Регион
Милановиќ: Ја провоцираат Русија од 2014 да почне војна, па ние и Србите не се мразевме толку
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска ја коментира ситуацијата во Украина нагласувајќи дека Русија со години била провоцирана.
Тој рече дека Хрватска не смее да биде доведена во ситуација да биде зависна од никого.
„Некои во Европскиот парламент зборуваат за кинење на Русија – тоа е лудост. Ние и Србите не се мразевме толку многу. Тоа лудило, ако не можете да му ставите крај, бегајте затоа што ќе премине на вас“, рече тој.
ZORAN MILANOVIĆ UZBURKAO JAVNOST: „Ako to nije Ante Pavelić, onda je Andrej Plenković; Govori se i o kidanju … https://t.co/4jiR2RIkNB
— Slobodna Bosna (@SlobodnaBosna) January 30, 2023
„Ментално се подготвив за тоа дека ќе бидеме доведени до статус на кловнови. Но, нема да дозволам да станеме циркуски пудлици, а тоа некои се обидуваат да го направат од нас. Да останеме кловнови, тоа е почесна улога, тоа е уметност“, рече Милановиќ.
Според него, влогот е голем во оваа војна и ниту еден од нив не може да отстапи.
„Тоа е опасно и ова го кажувам пред една година и за нападот на Украина. Од 2014 до 2022 година гледаме како некој ја провоцира Русија со намера да ја почне оваа војна. Тој избувна. Помина една година, само сега зборуваме за тенкови. Ќе ги испратиме сите германски тенкови таму бидејќи нема советски тенкови, тие се уништени. И овие ги чека истата судбина. Ме прашувате кое е решението? Тоа го прашувам Вашингтон. Кое е решението? Да се остави Украина без мажи? Јас не сум претседател на Украина“, изјави Милановиќ.
„Русија не е премногу слаба за тоа што го прави. Не станува збор за морал, каде што до вчера луѓето беа разиграни пацифисти во фустани и сега би распарчувале луѓе. Решението не е промена на власта во Русија. Германските тенкови во Харков ќе ги доближат до Кинезите. Ова не е добра работа што се прави“, предупреди тој, додавајќи дека е штетно за Западот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Кинеските брзи возови наскоро на релација Будимпешта–Белград
Новата ера во железничкиот сообраќај меѓу Унгарија и Србија би можела да почне за неколку недели со воведување модерни возови од кинеско производство на линијата Будимпешта–Белград. Во меѓувреме, на унгарската делница веќе се спроведуваат тестирања со големи брзини, а првите информации велат дека патувањата нема да бидат само побрзи, туку и значително поудобни, пишува „Дејли Њуз Хангари“.
Српската државна железничка компанија Србија Воз ги претстави возовите што ќе сообраќаат на новата линија. Секој воз има капацитет од 498 патници.
Внатрешноста повеќе наликува на модерни меѓуградски возови отколку на традиционални регионални линии, а на патниците ќе им бидат достапни кожни седишта, приклучоци за струја, светла за читање, простор со кафе-бар и бифе, како и автомат за самопослужување со кафе. Возовите на одредени делници ќе можат да достигнуваат брзина до 200 километри на час, јавува српската новинска агенција „Танјуг“.
Железничката линија Будимпешта–Белград е една од најголемите инфраструктурни инвестиции во регионот и се реализира во рамки на кинеската иницијатива „Појас и пат“. Српската делница е долга 183 километри, има два колосека и е целосно електрифицирана, што ја прави погодна и за патнички и за товарен сообраќај. Се очекува модернизацијата значително да го скрати времето на патување и да ја зголеми конкурентноста на железницата во однос на патниот и авионскиот превоз.
Работите се забрзуваат и од унгарска страна. Според „Вилаггаздашаг“, тековното затворање на пругата би можело да заврши кон крајот на февруари, што ќе овозможи воспоставување товарен сообраќај со брзина до 100 км/ч. Почетокот на патничкиот сообраќај се очекува во средината на март.
