Регион
Масовно се откажуваат туристичките тури во Албанија

Политичката криза и масовните протести на опозицијата во Албанија доведоа до откажување на најавените туристички посети на земјата од Германија, Велика Британија и Израел, пренесе новинската агенција „Онаса“.
Бесних Батхи од Здружението на албанските туроператори вели дека само во текот на последните неколку дена откажани се неколку големи групи туристи што биле најавени за март и за почетокот на април.
„Поради политичките тензии и протестите, веќе ги гледаме последиците во туризмот со откажување договорени тури, особено од Израелци, Германци и Англичани“, вели Батхи.
Тој додаде дека очекува, доколку продолжи напнатата политичка ситуација во земјата, да бидат откажани уште повеќе туристички аранжмани.
Батхи истакна дека продолжението на политичката криза во Албанија ќе влијае на туризмот во текот на летната сезона иако, според неговите зборови, уште нема откажување резервации за време на летниот период.
Според податоците на Институтот за статистика, Албанија лани ја посетиле околу шест милиони туристи, односно 16 проценти повеќе отколку пред две години.
Туризмот лани во Албанија донел 1,85 милијарда евра бруто-приход, што е најмногу досега.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) Тројца пациенти од Кочани се примени во болница во Варна

Тројца повредени во пожарот во Кочани вчера се примени на Клиниката за изгореници при ВМА-Варна, јави Бгнес.
Тие беа пренесени во Варна со воениот авион Спартан, кој првично слета во Софија, каде што пет пациенти беа сместени во болницата Пирогов.
Бугарија се обврза на лекување на 14 повредени во пожарот во Кочани.
Во пожарот што избувна во дискотека во Кочани животот го загубија 59 лица.
Регион
Авион на српската армија со 12 повредени во пожарот во Кочани пристигна во Белград

Дванаесет пациенти повредени во пожарот во дискотека во Кочани вчера вечер се пренесени од Македонија во Белград со авион CASA C-295 на српската армија, кои ќе бидат згрижени во Воената медицинска академија и во Клиничкиот центар на Србија, јави Танјуг.
Претходно, авион со четворица лекари и четворица медицински техничари полета за Македонија за медицинска евакуација на повредените во несреќата. Двајца пациенти кои претходно биле пренесени од Македонија со воени амбулантни возила се на лекување во Воената болница Ниш и Клиничкиот центар Ниш. За да им се пружи помош на повредените, планирано е двајца лекари од ВМА (пластичен хирург и анестезиолог) и еден медицински техничар – инструмент-оператор да останат во Македонија, пренесе српски Телеграф.
Најмалку 59 лица загинаа во пожарот што избувна ноќта меѓу саботата и неделата во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Регион
Новак Ѓоковиќ го објави македонското знаме со црна панделка

По големата трагедија се случи во Кочани, Македонија, каде што најмалку 59 лица го загубија животот по пожар во дискотека се огласи и српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ.
Тој на социјалните мрежи го објави знамето на Македонија со црна позадина, испраќајќи поддршка до семејствата на загинатите и повредените.