Регион
Црногорско-приморската митрополија донирала средства на болниците за купување апарати
Црногорско-приморската митрополија донирала средства за купување техничка апаратура потребна за работа на здравствените установи за Црна Гора што подобро да се избори со ситуацијата со која се соочи цел свет, пренесува „Вечерње новости“.
„Уплатени се средства за седум монитори и шприц-пумпи, од кои по еден се наменети за болниците во Цетиње и Никшиќ, а останатите за Клиничкиот центар во Подгорица“, се вели во информацијата.
Во договор со управите на болниците во повеќе црногорски градови, оваа опрема деновиве ќе виде врачена таму каде што е најпотребна, велат од митрополијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ: Новите закони на Приштина го загрозуваат опстанокот на Србите на Косово
Српскиот претседател Александар Вучиќ ја истакнал пред специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Петер Соренсен, како што наведува, тешката положба на Србите, истакнувајќи загриженост поради намерата на Приштина да започне со спроведување нови закони кои би можеле да ја дискриминираат српската заедница.
По средбата во Белград, Вучиќ на Инстаграм наведе дека „посебно ја истакнал загриженоста по повод намерата на Приштина од 15 март да започне со спроведување нови ескалаторни и длабоко дискриминаторски одлуки“ кои, како што напиша, „директно го загрозуваат опстанокот на српскиот народ“ на Косово.
Белград најавениот Закон за странци го гледа како можна закана за прашањето на престојот, работата и опстанокот на илјадници луѓе кои функционираат во системот на институциите на Србија.
Ова особено се однесува на образованието, бидејќи бројни студенти од Србија, од северот на Црна Гора, како и половина од професорите и соработниците на факултетите во Косовска Митровица, според новиот закон би можеле да се сметаат за странци.
Тие на територијата на Косово ќе можат да престојуваат најмногу три дена или да наведат причина за продолжен престој, а доколку причината е студирање или работа на некој факултет, таа институција мора да биде акредитирана во Приштина, пренесе „Н1“.
Вучиќ, како што наведе, побарал „меѓународната заедница најсериозно да ги сфати овие исклучително важни прашања и да направи сè за да обезбеди почитување на правата“ на српската заедница на Косово.
Тој нагласи и дека приклучувањето на Косово кон регионален воен сојуз „дополнително ги зголемува тензиите и ја загрозува безбедноста на српскиот народ“.
„Ја истакнав неопходноста, без понатамошни одложувања, да се пристапи кон конкретни чекори за формирање на Заедницата на српските општини (ЗСО), на која српскиот народ на Косово чека веќе 13 години“, наведе Вучиќ, алудирајќи на Бриселскиот договор од април 2013 година.
Со тој договор Приштина се обврза да ја формира ЗСО, но одбива да го стори тоа бидејќи не сака да им препушти извршни овластувања на локалните заедници со мнозинско српско население.
Со Соренсен се сретна и шефот на српската Канцеларија за Косово, Петар Петковиќ, кој изјави дека најавениот закон директно загрозува повеќе од 10.000 Срби кои живеат и работат во Косово, вклучувајќи ги нивните „основни човекови и граѓански права, правото на работа, правото на слобода на движење, правото на семеен живот, здравствена заштита и образование“.
И Петковиќ повтори дека е неопходно итно формирање на Заедницата на српските општини.
Косово со Декларација усвоена од Собранието на Косово прогласи независност на 17 февруари 2008 година. Независноста во меѓувреме ја признаа водечките западни земји, но не и Кина и Русија, како и пет земји-членки на ЕУ. Србија одбива да ја признае косовската државност.
Регион
Додик повторно ја поддржа руската агресија врз Украина: „Праведна борба“
Лидерот на владејачката партија во Република Српска, Милорад Додик, денес отворено ја поддржа руската агресија врз Украина, опишувајќи ја како „праведна борба“.
Придружувајќи се на бројните коментари по повод четвртата годишнина од рускиот напад врз Украина, Додик ја бранеше позицијата на Москва и ја оправда агресијата во објава на социјалната мрежа X, користејќи формулации за карактерот на таа војна што доаѓаат од арсеналот на руската пропаганда.
„На денот кога се одбележуваат четири години од почетокот на специјалната воена операција на Руската Федерација, нашата посветеност останува иста: поддршка на праведните цели на Русија и нејзините напори да ги заштити своите интереси и народот во Украина“, напиша Додик, кој во минатото постојано заземаше проруски позиции и ја обвинуваше Украина за војната.
Тој сега додаде дека Русија покажала доволно волја да го реши проблемот „преку дијалог и договор“, а кога тоа не успеало, рече тој, морала да прибегне кон сила за да ги обезбеди своите граници и територија.
Додик, исто така, го пофали рускиот претседател Владимир Путин, пишувајќи дека неговата решителност „го вратила статусот на суперсила на Русија, решена да не дозволи да биде загрозен ниту еден државен или национален интерес“.
Откако администрацијата на Доналд Трамп ги укина санкциите врз него минатата година, Додик почна да се фали со своите одлични односи со Вашингтон и неговата подготвеност да соработува со САД, но нагласи дека сè уште ја гледа Русија како клучен стратешки партнер.
фото/Depositphotos
Регион
Вучиќ за обидот за атентат врз него и неговото семејство: „Тоа се луѓе кои би убивале деца“
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се обрати на медиумите зборувајќи, меѓу другото, и за апсењата за обидот за убиство врз него.
Вучиќ изјави дека не знае кои се луѓето кои го планирале атентатот врз него и неговото семејство, но дека знае за нивната возраст, додавајќи дека од доказите видел дека станува збор за луѓе кои се спремни од тоа да го тепаат, па до тоа да го убијат неговото дете.
Вучиќ, одговарајќи на новинарско прашање за двајцата мажи кои беа уапсени во Краљево под сомнение дека планирале атентат врз него и неговото семејство, рече дека тоа е евидентирано како доказ.
„Она што го добив во материјалот, не знам точно за кои лица станува збор, знам од каде се, ги знам нивните години, па не навлегувам во сè друго. Единственото нешто што успеав да го видам е како треба да го тепаат моето дете до точка на врескање, до точка на колење“, рече Вучиќ.
„Гледам дека има околу 70 луѓе кои се залагаат тие да бидат ослободени. Зборуваме за луѓе кои би колеле нечии деца, тоа го имаме евидентирано како доказ“, рече Вучиќ.