Тестирањето на пругата се одвива меѓу Шорокшар и Келебија. Тест-возовите постепено ја зголемуваат брзината – првиот ден возеле со 60 км/ч, а за само неколку дена достигнале 160 км/ч. За време на тестирањата возот накратко ја преминува границата кај Суботица, пред повторно да се врати во Унгарија.
Во инспекцијата е вклучена и подружницата на „Дојче Бан“, DB Systemtechnik, која користи специјализирани мерни возови. Еден од нив е брз мерен воз што може да ја проверува инфраструктурата при брзини до 280 км/ч, додека неговиот технички максимум изнесува 440 км/ч. Возот врши ласерски и камерски мерења, ја испитува геометријата на колосекот и ги анализира безбедносните параметри и удобноста на возењето.
Другиот, т.н. мерен воз со наклонета технологија, ја проценува состојбата на пругата во свиоци и на наклонети делови, ја надгледува интеракцијата меѓу пантографот и надземните водови и ја мери покриеноста со сигнал на мобилната мрежа.
Според актуелниот план, најпрво ќе започне товарниот сообраќај, а потоа и патничкиот. Доколку сè се одвива според планот, патниците веќе оваа пролет би можеле да патуваат со модерни, брзи и удобни возови меѓу Будимпешта и Белград, што ќе претставува практична железничка алтернатива на летот или патувањето со автомобил меѓу двете престолнини.
Регион
Илјадници во Косово протестираа против судењето на командантите на ОВК во Хаг
Илјадници луѓе се собраа во Приштина носејќи транспаренти на етничката албанска Ослободителна војска на Косово (ОВК) за да протестираат против судењето на поранешните водачи на ОВК, обвинети за воени злосторства во периодот помеѓу 1998 и 1999 година.
Поранешниот претседател Хашим Тачи, поранешните претседатели на парламентот Јакуп Красниќи и Кадри Весели, како и поранешниот пратеник Реџеп Селими беа уапсени во 2020 година и испратени на судење пред специјалниот суд за воени злосторства за Косово во Хаг.
Тачи и уште тројца поранешни команданти на ОВК се товарат за прогон, убиства, мачење и присилни исчезнувања на лица за време и непосредно по војната 1998–1999 година, кое на крајот на регионот му донесе независност од Србија. Тие ги негираат сите обвиненија.
Судот оваа недела ги сослушува завршните зборови во судењето, пред судиите да донесат правосилна пресуда во рок од три месеци.
Обвинителите бараат казна од 45 години затвор за секој од обвинетите.
Многу од демонстрантите носеа униформи на ОВК, додека други вееја знамиња на ОВК, Косово и Албанија. Поддржувачите држеа транспаренти со натпис „Слободата има име“, како и фотографии од Тачи и другите со пораки „Херои на војната и мирот“.
Регион
Силен земјотрес во Босна, почувствуван и во Хрватска
Прилично силен земјотрес во 17:31 часот го потресе подрачјето на БиХ, јавуваат регионалните медиуми.
Потресот се почувствувал и на подрачјето на цела Далмација.
Европскиот медитерански сеизмолошки центар (ЕМСЦ) соопшти дека магнитудата на земјотресот изнесувала 4,5 степени според Рихтеровата скала и дека се случил на 51 километар североисточно од Сплит, односно 13 километри северозападно од Ливно.
„Слободна Далмација“ пренесува коментари од читатели кои го почувствувале потресот.
„Многу силно тресеше, баш силно“, пишува еден од нив. „Беше ужасно, се слушна некаков звук пред тоа“, додава друг. Читател од Загорје јавил дека силно затресло и дека истрчале од куќата.
„Неколку секунди пред главниот удар почна лесно тресење, а потоа навистина силно затресе“, додал уште еден читател.
Според системот „Андроид Ерткуејк Алертс“, земјотресот се почувствувал на подрачјето на Босна и Херцеговина и Хрватска. Бил почувствуван и во сплитското, макарското, шибенското и дубровничкото подрачје.
ЕМСЦ известува дека епицентарот на земјотресот се наоѓал на длабочина од приближно 10 километри под земјината површина.
Засега нема извештаи за материјална штета ниту за повредени лица.

