Регион
Млад полицаец само што завршил со смена, пошол дома и загинал од куршумот на масовниот убиец во Младеновац
Жителите на селото Дубона кај Младеновац се уште не можат да се приберат од она што виделе на лице место по масакрот што се случи во четвртокот вечерта кога У.Б.(21) со истрели од автоматска пушка уби осум лица, а рани 14. Меѓу жртвите е и М.П.(21), млад полицаец, чии пријатели и колеги се без зборови од тага.
Младиот полицаец загина во масакрот заедно со помалата сестра. Жителите на селото Дубона немаат ништо друго да кажат за него освен пофалби. Велат дека бил добар млад човек, вреден и секогаш подготвен да им помогне на сите.
„Сите сме шокирани, беше примерно момче, работливо и добро“, велат мештаните. Сè уште никој не може да поверува дека го нема.
Според мештаните, на лице место го пронашле неговите колеги кои останале без зборови кога ја виделе страшната глетка.
„Минатата година беше примен, беше примерно момче. Тој ден работел во смена со колегите, по што си заминал дома. Неговите колеги дошле на терен на повикот дека има пукање и го пронашле. Само неколку часа претходно биле на смена со него. Сите се потресени, се уште никој не може да се вразуми поради се што се случи“, вели жителот.
Мештаните се уште се во страв. Вакво нешто не е видено на нивно место и тешко дека во блиска иднина ќе можат да се вратат на нормалниот живот.
Кобната вечер У.Б со истрели од автоматска пушка уби осум лица.
„Убиецот излегол од автомобилот и рекол: „Легни на земја, ќе направам се да те убијам…““, рекол еден од очевидците.
Крвавата треска на избезумениот напаѓач започна во четвртокот доцна вечерта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Храната за бебиња „аптамил АР1“ повлечена од пазарот во Хрватска
Поради зголеменото присуство на бактеријата Bacillus cereus, хрватскиот Државен инспекторат го повлече од пазарот „аптамил АР1“, формула за бебиња, произведена од Nutricia Export BV од Холандија, соопшти Хрватската агенција за земјоделство и храна (HAPIH).
Ова е исклучиво за производот од 400 g (храна за посебни медицински потреби) со рок на траење до 17.5.2026 година и ЛОТ: 111444865. Дистрибутер на производот на хрватскиот пазар е AWT International d.o.o.
Производот не е во согласност со регулативата на Европскиот парламент и на Советот за утврдување на општите принципи и барања на законодавството за храна, основање на Европскиот орган за безбедност на храната и утврдување процедури во прашањата за безбедност на храната и водичот за микробиолошки критериуми за храна, објави 2Индекс.хр“.
Регион
Сараево меѓу најзагадените градови во светот утрово
Сараево утрово се најде на врвот на листата на градови со најголемо загадување на воздухот во светот врз основа на податоците собрани и систематизирани од швајцарската веб-страница IQAir.
Според податоците, квалитетот на воздухот во главниот град на Босна и Херцеговина беше во таканаречената кафеава категорија, што е највисокото можно ниво на предупредување или ознака за воздух опасен за здравјето на луѓето. Индексот на квалитет на воздухот беше 355, а сè над 300 се смета за опасно за здравјето.
Следниот град со најголемо загадување на воздухот во светот беше Лахор во Пакистан со индекс од 271, што спаѓа во категоријата многу нездрав воздух.
Концентрацијата на фини честички прашина во воздухот ПM 2,5, кои продираат длабоко во белите дробови и може трајно да го оштетат здравјето во Сараево, беше 53 пати поголема од годишната референтна вредност дозволена од стандардите на Светската здравствена организација (СЗО).
Сараево е на листата на најзагадени градови во светот од синоќа. Ваквата ситуација е честа појава во зимските месеци, особено во периодите кога има температурна инверзија, па добиената магла го покрива сараевскиот басен, а честичките штетни супстанции се акумулираат под него.
За најголеми загадувачи на воздухот во Сараево се сметаат многуте согорувачки постројки, кои користат цврсти горива, како и густиот градски сообраќај, кој вклучува голем број стари возила. Локалните власти со децении не успеваат да го решат овој проблем, според медиумите во регионот.
Фото: депозитфотос
Регион
Американец загина во Словенија: се искачувал на Триглав
Американски државјанин загина во Словенија, најверојатно откако паднал од планинарска патека на Алпите, соопшти словенечката полиција.
Семејството на 33-годишникот изјави дека тој тргнал на планинарење во понеделник наутро до Триглав, највисокиот врв во Словенија, а потоа исчезнал, објави словенечката новинска агенција СТА.
Неговото тело е пронајдено вчера околу 1 часот наутро на дното од планинарска патека. Полицијата соопшти дека првичните наоди укажуваат дека паднал по стрмна падина.
Идентитетот на починатиот не е објавен.
Словенија е популарна дестинација за планинари и алпинисти поради бројните патеки во Јулиските Алпи.

