Регион
Мекалистер: Државите од Западен Балкан, кои стагнираат, нема да може да добијат пари од новиот фонд на ЕУ

Земјите од Западен Балкан, кои стагнираат со реформите, не напредуваат на патот кон ЕУ и не ја усогласуваат својата надворешна и безбедносна политика со политиките на ЕУ, нема да може да добијат пари од новиот фонд за реформи и раст на Западен Балкан, изјави претседателот на Комитетот за надворешни работи, Дејвид Мекалистер.
Тој ова го рече на заедничката седница на Комисијата за надворешни работи и Комисијата за буџет на Европскиот парламент, на која Европската комисија презентира предлог за регулатива за формирање на овој фонд во износ од 6 милијарди евра во периодот од 2024 до 2027 година.
Според предлогот на Европската комисија, станува збор за две милијарди неповратна помош и четири милијарди заеми, наменети за реформа на политичките, правните и економските системи, со цел да се намали разликата меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан, со цел да се поддржи процесот на приклучување на овие земји во Унијата.
Според Герт Јан Копман од Европската комисија, конвергенцијата на Западен Балкан во однос на БДП на жител изразена во стандардите за куповна моќ останува ниска и изнесува околу 30 проценти од просекот на Унијата и не напредува доволно бргу, а тоа е неопходно да му помогне на реформскиот процес на идните членки на ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Хрватска е подготвена да прифати деца од Газа

Хрватска ги отвора вратите за децата од Појасот Газа, објави Министерството за надворешни и европски работи, со акцент на „психосоцијална помош и едукација за опасноста од експлозивни направи“, објавија хрватските медиуми.
„Република Хрватска ќе ги отвори вратите за децата од Газа на ист начин како што ги отвори за децата од Украина, фокусирајќи се на психосоцијална помош и едукација за опасноста од експлозивни направи“, објави денес Министерството.
Во соопштението се нагласува дека Хрватска има искуство во ова од Татковинската војна и дека има меѓународно признато знаење за дејствување против мини.
Министерството пишува дека државата е подготвена да прифати деца доколку се појават можности, за што верува дека ќе се појават, и нагласува дека континуирано спроведува проекти поврзани со украинските деца, од кои околу 700 се згрижени во Хрватска, преку јавен повик.
Планот го објави државниот секретар на Министерството за надворешни работи за политички прашања, Франо Матушиќ, на меѓународната конференција за мирно решение на палестинското прашање и спроведување на решение за две држави во седиштето на ОН.
Регион
Украинско комбе се судри со руски камион во Словенија, петмина загинати

На автопатот кој ги поврзува Марибор и Љубљана, во близина на излезот Словенска Коњица, во правец на Љубљана, се случи тешка сообраќајна несреќа во која загинаа пет лица, а две се повредени. Несреќата се случила кога патничко комбе удрилo во камион. Сите жртви биле странски државјани, соопшти словенечката полиција, јавуваат медиумите во регионот.
Според досега утврденото, возачот на комбе со украински регистарски таблички, кое превезувало седум лица, поради несоодветна брзина, удрил во задниот дел од приколка која стоела во ред поради работи на автопат. Пет лица загинале во комбето на местото на несреќата.
Возачот, кој ја предизвикал несреќата, е полесно повреден, додека патничка е тешко повредена. Двајцата повредени се пренесени во болница, а тешко повреденото лице е пренесено со хеликоптер. Идентитетот на загинатите сè уште се утврдува.
Возачот на камионот, руски државјанин, не е повреден, но му е понудена психолошка помош поради сериозноста на несреќата, објавува Радиотелевизија Словенија. Несреќата се случила непосредно пред одморилиштето Тепање, на дел од автопатот каде што се во тек големи работи – се реновираат 13 километри пат, два тунела и три вијадукти. Полицијата потврди дека несреќата се случила пред работната зона каде што се формираат долги редици поради затворени ленти.
Фото: принтскрин
Регион
Млад човек се удави во Улцињ: трагедија во Црна Гора

Млад човек се удави во Улцињ денеска, во попладневните часови, јавуваат медиумите во регионот.
Според написите, давењето се случило на „Големата плажа“.
Засега нема информации за идентитетот на загинатиот.
Според последните извештаи било подигнато црвено знаме бидејќи имало големи бранови во морето.