Регион
Малтешки брод спаси 114 мигранти во Средоземното Море
Малтешки брод спаси 114 мигранти од гумен брод во Средоземното Море, 53 наутички милји јужно од Малта, соопшти војската на оваа островска земја.
Малтешката морнарица наведува дека сите мигранти кои биле забележани за време на редовната патрола биле доведени на Малта. Според тамошната влада, таа нема правна обврска да им понуди да донесат на брегот друга група од 141 мигрант, кои спасувачкиот брод „Аквариус“ ги спасил во морето во петокот, бидејќи таа акција не била координирана од тамошните власти.
Европската Унија соопшти дека е во контакт со членките за да се пронајде пристаниште во коешто бродот би можел да застане. Италија ги одби тврдејќи дека Британија треба да ги преземе мигрантите бидејќи „Аквариус“ пловел под знаме на Гибралтар, кој е британска територија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
„Не знам дали е жива мајка ми“; „Свекор ми беше во делот кој целосно изгоре“: членовите на семејствата чекаат вести за своите најблиски во Србија
Пред домот за стари лица во Бараево, каде што утринава избувна пожар, во кој досега загинаа осум лица, а седум беа повредени, пристигнуваат видно потресени членови на семејството на жителите на домот. Мажот, чија мајка била корисничка на домот, за „Блиц“ изјави дека нема информации дали мајка му е жива и дека се надева на најдобро.
Таа била на приземјето во делот што изгорел. „Немам информации дали е жива и каде е. Последен пат бев тука на 9 јануари кога на мајка ми ѝ донесов работи и сè што и требаше. Таа потоа прими терапија“, раскажува тој за „Блиц“.
На местото на настанот пристигнала и брачна двојка, а таткото на мажот бил жител на овој дом.
„Свекор ми беше внатре, во самиот дел кој целосно изгоре. Токму под оџакот“, вели видно потресена жената.
Таа додава дека немаат информации за неговата состојба, но дека знаат дека се пронајдени четири машки тела во целосно јагленисана состојба.
Медиумите потсетуваат дека најмалку осум лица загинаа, а неколку се повредени во пожар што утринава околу 4.30 часот избувна во дом за стари лица во Србија.
Како што соопштија од српската полиција, постојат основи на сомнение дека пожарот е подметнат, а полицијата во соработка со надлежното обвинителство продолжува интензивно да работи на утврдување на сите околности и факти за овој настан.
Во моментот на пожарот во домот имало 30 лица, од кои осум починале, седум се повредени, од кои на тројца им била укажана лекарска помош на Ургентниот центар, а на четворица на ВМА. Другите корисници се сместени во друг дом за стари лица, пренесува медиумот.
Регион
Петти ден се трага по тригодишното девојче кое во реката Сава во Загреб го внесе мајка му
Поминаа пет дена во потрагата по тригодишното девојче, чија мајка во средата го внела во реката кај загрепскиот мост Јанкомир. На теренот имаше повеќе од сто луѓе со 45 возила, 15 чамци, 13 дронови и три кучиња трагачи. Се пребарува површина од 110 километри.
Антонио Станиќ, раководител на жупанискиот центар 112 во Загреб, рече дека реката Сава е малку пониска од последните денови, што ја олеснува нивната потрага.
„Не можам да проценам колку ќе трае потрагата. Областа што ја опфативме е околу 110 километри од мостот Јанкомир до вливот на реката Сава“, изјави синоќа Станиќ за ХРТ.
34-годишната мајка се бранела со молчење и и е изречена мерка притвор од еден месец.
Постои основано сомнение дека 34-годишната обвинета на 15.01.2025 година во попладневните часови во Загреб извршила кривично дело тешко убиство над своето малолетно дете.
Регион
(Видео) Пожар во дом за стари лица во Србија, осум загинати, неколку повредени
Осум лица загинаа, а неколку се повредени во пожар што утрово околу 4 часот и 30 минути избувна во дом за стари лица во Велики Борак, во белградската општина Бараево, објави РТС. Пожарот е изгаснат, а во гаснењето учествувале голем број пожарникари и противпожарни возила.
Др. Виолета Николиќ од Итната медицинска помош за РТС изјави дека добиле повик од пожарникари за избувнување на пожар во дом за стари лица во Велики Борак.
Таа наведе дека четири повредени лица се пренесени на токсиколошкото одделение на ВМА, додека на две лица им е укажана помош во Ургентниот центар. На интервенција се упатени четири екипи од Итната медицинска помош, уште две дополнителни екипи од Лазаревац и една од Бараево.
Вршителот на должноста помошник министер и раководител на Секторот за вонредни ситуации, Лука Чаушиќ за РТС изјави дека се претпоставува дека во моментот на пожарот во објектот имало 30 корисници. Како што наведе, Брзата помош згрижила седум повредени и ги пренела во ВМА и Ургентниот центар.
Според него, по пријава во 3 часот и 32 минути, единиците на Секторот за вонредни ситуации веднаш биле испратени на местото на настанот, каде што го затекнале огромен пожар. „Во моментов се уште проверуваме дали има преостанати извори на пожар што би можеле да предизвикаат негово ширење, додека причината ќе се утврди во наредните часови“, рече Чаушиќ.
Тој додаде дека домот за стари лица се наоѓа далеку од фреквентни патишта, но противпожарните екипи брзо пристигнале, а на повредените им била укажана помош во рекордно време. „Ова е голема трагедија, но можеше да биде и многу поголема“, заклучи Чаушиќ.