Регион
Момче во Србија ја украло заштедата на родителите и делело евра во училиштето за да биде популарно
Десетгодишно момче од Алексинац, Србија, ги зело заштедите на родителите од 3.000 евра и им ги поделило на соучениците во училиштето. Ученикот од четврто одделение во основно училиште само сакал да биде популарен меѓу своите врсници како момче од богато семејство.
„Во нивното одделение дошло момче, чии родители се прилично богати. За да го привлече вниманието на другарите, донел пари на училиште и ги одвел децата на пица, колачи, им купувал сокови. Потоа, другото момче, гледајќи дека претходното има многу пријатели, реши да ја стекне истата популарност“, открил извор за српскиот портал „24/7“.
Момчето на тој начин ја зело целата заштеда на семејството од 3.000 евра и почнало да им ги дели парите на пријателите на големиот одмор. Децата тоа го сфатиле како забава додека едно од децата не дошло дома и мајка му не му нашла 300 евра во неговите пантолони. На крајот, за сè биле известени родителите, а децата признале дека парите им ги дал соученик.
Парите на крајот им биле вратени на родителите на момчето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Студентите во Србија не се откажуваат: објавија нови планови
По големиот комеморативен митинг одржан на 1 ноември во Нови Сад, студентите на блокада од сите универзитети во Србија подготвуваат нови протести во нивната борба за распишување предвремени парламентарни избори.
Сепак, како што открија во едно интервју, плановите за овој месец се променети поради нивната поддршка за Дијана Хрка, а годишнината од блокадата, 29 ноември, се споменува како можен датум за следниот голем собир, објавува Нова.рс.
„Дефинитивно имаме план за нови протести, интензивно работиме на тоа, но некои неочекувани настани малку нè нарушија. Сега сите сме фокусирани на Дијана Хрка и поддршката што сакаме да ѝ ја пружиме. Имавме план за ноември, за протестите што ги одложивме“, рекоа студентите на Универзитетот во Нови Сад.
Покрај борбата за предвремени парламентарни избори, студентите подготвуваат и политичка програма. „Студентскиот список е готов, а сега сме фокусирани на политичката програма што ја подготвуваме заедно“, додадоа тие.
Студентите од универзитетите во Белград и Нови Сад нагласуваат дека ќе објават заедничко соопштение, или поточно најава за нови акции, дури откако сите пленуми ќе се согласат за идните планови.
„Само кога сите ќе се согласат, ќе знаеме кога ќе има нови акции. Нема одмор и не правиме паузи, но понекогаш се случуваат непланирани активности, како оваа со Хрка, што е наш приоритет. Се заседава секојдневно, а наскоро ќе имаме заеднички план“, велат студентите.
Тие нагласуваат дека се разгледува датум за следниот голем собир, но засега ништо не е потврдено.
фото: принтскрин
Регион
(Видео) Околу 50 маскирани лица дојдоа пред Српскиот културен центар во Загреб
Педесетина маскирани мажи, претежно млади луѓе, пристигнаа пред Српскиот културен центар во Загреб, каде што се одржува изложба.
Таму беа и неколку припадници на интервентната полиција.
Откако пееја „О Хрватска, о Хрватска, независна држава“ и скандираа „За татковината, спремни“, тие го напуштија местото на настанот.
Полицијата не интервенираше веднаш, а групата се оддалечи сама, пренесуваат хрватските медиуми.
Интервентната полиција запрела дел од групата, ги легитимирала, а потоа ги пуштила.
фото: принтскрин
Регион
Во Словенија од денеска границите ќе ги чува и војската
Припадници на словенечката војска од денес ќе учествуваат во чувањето на државната граница заедно со полицијата, откако владата еден ден претходно го активираше членот 37 од Законот за одбрана, што го дозволува ова, јавува словенечката агенција СТА. На овој начин, тие ќе и олеснат на полицијата за да можат да извршуваат задачи поврзани со управувањето со безбедносната состојба, особено во југоисточниот дел на Словенија.
Членот 37 од Законот за одбрана предвидува дека словенечките вооружени сили можат да соработуваат со полицијата во пошироката заштита на државната граница во рамките на националната територија во согласност со плановите и по претходна одлука на владата. Припадниците на словенечките вооружени сили немаат полициски овластувања при извршување на овие задачи.
Владата одлучи да го активира членот на вчерашната седница со оглед на безбедносната состојба во југоисточна Словенија, истакнува СТА. Како што изјави премиерот Роберт Голоб по седницата, полицијата може да ги повика припадниците на словенечките вооружени сили да помогнат во многу ограничен опсег на задачи на границата. На овој начин, армијата ќе им олесни на полициските единици од југоисточна Словенија.
фото: принтскрин

