Регион
Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска во Луксембург за Украина и за Западен Балкан
Министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ во Луксембург разговараат за ситуацијата на Западен Балкан, Украина и за Блискиот Исток.
За време на работниот ручек, министрите ќе разговараат за прашањата за регионалната стабилност и безбедност на Западен Балкан.
Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас, во неделата вечерта зборуваше за време на работната вечера со министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан. Таа на денешната средба ќе извести за минатонеделната посета на Црна Гора, Албанија и Босна и на Херцеговина.
Во Сараево таа го осуди раководството на босанските Срби за обид за поткопување на територијалниот интегритет и уставниот поредок во земјата. Министрите ќе разговараат за тензичната политичка ситуација во Србија, каде што се одржуваат масовни протести по падот на натстрешникот на железничката станица во Нови Сад во ноември минатата година.
Што се однесува до Украина, неколку земји членки сакаат да ја забрзаат работата на 17-тиот пакет-санкции против Русија, кој би вклучувал ембарго за увоз на течен гас.
Состанокот се одржува еден ден откако Русија го погоди центарот на северниот украински град Суми со две балистички проектили, при што загинаа најмалку 34 лица.
На маргините на министерскиот состанок ќе се одржи меѓувладина конференција за пристапување со Албанија, на која земјата ќе ги отвори преговорите во кластерот 2, кој опфаќа повеќе поглавја поврзани со внатрешниот пазар.
Вечерва, во Луксембург, ќе се одржи првиот политички дијалог на високо ниво меѓу ЕУ и палестинската управа. Двете страни ќе разговараат за ситуацијата во Газа и во Западниот Брег, билатералните односи и можниот напредок кон решение со две држави. ЕУ подготвува голем пакет економска помош за палестинските власти.
Со состанокот ќе претседаваат високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас, и палестинскиот премиер и министер за надворешни работи, Мохамад Мустафа. Комисијата ќе ја претставуваат комесарката за Медитеранот, Дубравка Шуица, и комесарата за подготвеност и управување со кризи, Хаџа Лахбиб.
Комесарката за Медитеранот, Дубравка Шуица, најави дека ЕУ ќе ја зголеми финансиската поддршка за палестинската управа во износ од 1,6 милијарда евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
14 мигранти загинаа во судир со брод на крајбрежната стража кај Грција
14 мигранти загинаа во Егејското Море откако нивниот брод се судри со брод на крајбрежната стража кај грчкиот остров Хиос, соопшти крајбрежната стража. Службеник на крајбрежната стража изјави дека го забележале бродот што превезувал мигранти кон грчкиот остров Хиос и им наредил да се вратат назад.
„Шверцерите маневрирале кон бродот на крајбрежната стража, предизвикувајќи го судирот“, изјавил службеникот за Ројтерс. Ројтерс не можел независно да потврди точно како се случил судирот. Двајца припадници на грчката крајбрежна стража биле однесени во болница на Хиос, заедно со 25 спасени мигранти, според првичните информации од крајбрежната стража, објави АФП.
Меѓу повредените се бремена жена и седум деца, објавија грчкиот јавен радиодифузен сервис ЕРТ и новинската агенција АНА. Крајбрежната стража соопшти дека е во тек операција за пребарување и спасување, со помош на бродови на крајбрежната стража, приватни чамци и нуркачи.
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)
Регион
Бомба фрлена врз куќата на Здравко Чолиќ во Белград
Доцна синоќа беше фрлена бомба врз куќата на пејачот Здравко Чолиќ во белградската населба Дедиње.
Полицијата и дежурниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград се на местото на настанот, а истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Деталите, според написите, засега не се познати, но според извештаите никој не е повреден во експлозијата, но е причинета голема материјална штета, пишува „Телеграф“.
Пејачот бил во куќата
Полицијата веднаш ги блокирала приодите кон куќата по приемот на пријавата.
Припадници на Министерството за внатрешни работи спроведуваат истрага, а форензички експерти собираат докази и ги прегледуваат снимките од безбедносните камери за да го идентификуваат сторителот, пишува медиумот.
Во моментот кога била фрлена бомбата, Чолиќ, неговата сопруга и помладата ќерка Лара биле во вилата.
Според Телеграф, тие спиеле во моментот на експлозијата, а звукот ги разбудил.
Фото: ЕПА

