Регион
Могерини: Балканот е во Европа, затоа не сакам да го користам изразот проширување, туку обединување

Кога ќе ја погледнете мапата, Балканот е во Европа, изјави високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, на седницата на Комитетот за надворешни работи на ЕУ, наведувајќи дека не сака да го користи терминот „проширување”, туку„обединување”, објави порталот EWB.
„Кога ќе ја погледнете мапата на Европа, Балканот е во Европа, затоа не сакам да го користам изразот проширување, туку повторното обединување на Балканот со Европа”, рече Могерини, додавајќи дека ЕУ може максимално да го искористи своето влијание ако делува конзистентно.
Зборувајќи за достигнувањата на Европската служба за надворешни работи во изминатите пет години, таа ја искористи можноста да го пофали договорот постигнат меѓу Северна Македонија и Грција. Могерини очекува дека, според ветувањата, Северна Македонија и Албанија во јуни да ги почнат преговорите за членство во ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре ден на жалост и во БиХ поради трагедијата во Македонија

Владата на Босна и Херцеговина на денешната итна седница донесе одлука со која 18 март 2025 година го прогласи за Ден на жалост во Федерацијата Босна и Херцеговина поради трагедијата во Северна Македонија.
Оваа одлука е донесена за да се изрази сочувство до семејствата на жртвите од трагедијата што се случи на 15 март 2025 година во градот Кочани, Северна Македонија, кога најмалку 59 лица ги загубија животите во пожар.
Денот на жалост се одбележува со задолжително истакнување на знамето на Босна и Херцеговина на половина копје, или на јарболот, на зградите на законодавните, извршните и судските власти, јавните институции, институциите и другите правни лица на територијата на Федерацијата БиХ.
На Денот на жалост не може да се одржуваат културно-забавни програми на јавни места во Федерацијата БиХ, а медиумите на територијата на Федерацијата БиХ се обврзани да ја усогласат и прилагодат својата програмска содржина на Денот на жалоста.
Македонија
Вучиќ во посета на повредените од пожарот во дискотеката во Кочани

Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска ќе ги посети повредените од пожарот во дискотека во Кочани, соопшти Канцеларијата за односи со медиумите на претседателот на Србија.
Тој ќе ги посети повредените во 15 часот во Универзитетскиот клинички центар на Србија.
Во Србија синоќа од Македонија пристигнале 17 повредени, а се очекува да пристигнат уште 12.
Македонија
Србија испраќа нов авион за транспорт на уште 12 пациенти од пожарот во Македонија

На барање на Владата на Република Северна Македонија, денеска продолжува помошта и евакуацијата на повредените во пожарот во Кочани, соопшти српското министерството за одбрана.
„За целите на медицинска евакуација, уште еден авион на српската армија CASA C-295 со четворица лекари и четворица медицински техничари полета за Северна Македонија. Планирано е 12 пациенти да бидат евакуирани со авион. Потсетуваме дека синоќа 12 пациенти кои беа лекувани во Воено-медицинската академија и Клиничкиот центар на Србија, исто така, се превезени со воздухопловство на Србија“.
Покрај авионот, денеска во Северна Македонија беше испратено и амбулантно возило со медицински тим од Воената болница во Ниш за да ги превезе пациентите кои ќе бидат хоспитализирани во таа болница, пренесуваат тамошните медиуми.
Шест членови на Воено-медицинската академија останаа во Северна Македонија – двајца хирурзи, анестезиолог и двајца медицински техничари – инструментари за да им пружат помош на повредените.
Со авион на српската армија во неделата вечерта во Белград беа пренесени 12 пациенти.
По трагедијата во Кочани, 18 март во Србија е прогласен за Ден на жалост.