти и оружје. Осомничените ги извршувале криминалните акативности во соработка со сицилијанската мафија и со паравоени сили што работат на Балканот, тврдат обвинителите на окружната Дирекција против мафијата во Палермо, кои ја координирале операцијата.
Против уапсените се поднесени различни обвиненија за злосторничко здружување, за трговија со мигранти долж балканската рута, за трговија со оружје и накит и перење пари, информираат од италијанската воена полиција. Налози за притвор се издадени за деветмина италијански државјани од Палермо, како и од северните провинции Комо и Сондрио, додека осуммина се од Балканот. Меѓу нив има и Албанци од Македонија.
Почнувајќи во 2016 година, истрагата открила две различни оперативни структури во рамките на таквата група. Една од нив била фокусирана на фаворизирање на влезот на нерегуларни мигранти од Балканот во Италија и Швајцарија, додека втората истрага била посветена на оружјето за трговија со луѓе и перење на нелегалните приходи добиени од грабежи.
Истрагата е спроведена со судските органи во земјите од каде што потекнуваат приведените лица. Истражителите имаат докази за некои од осомничените кои имале најмалку три средби со двајца членови на сицилијанската мафија помеѓу ноември 2016 и октомври 2017 година.
Што се однесува до обвинението за шверц со оружје, полицијата соопшти дека еден од приведените Македонците, поседувал кратко и долго боево оружје и неколку бомби, од кои некои неодамна биле продадени на други субјекти на Балканот. Најмалку еден од тие субјекти во моментов бил баран од македонската полиција како член на паравоената група – Ослободителна војска на Косово. Паравојните сили беа инволвирани во вооружен напад во градот Куманово во Македонија во мај 2015 година, што резултираше со смртоносни судири со македонските безбедносни сили.
„Таквиот фактор (врските со италијанската банда и осомничени парамилитарци на Балканот) претставуваше најголем алармантен аспект на нашата истрага”, рече шефот на Карабинери во Палермо.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

