Регион
Мнозинството Грци незадоволни од реакцијата на ЕУ за „Аја Софија“
Мнозинството Грци изразија незадоволство од меѓународниот одговор на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој најави дека ќе ја претвори „Аја Софија“ во џамија.
Анкетата, објавена од солунската телевизија „Вергина“, покажува дека 87 отсто од Грците се разочарани од реакцијата на Европската Унија кон потегот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да ја претвори „Аја Софија“ во џамија.
Мнозинството, 53 отсто, исто така смета дека грчката влада треба да стори повеќе за ова прашање, а 77 отсто не го одобриле ставот на Русија за ова прашање, пренесува „Прототема“.
Русија, како и Грција, има голема православна заедница и „Аја Софија“, најголемата црква не само во православието туку во целиот христијански свет сè до насилното освојување на Цариград (Истанбул) од страна на отоманските Турци, има големо религиозно и културно значење.
Кога станува збор за тоа како да се одговори на постапките на Ердоган, 68 отсто од Грците посочиле дека финансиските санкции ќе бидат соодветни, а 28 отсто сметаат дека ништо нема да го спречи исламистичкиот лидер.
Во меѓувреме, анкетата покажа дека 40 отсто од Грците се отворени за претворање на куќата на Мустафа Кемал Ататурк, основачот на модерна Турција, во Грција во музеј на геноцид врз хеленизмот. Сепак, 55 отсто не се согласуваат со ваквиот потег.
Грчката влада изрази противење на одземањето на статусот музеј на „Аја Софија“ на почетокот од овој месец, при што владиниот портпарол Стелиос Петсас рече дека овој потег ќе ги заостри односите меѓу христијаните и Турција.
Папата Франциско исто така се изјасни против преобразувањето велејќи:
„Со мислите сум во Истанбул. Мислам на ‘Санта Софија’ и чувствувам силна болка“.
Тој исто така му напиша писмо на Ердоган, во кое изразува тага и неверување од потегот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

